Менталното здравје, како што е дефинирано од Светската здравствена организација (СЗО), претставува добросостојба во која поединецот го реализира својот потенцијал, може да се справи со оптималниот стрес во животот, може да биде продуктивен и да придонесува за заедницата во која живее. Тоа е дел од општата здравствена состојба, а не само отсуство на заболувања. Ги опфаќа емоционалната, психолошката и социјалната добросостојба на поединецот, а влијае врз тоа што тој/таа чувствува, мисли и како дејствува. Се препознава во начинот на кој поединецот ги гради врските со другите луѓе, како се справува со стресот, односно какви одлуки донесува и какви избори прави во животот. Гледано од развојна перспектива, менталното здравје е важно во сите возрасни периоди, почнувајќи од детството, па заклучно со четвртата возрасна доба (староста).
Нарушувањата на менталното здравје и злоупотребата на супстанции се меѓу главните причини за појава на различни видови тешкотии во оптималното функционирање на луѓето, во светски рамки. Емпириските сознанија во однос на разликите помеѓу мажите и жените покажуваат дека жените, генерално, повеќе се соочуваат со предизвици пред менталното здравје, отколку мажите. Сепак, треба да се има предвид дека проблеми со менталното здравје кај мажите можат да се појават поради причини и фактори што се различни од оние што ги засегаат жените. На пример, предизвиците кај мажите често произлегуваат од општествените очекувања и традиционалните родови улоги, што може да ги наведе да мислат дека мораат да бидат тие што ќе го издржуваат (и ќе се жртвуваат за) семејството, ќе манифестираат „машка“ цврстина, ќе ги потиснуваат проблемите во себе и нема отворено да зборуваат за чувствата и за тоа што ги мачи. Ригидното следење на ваквите верувања може да влијае негативно врз нивното ментално здравје и да ги спречи да побараат стручна поддршка и третман за депресија, анксиозност, панични напади, посттрауматско стресно нарушување и слично. Оттука, културната стигма околу менталното здравје е една од главните пречки поединците да си признаат дека се соочуваат со ваков предизвик и да побараат помош. Во оваа смисла, некои мажи признавањето и барањето стручна поддршка, за жал, го толкуваат како „знак на слабост“.
Анксиозноста и депресивноста се наведуваат меѓу најчестите нарушувања на менталното здравје, а варираат според степенот на сложеност, времетраење, интензитет и други параметри. Практиката покажува дека депресијата е речиси двојно почеста кај жените, но кај мажите веројатноста да побараат стручна поддршка кога се соочуваат со депресија е многу помала, отколку кај жените. Најчестиот тип анксиозност – генерализираното анксиозно нарушување – често се јавува истовремено со депресијата. Иако жените имаат двојно поголема веројатност да се соочат со ваква состојба, повторно, кај мажите веројатноста да се обратат кај стручно лице е значително помала. Согласно релевантната литература, некои анксиозни нарушувања, како што се социјалната анксиозност и опсесивно-компулсивното нарушување, се еднакво чести и кај мажите и кај жените.
Специјалистите за проценка и третман на менталното здравје нагласуваат дека мажите можат да имаат различни симптоми од жените и тоа да биде причина за задоцнето или погрешно препознавање. Така, на пример, стручните лица од Националниот институт за ментално здравје на САД посочуваат дека некои мажи кои се соочуваат со депресија ги кријат своите емоции и можат да изгледаат како да се лути, раздразливи или агресивни, додека многу жени изгледаат тажно или изразуваат тага. Исто така, тие забележуваат дека некои симптоми на депресија се физиолошки, како што се забрзана работа на срце, дигестивни проблеми или главоболки и, според нив, мажите поверојатно ќе одат на лекар поради физички, отколку поради емоционални симптоми.
Според некои автори, актуелната пандемија на Ковид-19 се вбројува во десетте најголеми пандемии во историјата на човештвото. Во историски пораст се анксиозно-депресивните состојби и се смета дека светското население е во т.н. колективна состојба на траума. Појавата на чувства на осаменост, збунетост, лутина, фрустрација и слично е честа кај многумина. Во таа насока, едно ново истражување спроведено на Клиниката во Кливленд, САД, ги испитува менталните и физичките последици од пандемијата врз мажи повозрасни од 18 години. Така, 77% изјавиле дека нивото на стрес им се зголемило за време на пандемијата, додека 59% изјавиле дека се чувствуваат изолирано. Понатаму, околу 45% изјавиле дека нивното емоционално и ментално здравје опаднале во овој период. Резултатите од друго обемно истражување спроведено во Холандија, а објавени годинава, покажуваат дека последиците врз менталното здравје од пандемијата на Ковид-19 различно се манифестираат кај жените и кај мажите. Имено, жените соопштуваат повеќе депресија, додека мажите соопштуваат повеќе анксиозност и нарушувања што произлегуваат од подолгите периоди на затворања и изолација. Во трето истражување спроведено минатата година на Универзитетот во Калгари, Канада, истражувачите соопштуваат дека е забележан прогресивен пораст на депресија, анксиозност, лош квалитет на сон и несоница, како и на трауми и кај мажите и кај жените, но дека овие состојби со текот на времето повеќе се зачестени и се влошуваат токму кај жените.
Препораките за одржување на оптимално ментално здравје што СЗО неодамна ги објави, одат во насока на минимизирање на гледање, читање или слушање вести за Ковид-19 што предизвикуваат чувство на вознемиреност, односно барање ажурирања на информации еднаш или двапати во текот на денот, а не постојано. Понатаму, следење информации само од проверени и веродостојни извори. Давањето поддршка и помош на оние на кои им е потребна, одржувањето на социјалните контакти (особено со најблиските), заштитувањето од запаѓање во состојба на хроничен стрес, одржувањето на квалитетна комуникација со членовите на семејството и со соработниците, вклучувањето во активности што овозможуваат релаксација и будат позитивни чувства, се исто така меѓу најчесто наведуваните фактори за одржување на менталното здравје на луѓето во овој период. Конечно, веројатно најважниот заклучок лежи во потребата од дестигматизирање и детабуизирање на барањето стручна поддршка и помош, како и во раното препознавање на симптомите и навременото преземање на сите неопходни чекори за колку што е можно поефикасно и поцелосно санирање на состојбата, пред таа сериозно да го засегне секојдневното оптимално функционирање на поединецот во општеството.