„Досегашните албуми се еден приказ на музичката еволуција на бендот како и неговото созревање“
Кога излегоа пред неколку години песните на бендот „Џун“ нè освоија од прва поради свежиот, нов звук на македонски бенд што ја разниша музичката сцена. Со нив позборувавме за музичкиот израз, новиот албум, досегашните изданија, како и искуството од учеството на многу познати фестивали ширум светот.
Со оглед на тоа што на македонската музичка сцена нема многу инди-поп бендови, како е да се продуцира и да се прави ваква музика во Македонија, кои се предностите, а што недостига?
Македонија, како поднебје, отсекогаш била плодна почва што создавала и создава голем број бендови од различни стилови. Продуцирањето на ваков стил музика за нас е природна, секојдневна работа, бидејќи веќе сме усогласени со размислувањето и чувството за тоа како треба да биде структурирана и да изгледа една наша песна. По 11 години поминати заедно, кога некој на проба ќе донесе идеја за нова песна уште веднаш знаеме дали таа песна ќе ја види „светлината на денот“. Предноста секогаш е тоа што публиката која првпат нè слуша има впечаток дека слуша странски бенд затоа што јазикот на којшто пееме е англиски и кога на тоа ќе му го додадете и стилот на музика што го свириме ретко кој на прва погодил дека се работи за македонски бенд.
Главниот недостаток е јазичната бариера, односно на македонски полесно се стигнува до срцето на пошироката публика во Македонија.
Како изгледаа почетоците на „Џун“ и какво искуство стекнавте низ годините, што научивте?
Почетоците беа интересни, спонтано ни се случуваа сите работи поврзани со развојот на бендот, но најважно е што никогаш ништо не сме форсирале. За првиот голем настап бевме „фрлени во оган“ како предгрупа на „Новел ваг“ и тоа дефинитивно беше пресудно да се посветиме толку ревносно на бендот и креирањето музика. Секако, тука е Бојана, која е главниот двигател на бендот (нашата мајка, сестра, кралица), чиишто песни беа првите што ги снимивме како бенд за првиот албум „Someday Soon“. Сè уште е таква ситуацијата, ☺ со тоа што во понатамошните албуми секој член на бендот придонесуваше со свои идеи, предлози и текстови за секоја песна што ја правевме.
Во текот на досегашната кариера напредокот е евидентен со фактот што снимивме три студиски албуми што квалитативно прогресираат кон сè подобар и подобар. Имавме таква „среќа“ да настапуваме многупати надвор од државата на помали, но и на големи фестивали и искуството што го стекнавме е непроценливо и засекогаш ќе остане врежано во нашите срца како нешто најдобро што ни се случило и што ни се случува во нашите животи.
Кој настап досега го има одбележано постоењето на бендот, што најмногу ви буди убави сеќавања од настапите?
Уффф, не можеме да се одлучиме за еден конкретен настап, но може да споменеме дека нашата музика има стигнато до најсеверниот дел на Холандија на фестивалот „Еуросоник“, како и други фестивали од кои би ги издвоиле „Сигет“, „Егзит“, „Вејвс Виена“, како и други помали фестивали. Спојот на различните карактери на секој од нас и дружбата што се случува додека си на некое патување и настап се она што константно ни ја полни меморијата со преубави случки и места.
Кои се најголемите предизвици за работа и правење музика во еден бенд? Како се организирате, каква поддршка си давате?
Создавањето музика или креативниот дел од процесот е спонтан и зависи од тоа колку ќе се внесеме во процесот, односно колку емоции ќе дадеме на тој процес на креирање на музиката, додека најголемите предизвици се во оној техничкиот дел што подразбира наоѓање на соодветно студио и човек кој технички ќе го „намести“ бендот да звучи добро. Понатаму следува снимање во зададен рок за секој член посебно и се трудиме во овој сегмент да бидеме крајно професионални, за да можеме еднакво да го искористиме времето за снимање. Потоа доаѓа делот на преслушување и преснимување делови и сегменти што треба да се коригираат и во овој сегмент сите заедно учествуваме, се консултираме и одлучуваме дали сме океј со снименото. На крајот, миксање, процес во кој исто така сите учествуваме со свои предлози и забелешки. Давањето поддршка еден на друг е сеприсутно во сите сегменти од процесот на креирање на музиката.
Сметате ли дека македонската публика се научи да слуша и поинаква музика од онаа на која бевме навикнати години наназад?
Дефинитивно да. Тоа се чувствува особено кога некој првпат ќе нè слушне и е задоволен/а од музиката со сигурност доаѓа на следен настап. Тука би го споменале МКЦ, кој е најзаслужен за музиката на бендови како нас да стигне до ушите и срцата на пошироката публика.
Колку сте задоволни од изминатата работа на трите албуми „Someday Soon“, „Indian Summer“ и „Living for The Weekend“? Што претставуваат лично за вас?
Трите досегашни албуми се еден приказ на музичката еволуција на бендот, како и неговото созревање. „Someday Soon“ е првиот албум кој е аматерски, искрен, но од друга страна тематски тешко љубовен. „Indian Summer“ е саундтракот на филмот „Џун“, а „Living for The Weekend“ е навлегување во нова територија, по карактер е посмел, но ги отсликува нашите згоди и незгоди во тој дел од животот кога е создаден.
Како влијаeше пандемијата и карантините на вашата инспирација и мотивација за работа?
Сè уште ни влијае многу тешко, но инспирацијата и мотивацијата се присутни, како и желбата за нов албум. Се организираме и свириме во групи од двајца и, ако ни верувате, сè уште немаме направено проба со сите членови заедно, но тоа не нè спречува да создаваме нови песни.
На што работите моментално, можеме ли да очекуваме нов албум или нови настапи наскоро?
Работиме на четвртиот албум, кој се надеваме дека ќе биде издаден годинава и целиот фокус е ставен на тој процес. Што се однесува до настапите, најверојатно кога ќе може да се свири на отворено, така што летото следната година, June во jуни.