Во недела, на 13 февруари 2022, во киното Фросина ќе се одржи премиерно прикажување на краткометражниот игран филм „Обичната Ели“, по сценарио и во режија на Лавинија Софрониевска, а во продукција на „Минимал Колектив“, продуцент Ивана Шекуткоска.
Филмот е одговор на вечното прашање дали човекот може да се ослободи од оковите на секојдневието и да се избори со осаменоста. Главниот лик Ели, кој го толкува фантастичната Изабела Новотни е соочен со една навидум едноставна дилема и пред неа е одлука која може да и го промени животот, но која истовремено ја парализира. Режисерката и сценаристка Лавинија си подигрува со мотивот на рибата, како симбол за безгласноста и животот во аквариум.
Директор на фотографија е добропознатиот Владимир Самоиловски, монтажата е на Мартин Иванов, сценограф Симе Бранов, костимограф Жаклина Крстевска, шминка Жанета Димитриевска.
Во сценографијата свои дела имаат вметнато и уметниците Синиша Кашавелски и Весна Стефановска.
Покрај Изабела Новотни, актерскиот ансамбл го заокружуваат и Тамара Ристоска, Кирил Пенушлиски, Матеа Бадаровска, Даница Георгиевска, Бранко Атанасов и Сузана Станковиќ.
Краткометражниот игран филм „Обичата Ели“ својот фестивалски пат ќе го започне на фестивал во Регенсбург, Германија, а освен во Европа ќе учествува и на интернационални филмски фестивали во Бејрут и Мароко.
Премиерата е закажана за 20.00 часот, а љубителите на македонскиот филм ќе имаат можност да го погледнат „Обичната Ели“ од 20.30 часот. Проекциите се бесплатни, времетраењето на филмот е 16 минути, но поради ковид протоколите и ограничените места продукцијата замолува навреме да се резервира билет на bileti@mkc.mk или на телефонскиот број 071 30 56 95.
.