Ненад Тонкин дипломирал на отсек вајарство со сценографија на ФЛУ Скопје 2019 година и дипломирал предучилишно воспитание на Педагошкиот факултет Св.Климент Охридски – Скопје 2009 година. Од учебната 2019/2020 е запишан на магистерски студии на ФЛУ Скопје, отсек вајарство. Добитник е на студентската награда „Петар Хаџи Бошков“ за успешна реализација во скулптура. Од 2014 година досега има реализирано пет самостојни ликовни изложби во Гевгелија, Кичево, Скопје и една онлајн и повеќе групни во Македонија, Италија, Германија, Словенија и Црна Гора. Компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар (три претстави) и филм (два краткометражни филма). Бил дел од организацискиот тим на првото издание на фестивалот КРИК, а сè уште е дел од тимовите на фестивалот „Прво па Женско“ и настанот „Пич Прич“. Од 2018 година заедно со уметницата Јана Јакимовска го започнуваат ликовниот проект Визија Скопје кој вклучува повеќе ликовни уметници и студенти по ликовна уметност и архитектура. Визија Скопје има за цел преку саркастичен, хумористичен, но и сериозен пристап да понуди можни решенија за изгледот на централното градско подрачје и пошироко.
Моите уметнички дела се олицетворение… на мојата состојба и моите чувства во одреден момент кои се испровоцирани од некој фактор. Тој фактор, општествен, политички, човечки, природен…, кај мене побудува дилеми и прашања кои ме оптоваруваат и ми создаваат притисок. Тоа влијае, односно го иницира процесот на создавање уметничко дело кое пак е начин за надминување на тој притисок, а со тоа и ослободување од провокацијата предизвикана од одредниот фактор.
За еден уметник да твори е најважно… да постои проблем. Тоа е искра за натамошни размислувања и изнаоѓање разни начини за пристап кон тој проблем. Крајниот исход е создавање уметничко дело или дела кои може да се решение или да се показател за полесно согледување на проблемот. Исто така може да се искажан став и критика во однос на тој проблем.
Инспирација и мотиви наоѓам во… себе, во моето секојдневие, во начинот на кој јас ја согледувам и доживувам околината, емотивно, социолошки и политички, и во заемниот однос со таа околина. Чести теми за размислување ми се: јас и моето минато, јас и општеството, однесувањето на луѓето како колектив и/или индивидуално, човекот и природата.
Со уметност се занимавам од... многу рана возраст, од основно образование. Најпрво почнав со теоретско изучување на музика, потоа свирење во музички групи од средношколските денови средината на 90-тите сè до 2015 година. Во меѓувреме се занимавав со компонирање музика за театар, за подоцна, најточно од 2014 година активно да започнам со визуелно ликовно изразување. Ликовното ме интересирало уште од многу одамна, но не сум имал прилика тоа да ми биде примарен фокус. Затоа 2019 година дипломирав на ФЛУ како мој втор факултет и сега тоа ми е професионална окупација 🙂
Најдобрата позитивна критика што сум ја добил… е дека сум упорен и темелен, пристапувам позитивно и оптимистички и го исполнувам тоа што сум го замислил.
А негативна… дека го бирам потешкиот пат и тоа некогаш ме прави бавен во реализацијата.
Најчесто се вели дека делата говорат за внатрешните чувства на уметникот… Секако. Тоа е енергијата која те води во процесот на создавањето. Без чувствата ќе остане само механичкиот, рутинскиот дел при изработката што не е доволен сам по себе и тогаш делата нема за што да говорат. Човекот општи со светот споделувајќи ги своите чувства… тоа е неминовно.
Најголема можност за еден уметник да допре до поширока публика е… преку работа, и тоа многу работа и цело време. При тоа да греши и да учи од грешките, да истражува, да се надградува и да работи, многу и цело време 🙂
Индивидуалноста и креативноста на еден уметник најмногу доаѓаат до израз… со искреност и искуство. Без тие вредности нема автентичен израз, а со тоа не постои индивидуалност. Ако пробаме да претставиме нешто што го немаме искусено тоа ќе биде неискрено, лажно претставување и тоа најмногу се приметува во делата кои се создадени без искреност.
Изложбата „Модулар“ беше одраз на… долгорочното набљудување на мојот роден град Скопје и неговите трансформации, најмногу насилните трансформации. „Модулар“ е реакција на тоа насилство. Тоа нуди можни решенија за интервенции во јавен простор без да се наруши слободата и естетиката на тој простор, решенија за создавање на градски катчиња каде е возможна интеракција на луѓето и животните со модуларните, скулптурално-архитектонски објекти.
Уметничките инсталации се интересен начин да се претстави секојдневието… Да, но и да се промени тоа секојдневие и да се промени начинот на кој го доживуваме. Секојдневието често знае да е еднообразно, повторувачко и досадно. Кога едно уметничко дело ќе отвори простор за размислување, прашања и преиспитување на одредени вредности тогаш тоа е на добар пат да предизвика промена и да го направи живеењето поразлично од тоа што е.