Хумусот или кралот помеѓу намазите потекнува од кујната на Блискиот Исток, но е сѐ поприсутен на трпезите и на полиците во маркетите на Запад, а во последно време и кај нас. Популарноста на хумусот се должи на неговиот карактеристичен и богат вкус, текстурата, но и заради фактот дека е еден од најздравите намази кои можат да се купат. Неговото име во буквален превод на арапски значи наут (познат и како леблебија или слануток) кој е всушност неговата главна состојка, покрај таанот, лимонот, лукот и маслиновото масло.
Добар вкусен хумус со кремаста лесна структура може да се подготви и во домашни услови, а за тоа не е потребен супер моќен процесор за храна или блендер. Целата работа може да се заврши со најобичен рачен блендер или сецко доколку се применат неколку клучни трикови.
Овој рецепт за хумус се однесува на основата форма која е доволно вкусна и сама за себе. Варијации се можни со додавање на различен зеленчук, тревки или зачини при блендирање на смесата, како цвекло, магдонос, нане, тостиран сусам, куркума, маслинки, семки од сончоглед и тиква и слично.
Потребни состојки:
- 1 конзерва наут (240 гр / 400 мл) измиен и процеден (или 240 гр зготвен наут)
- 1/2 лажичка сода бикарбона
- 60мл цеден сок од лимон (повеќе по вкус)
- 1-2 чешниња лук
- 1/2 лажичка сол
- 120 мл таан
- 2-4 лажици ладна вода (по потреба и повеќе)
- 1/2 лажичка кумин
- 1 лажица ладно цедено маслиново масло
Подготовка:
- Наутот се става во тенџере, се додава содата и се прекрива со вода. Се зоврива и се остава да вари 15-20 минути. Сварениот наут убаво се измива од содата со проточна ладна вода која ќе го стопира процесот на готвење. Во овој момент можат да се извадат лушпите за екстра кремаста текстура, но не е неопходно бидејќи содата придонесува целото зрно (вклучувајќи ја и самата лушпа) да се распадне при обработка и да се претвори во глатка смеса.
- Во блендер се ставаат лукот, солта и лимоновиот сок и се блендираат додека лукот не се иситни убаво. Смесата се остава да отстои барем 10 минути, така лимонот ќе придонесе горчината на лукот да добие помека нота.
- Се додава таанот, а постепено после тоа се додава и ладната вода сѐ додека не се добие посакуваната кремаста конзистенција.
- На крај се додаваат куминот, наутот и маслиновото масло кое се налива последно и постепено.
- Пробајте го добиениот хумус пред да го префрлите во сад или чинија за сервирање и доколку има потреба додадете сол или лимонов сок.
Хумусот може да се сервира со најразлични додатоци: маслиново масло (во браздички направени со лажица за да не се разлее), крупна сол, мелен бибер, свежи зачински тревки (нане, магдонос, рузмарин, босилек, копар,…), црвен пипер, буковец, свежо чили, куркума, ситно сецкан кромид, потпечен сусам, потпечен наут, маслинки, кора од лимон, семки од сончоглед, семки од тиква,… Комбинациите се бесконечни, а резултатот е вкусно умами задоволство.
На здравје 😉