Композитор, Дизајнер на звук, Тон мајстор, обичен лик, татко, пријател, веројатно во крстозбор никогаш не би ме препознале…
Љубов на прв поглед
Со музика се занимавам од кога паметам за себе. Техниката и технологијата и нејзината употреба од секогаш ми биле пасија. Кога ќе погледнам наназад, а притоа несакајќи да делувам стар, најмалку дваесет години. Љубовта што ја имам кон музиката потекнува уште од детство, затоа што татко ми беше пасиониран колекционер на плочи и едноставно бев опкружен со музика.
Busy-Busy
Моментално пробувам да направам ред во креативниот хаос работејќи паралелно на пет филмски проекти, а притоа обидувајќи се да направам место за уште два нови.
Преброј се…
Јас сум творец, а не хроничар. Во моментов размислувам само како да ги завршам започнатите проекти :).
Passport control
Сега за сега поширокиот балкански регион е поле каде што сè повеќе се препознава мојата работа. А во иднина се надевам дека тој регион ќе биде проширен и со нови простори на креативно изразување.
Локал патриотизам
Македонскиот филм е се повеќе присутен на европските и светските фестивали, што е доволен показател за неговиот квалитет. Сум имал среќа што сум работел на повеќе проекти и како саунд дизајнер и како композитор, а биле присутни и освојувале награди на фестивалите ширум светот. Новите генерации на филмаџии ги следат случувањата во светскиот филм, кои ние како македонски автори се трудиме да ги достигнеме.
Дилема
Филм, секако, како подолга форма во која имаш повеќе простор да се изразиш. Но и некои реклами исто така знаат да бидат и тоа каков предизвик.
Packi VS…
Сум работел со дел од бендови и автори кои сакале да имаат соработка, секако станува збор за автори кои повеќе се од алтернативната сцена:„Чиста Околина“, „Foolish Green“, Мијата, „Bei the fish“ и „Harmosini“ итн.
Sound on
Никогаш не сум се ограничувал во музиката која што ја слушам. Единствена класификација ми е квалитетот на нивната работа. Но кога веќе би требало да издвојувам прв на списокот во овој момент ми е Александар Десплат.