Цената децата да ти се занимаваат со спорт, малце посериозно од хоби е што треба активно да си вклучен во целиот тој процес, најмногу како вистинска такси служба. Моите викенди најчесто изгледаат слично, стадион, сала, турнир… Бидејќи цел живот премногу сакам спорт, некако овие мои активности не ми паѓаа многу тешко. Но еден ден, една моја добра пријателка во неврзан разговор ми рече:- Како издржуваш, јас би полудела, не можам да поднесам да гледам фудбали. Кога ќе размислам, ти секогаш имаш таква машка енергија во себе. На почеток оваа констатација не ме допре, но по неколку часа почна да ме мачи, каква е таа машка енергија, што оставам впечаток дека ја носам. И се јавив да ми објасни и ми рече:- Мислам дека си научена да ги туркаш сама работите до крај, стално брзаш нешто, правиш нешто, повеќе го кажав како комплимент. Знаеш, не си женствен тип на човек.
По разговорот, не бев задоволна од одговорот и сè уште нешто ме мачеше. Дали навистина во морето обврски, во сите животни предизвици толку многу се имам одалеченоод мојата женственост или само не ја препознавам во секојдневниот напорен ритам, што животот ни го наметнува. Кога почнав да размислувам малку подлабоко сфатив дека всушност, не можам ни точно да дефинирам што за мене претставува женственоста. Дали тоа е некоја вродена суштина, усвоен модел на изглед и однесувањеили едноставно простор на внатрешна слобода? И каде во сето тоа се наоѓа мојата автентичност, дали сум тоа што ме изградиле околностите или нешто што сè уште чека да биде изградено. Зашто не наоѓав одговор, почнав да читам што всушност значи таа женственост за која толку лесно зборуваме и ја поистоветуваме со многу работи. Не најдов ништо конкретно, сè што беше напишано повеќе имаше врска со состојба, способност да забавиш, да почуствуваш, да не отурнуваш сè што е меко во тебе, само затоа што не е практично. Кратко објаснето тоа би било процес во кој треба да си присутна, свесна и отворена за примање работи што не се во твоја контрола. Некоја енергија која повеќе е телесна отколку ментална, креативна, во која треба да си дозволиш да правиш грешки, да си простиш, да ги прифатиш сите твои болки и страдања и да продолжиш во спокој и мир со себе. Дефинитивно речиси сè што прочитав беше спротивно на начинот на кој функционирам. Секој ден наместо присутност-анализа, наместо прифаќање-преиспитување, наместо разбирање за себе и прифаќање, постојано ги отурнувам и кријам сопствените слабости во брз, хаотичен начин на живеење. Вистинско, тивко самоизмачување… Се прашував дали толку сум далеку од себе или едноставно ова е мојата форма на постоење, што сум ја усовршила до автоматизам.
И тамам кога почнав да се прашувам што ми фали, ми текна дека никогаш не сум се прашала што веќе имам. И дали тоа што сум, наместо недостаток, е само поинаква организација на истата суштина. Можеби моите деца нема да ме памтат по тоа колку сум била „во баланс“, туку по тоа што сум била тука за нив, присутна, нивна најголема поддршка на секој стадион и во секоја сала. Можеби некому моите преиспитувања некому ќе му изгледаат како хаос, а некому како искреност што се препознава. А можеби токму во тој немир, во таа постојана внатрешна потрага, лежи суштината на мојот живот не совршено среден, туку вистински проживеан.
Извор: Здравјето пред сѐ, АД Алкалоид


