Оваа година, фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО застанува цврсто зад транспарентот: Жените се малцинство. Со ваквото политичко позиционирање имаме за цел да го преиспитаме значењето на терминот „малцинство“, свесно одбегнувајќи ја неговата национална, доминантна претпоставеност. Сакаме да посочиме дека во значењето на овој поим многу поважни се, всушност, односите на моќ помеѓу најразличните општествени групи, како и доминацијата на едни врз други. Таквата доминација секојдневно се случува преку вкоренети штетни политички уредувања и општествени норми, кои подразбираат дискриминација на мноштво идентитети што не се вклопуваат во идеалот што му е припишан на хегемониското мнозинство. Токму затоа, прашањето за малцинствата е и феминистичко прашање.
Овогодинешната програма на Прво па женско ќе опфаќа две изложби, акустичен концерт, разговор што може(ше) да биде перформанс – каде ќе се споделат искуства на уметниците во театарот и изведувачките уметности за време на пандемијата, потоа младинска програма со фокус на менструалната сиромаштија, мапирање на женското културно наследство на градот Скопје, филмска програма во соработка со Музејот на современа уметност, и диџеј сетови. Целата програма е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата, каде ние како организатори во соработка со институциите, ќе внимаваме да се почитуваат целосно.
Значителен дел од програмата на овој фестивал спаѓа во рамките на Women on Women (WoW) проектот – кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, што Tiiiit! Inc. го спроведува заедно со Mesto Žensk од Љубљана, К-Zona од Загреб и Outlandish Theatre Platform од Даблин. Проектот се фокусира на родовата еднаквост низ феминистичка перспектива, трасирајќи го наследството на жените (жени, трансродови и интерсекс луѓе кои се идентификуваат како жени), особено низ интерсекциска перспектива, како и перспектива на различностите. Оваа и следната година, дел од програмата на ПРВО ПА ЖЕНСКО се реализира во рамки на овој проект, а фестивалскиот тим е засилен со членките на локалната WoW група – жени од различни социјални, економски, културни, етнички и генерациски позадини, кои се дел од подготовките и реализацијата на проектните активности и уметничките програми. Заедно со нив правиме Фестивал кој ќе ве инспирира и воодушеви до степен да кажете wow!
Со своето осмо издание, ПРВО ПА ЖЕНСКО започнува посветено да ја реализира својата зелена агенда и преку конкретни акции да го промовира прашањето за заштита на животната средина, кое е несомнено и феминистичко прашање. Зошто? Па затоа што родовата нееднаквост и глобалната неправедност произлегуваат од истиот систем кој ги експлоатира природата и нејзините ресурси, исто како што ги експлоатира и луѓето.
Визуелното решение за осмото издание на фестивалот, ни го подари
интердисциплинарната уметница и архитектка Тамара Забазноска, на што сме ѝ особено благодарни.