Младата архитектка Тијана Стојковска еднаш ја претставивме како Уметница на неделата, а овојпат ја имаме како дел од соработката со East Gate Mall .
Како ги спојувате архитектурата и илустрирањето?
Архитектурата и уметноста воопшто, се многу тесно поврзани помеѓу себе. Во процесот на архитектонското творење – уметноста, креативниот порив и инспирацијата играат важна улога, а од друга страна архитектурата и просторите кои ги обликува можат да бидат добра инспирација за креативни дела од различни сфери – сликарство, фотографија, дизајн, мода и многу други. Фокусот на моите колажи и илустрации се токму архитектонските градби од причина што сакам да ги претставам во едно поинакво светло, за да ја нагласам нивната индивидуалност и уникатност. Создавањето на нови атмосфери и поинакви доживувања на архитектонските градби се клучен аспект во моите дела.
Од каде црпите инспирација за делата и што ви дава креативен порив при креирањето?
Креативните идеи за делата најчесто се резултат на мојата имагинација и начинот на кој јас ги доживувам градбите кои ги претставувам. Инспирацијата можам да ја пронајдам и во најсекојдневните нешта кои ме опкружуваат, но најмногу во природата.
Кој правец од архитектурата особено ве воодушевува?
За мене брутализмот има посебно место, иако е еден од најомразените правци во архитектурата на 20-тиот век и заборавено споменично и архитектонско наследство од социјалистичкиот период. Бруталистичките градби се моќни просторно волуменски структури со експресивни форми и богатство на облици. Нивните впечатливи просторни решенија се на границата меѓу архитектурата и скулптурата. Преку експриментирање со пластичните својства на натур бетонот се создава богатство од текстури преку кои можеме директно да се поврземе со брутализмот. Преку допирот, сетилата. Убавината на оваа архитектура се крие и во аранжманот на светлото и сенката, во контрастот создаден помеѓу различните елементи. Нашата земја за среќа поседува богат опус на бруталистички градби, но за жал тие се загрозени видови кои заслужуваат многу повеќе грижа и внимание од наша страна.
Како ја дефинирате вашата уметност и што значи живеењето во Скопје за вас?
Моите дела се комбинација од реалното претставено преку значајни градби и сегменти од градби од македонската архитектура, и надреалното претставено преку новиот имагинативен контекст во кој ги вметнувам тие градби за да создадам нов начин на нивно перцепирање и доживување. Мислам дека ако ги занемариме негативните аспекти, животот во Скопје нуди многу можности за младите луѓе, но во одредени сфери има потреба од што поскори промени. Од друга страна сè поголемата енергија и мотивираност на младите, сè почестите иновативни и креативни пристапи кон одредени проблемски подрачја на градот како да навестуваат дека вистинските промени наскоро ќе се случат.
Што претставува за вас East Gate Mall и која содржина од трговскиот центар најмногу ви се допаѓа?
East Gate Mall како нов архитектонски концепт може да придонесе за создавање на нова концентрација на активности и можности за различни таргет групи на корисници, а преку интегрирање на различните програми и содржини во себе, овозможува нивна интеракција и мешање, со што може да се зголеми динамичноста не само во објектот туку и во околната урбана средина. Особено е интересна пешачката патека низ објектот која овозможува создавање на постојано активни и стимулирачки јавни простори и инкорпорирање на елементи на градскиот живот внатре во објектот.