„Училница“ е алтернативен образовен простор создаден за деца и млади. Место за развивање на таленти, место за учење и бескрајни можности.
Нивните програми, именувани како Училници, се единствени од таков тип на пазарот на неформалното образование, поради уникатноста на темите и начинот на кој се обработуваат наставните планови.
Во „Училница“ нема погрешни прашања, класична, досадна настава и оценки. Училниците претставуваат спој на технологијата, иновацијата и уметноста, сè со цел да се поттикне креативност, интерес за учење и размислување кај децата.
Пристапот на едукација во „Училница“ има за цел да произведе критичка мисла кај децата, да ги ангажира и оспособи за предизвиците кои ги носи времето и растењето. Ова „Училница“ го остварува со внимателно избрани, стручни ментори и средина во која не се ограничуваат детските мисли и идеи.
„Овде не сме на час, па децата се свои, со слободен простор да бидат она што се – астрономи, писатели, сликари, дизајнери или филозофи“, велат од „Училница“.
Тоа се и Училниците кои досега се остварени и кои ги имаат посетено околу 300 деца на различна возраст, онлаjн и со физичко присуство, во текот на едногодишното постоење на „Училница“.
Што сè може да се учи во Училница?
Редовните Училници кои децата може да ги посетуваат се за астрономија, графички дизајн за деца, глума, стрип, филозофија за деца, како и Училница за креативно пишување.
Што се случува во Училница за време на летниот распуст?
Покрај овие Училници, како одговор на недостатокот на едукативни и забавни програми кои поттикнуваат дружење на децата за време на летниот распуст, „Училница“ има создадено нова летна програма – „Училница, секој ден!.
Летната програма на „Училница“ е наменета за деца на возраст од 6 до 9 години.
Во рамки на летната програма- „Училница секој ден“, часовите ќе се одржуваат во текот на денот, секој работен ден од 12 до 16 часот. Понудените активности може да се посетуваат заедно, но и поединечно, во текот на една недела или во текот на месецот.
Преку спој на часови за глума, цртање и креативно изразување, менторките на Училница, актерката Наташа Петровиќ, графичката дизајнерка Јулијана Росоклија и филологот по компаративна книжевност, Марија Бошковска, заедно со децата ќе смислуваат ликови, светови и настани кои ќе ги сместуваат во приказна. Тие преку јазична игра и забава ќе ја развиваат креативноста и имагинацијата на децата.
Програмата на „Училница, секој ден!“ ќе започнува од 12 часот, со смислување приказни. Овој дел од програмата го води Марија и целта е низ вежби и читање, децата да создаваат ликови, светови и настани кои ќе си најдат место во оригинална приказна.
Смислените ликови и приказни, децата ќе имаат можност визуелно да ги претстават преку работа со менторката за цртање, Јулијана. На часот по цртање, со молив и бои, децата ќе имаат можност да создадат свои оригинални уметнички творби и да го замислат светот преку слики. Во тоа време заедно со менторите децата ќе создаваат и доживуваат ликовна, визуелна и цртачка авантура.
Преку часовите за глума, децата со менторката Наташа, ќе може да се изразат преку игра и глума, каде заедно со неа ќе ги „оживеат“ претходно смислените и нацртани ликови преку маскирање и драмска игра. Ваквиот тип на практични вежби ја зголемуваат самодовербата, ја подобруваат комуникацијата и ја поттикнуваат детската фантазија.
Ова е прилика децата да се запознаат со основите на јазикот и сказните, да научат да цртаат приказни и да играат ликови. Часовите во рамките на „Училница, секој ден!“, следствено се надоврзуваат и надополнуваат еден со друг. Иако функционираат како засебни програми, следени еден по друг, часовите, формираат комплетен пакет. Резултатите од оваа комбинација остава трајни и брзо видливи резултати во развојот на детската фантазија, емпатија и слобода за креативно изразување.
Понудените активности може да се посетуваат заедно, но и поединечно, во текот на една недела или во текот на цел месец. За повеќе информации прочитајте – тука или контактирајте ги директно „Училница“.
„Училница, секој ден“, овојпат понудена во вид на дневен летен престој, е вовед во она што подетално се изучува на Училниците кои ќе бидат достапни од почетокот на месец септември.
Кои се досегашните искуства и реакциите на родителите?
Училница за филозофија со деца
Филозофија е да се одговори на тешките прашања со длабочина и проникливост. Училницата ја развива детската љубопитноста, критичкото и творечко мислење и имагинацијата, врз база на принципот „не постои погрешен одговор“. Ова од децата гради прогресивни и слободни индивдуи со свое Jас и социјални вештини кои поразбираат меѓусебната почит, разбирање, соработка и емпатија.
„За нас е од особено значење да Вега сфати дека постојат добро изградени различни мислења и несекогаш има една ултимативна вистина. Овие часови и неверојатните предавања во Училница ѝ го посочија тоа. Со толкава претпазливост, професионалност, внимателност. Апсолутно имаме целосна доверба.“
Лабина, мајка на Вега (8 години)
Астрономијата е една од најстарите науки. Таа го обединува и вчудоневидува сите, големи и мали. Експериментите и примената на современа технологија се составен дел од Училницата за астрономија. Според досегашното искуство, од „Училница“, велат дека ова се има покажано како многу успешна комбинација која кај децата поттикнува интерес за сродни научни теми како физика и математика.
„По секој час, Јан чувствуваше одговорност да ме научи и мене за она што го дознал на часот. Воодушевувањето беше секогаш огромно, а јасно се гледаше и дека она што го научил, го сфаќа и знае да го примени во контекст. Најмногу ми се допадна што средината за учење беше динамична и што секој час употребуваа различни алатки за да научат нешто ново.“
Тамара, мајка на Јан (7 години)
Училница за креативно пишување
Книжевноста е уметност која што највешто ја менува реалноста во приказна и приказната во реалност. Книгите ги менуваат луѓето. А тие еден по еден го менуваат светот. Со оваа Училница се поттикнува слободата на мисла, изразувањето без граница и примената на јазикот на необични и иновативни начини. Часовите го подобруваат односот на децата со јазикот, ја охрабруваат играта со зборови и ја подобруваат јасноста во комуникацијата и пишувањето.
„Училница ни пружи супер прилика да се сретнеме и приближиме до уникатен и интерактивен начин на настава. Илин секогаш сакал да чита книги, а по часовите многу си го збогати речникот со нови фрази и зборови.“
Гордана, мајка на Илин (11 години)
Стрипот е за сите, па тука нема ограничување на возраста, од најмали до најголеми, сите можат да редат слики – мисли и да создаваат визуелни приказни. Дополнително цртањето игра клучна улога во менталниот, когнитивниот, социјалниот, интелектуалниот и емотивниот развој на детето. Ова е само мал дел од она што оваа Училница има да им го понуди на децата.
„Никола успеа да ги оживее своите омилени херои. Училница е одлично место за развој на креативниот потенцијал.“
Весна, мајка на Никола (7 години)
Глумата развива вештини како подобрени вештини за орална комуникација, емпатија, вештини за слушање, самодисциплина. Оваа Училница им покажува на децата како да бидат флесибилни, самоуверени и способни да се прилагодат на различни ситуации. Училницата за глума е важна за повеќе аспекти во развојот на малите деца. Тоа подразбира: ангажирање во уметничка и изведбена сфера која отвора свет на откривање, развој и самоизразување.
„Уникатно место каде Ана научи што значи креација на лик и имаше простор за изразување. Можноста за слободна мисла и методите за учење се причината поради која што ја одбравме Училница.“
Иван, татко на Ана (9 години)
Визуелниот јазик е универзален, а графичкиот дизајн негова наука. Од првите пештерски слики па се до Instagram филтрите денес – опкружени сме со слики. Училницата за графички дизајн е спој на технологија и креативно визуелно изразување. Талентите не се раѓаат, талентите се негуваат. Така оваа Училница ги негува специфичните афинитети кај децата со насочување и внимателно менторирање.
„Илустратор и фотошоп се програми кои јас не ги разбирам во целост, но за Марија тоа веќе не е проблем. Преку неверојатно спремна настава и програма, Училница успеа да ги научи децата работи кои со сигурност знам дека ќе се дел од дигиталната иднина понатаму.“
Славица, мајка на Марија (12 години)