Јулијана Росклија (@julesontabularasa) e дипломиран графички дизајнер на Факултетот за дизајн и мултимедија при ФОН Универзитетот. Магистер е по Социјален дизајн и урбани иновации при Универзитетот за применети уметности Виена, каде за време на студиите работи како графички дизајнер за студиото на отсекот. Креативното „дома“ ѝ е „Училница“ – платформа за неформално образование на деца и млади во областа на технологијата, иновацијата и уметноста, каде работи како графички дизајнер и илустратор.
Портфолиото и варира од дизајн на детски интерактивни списанија, борд игри со едукативна содржина, дизајн на постери, каталози и други печатени медиуми во областа на фотографијата, архитектурата и социјалниот дизајн и дизајн на содржини за социјални мрежи; Во областа на социјалниот дизајн, има работено на дизајн на програма за летни креативни детски работилници при Детскиот Универзитет во Виена (KinderuniKunst). Во истата област се занимава и со трансдисциплинарни, истражувачки проекти, од кои досега фокусот и бил претежно на тема маргинализирани групи во јавен простор. Со неа поразговаравме за графичкиот дизајн, нејзините илустрации, што ја мотивира и најголемите предизвици.
За еден уметник/графички дизајнер да твори е најважно… да научи да ја разликува уметноста (во класична смисла) од графичкиот дизајн, бидејќи нивните функции се подеднакво важни, но различни. На тој начин има најголеми шанси да го извлече најдоброто од двете.
Инспирација и мотиви за цртање наоѓам во… секојдневието, кога го доживувам како што Ефраим Кишон го опишува во своите дела. Инаку, идеи наоѓам во омоти на стари плочи и музиката на нив, во предмети за секојдневна употреба (иако се уште не сум се инспирирала од даската за пеглање), во луѓето што ги среќавам, во луѓето за кои слушам…
Цртањето за мене значи… професија, (не)пријател, сојузник, издувен вентил, оружје, глас, бунт, занимација за раката додека телефонирам, визуелен приказ на нешта за кои сакам да зборувам, а и на оние за кои сакам да молчам.
Најмногу сакам да илустрирам… со молив на хартија. Сакам да ги „оживувам“ предметите, да им дадам карактер, да ги претворам во ликови со „табиет“. Инаку, еден од омилените мотиви (од жива природа) ми е октоподот, кој се провлекува низ многу мои илустрации. Мислам дека е тотално откачен мекотел. Иако во уметноста и дизајнот е претставен безброј пати во различен контекст, мислам дека е мотив, кај кого секој пат одново се откриваат нови детали.
Пораката што сакам да ја пренесам преку илустрациите е… секогаш различна, но искрена. Со текот на времето се „оперирав“ од стравот за тоа како некој ќе реагира на илустрацијата и како ќе ја интерпретира. Кога човек стои зад тоа што сака да го каже, секаква реакција е добредојдена и поздравена.
Илустрација што досега ми била најголем предизвик… веројатно е илустрацијата, која за првпат од хартија и компјутер требаше да ја пренесам на ѕид во голем формат. Бев соочена со огромна површина и нов начин на работа, ама страшно многу се забавував додека работев на неа, што се рефлектираше и во резултатот.
Со графички дизајн се занимавам од… пред 6-7 години, „официјално“. За време на студиите добив можност да работам на разновидни професионални проекти, кои се покажаа како одлична пракса, покрај теоретското и техничко знаење што го добивав. Не знам што значи големо или мало искуство во временска смисла, бидејќи мислам дека тоа зависи од динамиката со која секој дизајнер се гради и работи. Моето досегашно искуство е возбудливо и разновидно, се надевам ќе остане такво.
Најдобар дизајн досега што сум го видела на бренд… не бил еден (ако воопшто постои еден најдобар), но меѓу оние, кои ми оставиле впечаток се на Lego, Albertina музејот во Виена, 25hours hotels и BVG Berlin. Постојат многу други, ама на нив веројатно ќе се сетам по објава на ова интервју (како на добар аргумент после кавга).
Најважно за успешен дизајн… е хумор, слобода, љубопитност и евентуално упис на втор факултет по психологија. За еден дизајнер важно е да знае добро да слуша – не само за она што се бара од него, туку и за приказната зад производот/брендот. Важно е да се ослободи од својата титула и за момент да се стави во улога на клиентот (потрошувачот). И, никогаш да не престане да учи, дури и во текот на работниот процес – да не престанува да ја испишува својата умствена tabula rasa.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добила…е, од една страна, онаа на колеги од професијата, чие мислење посебно го ценам. Од друга страна е таа на одредени клиенти, со кои соработувам веќе подолго време – во реализацијата на нивните проекти изгледа сум направила нешто како што треба, хаха. Се трудам да создадам нешто, на чија критика ќе се сеќавам долго време.
А негативна… дека некогаш одам со главата низ ѕид. Уште не знам дали е ова нешто што треба/сакам/можам да го сменам или дали треба да си купам кацига.
За време на карантинот научив… дека што и да се случува во светот, материјата може да биде уништена, но идејата никогаш. Научив и многу за тоа како луѓето што ме опкружуваа(т) периодов се справуваат со криза, и дека нема што да чекаш добар тајминг или од животот да ти „даде лимони“, кога треба сам да ги набереш и да го гаѓаш животот со нив, кога те нервира.