Позади фотографиите од многубројни концерти и изведувачи стои името на Стефан Рајхл, музички и концертен фотограф кој понекогаш снима и спотови. Веќе неколку години е официјален фотограф за Авалон Продукција, Златна Бубамара, Земјотрес Фестивал и др… како и за многу македонски музичари. Има соработувано со разни продукциски куќи, фестивали, музички магазини и артисти од земјава и Балканот. Од светските музички имиња кој ги има фотографирано и со кои има работено се и STING, Lenny Kravitz, Bryan Adams, Whitesnake, TOTO, Ian Gillan, Bryan Ferry, Morrissey, Eros Ramazzotti, Al Di Meola, Zucchero, Texas, Xzibit, Jethro Tull…
За фотографирање се заинтересирав… посериозно и за она што денеска го работам пред околу 5-6 години кога го купив првиот полупрофесионален апарат и сè тргна некако и спонтано и брзо… но самата таа приказна и љубов кон фотографијата ја имам уште од дете. Мислам дека првата магија се случи кога во куќата во која живеев заедно со моите прабаба и прадедо, ја најдов кожната торба преполна со стари црно бели фотографии кои и ден денес ги чувам и како дете ги прелистував по милион пати. Што се однесува до концертната и музичката фотографија тоа е само продолжување на она што јас го живеам повеќе од 20 години, одењето на концерти, дружбите со бендови и музичари, проби по гаражи итн… така што фотографирањето концерти за мене не е ништо ново јас тоа го правев и пред да почнам да се занимавам професионално и посериозно со ова но сè тоа беше чисто аматерски да си имам еден спомен од концертите на кои сум бил и тоа прерасна на крајот во професија со која отсекогаш сум сакал да се занимавам.
Најголем предизвик при фотографирање настапи… backstage-от ми е секогаш предизвик и едно од поинтересните работи кога станува збор за концерти и настапи, целата таа предконцертна подготовка ми има некоја своја убавина, спонтани и природни моменти што обожавам да ги документирам.
Да се долови емоција во фотографија е потребно… да оставиш работите да течат природно, да не влијаеш и да не го нарушуваш она што се случува пред твојот објектив.
Досегашни настапи што би ги издвоил од музичари во однос на фотографии… тешко прашање, ги има навистина многу и секој концерт си има своја приказна не би можел да издвојам.
Во неколку зборови би се опишал себе како… љубител на уметноста, историјата, природата, гласната музика, мистериите на универзумот и теориите на заговор 🙂
Фотографијата има моќ да… раскаже цела една приказна, да пренесе порака, емоција и да нè стави во позиција да видиме како некој друг ги видел и ги доживеал работите околу себе.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа… од оние на социјалните мрежи што прво ми паѓаат на памет би ги издвоил: Брајан Рејзик, Марко Ристиќ (@zamrznuti tonovi), Рос Халфин, Харис Нукем, Бјорн Олсон, Маргарита Карентс, Стив Мек Кари, Владимир Живојиновиќ (vladaa93), Александра Костадиновска (@aaaesthete), Филип Ѓорѓиоски (@dbl.dzo), Ани и Дими и нормално мојот пулен Стефан Самандов.
Неостварена желба ми е… да можам да патувам низ времето, по можност со фотоапарат 🙂
Проект/фотограф со кој би сакал да работам е… би сакал да работам на филм на Милчо Манчевски кој воедно е и одличен фотограф, но филмските проекти и фотографирањето на сет е нешто што обожавам и уживам да го работам. Од фотографи би сакал да го запознаам и да патувам со Себастиао Салгадо, според мене мајсторот на црно-белата документарна фотографија („Тhe Salt of the Earth“, документарен филм за неговиот живот и творештво кој ви препорачувам да го погледнете).
Искуството низ годините ме научи… на многу работи, прво да бидам многу поодговорен кон самиот себе, да го користам повеќе сопствениот креативен капацитет, да гледам сосема поинаку на работите околу себе и да забележувам работи што претходно не сум ги забележувал. И најважно од сè научив да го правам тоа што ме прави среќен.
За еден фотограф најдобро да се изрази себеси е важно… да знае што е тоа што најмногу го привлекува и сака да фотографира и врз основа на тоа да го гради својот стил на фотографија. Сепак фотографијата е индивидуална работа, секој фотограф треба да се изрази себеси онака како тој ги перцепира и доживува работите околу себе.
Освен фотографирање музички настапи најмногу ме привлекува да фотографирам… уличната или street фотографијата ми е една од поомилените стилови и тоа најчесто го правам во слободно време и кога патувам некаде, тука би ја додал и документарната фотографија, раскажувањето приказна низ серија фотографии, портрети понекогаш. Но во последно време ме привлекува да фотографирам природа и како што напоменав фотографирањето на сет и работата на филмови е она што навистина обожавам да го работам, тоа ми има некоја посебна магија.