Цел свет се раѓа под прстите на Ема Ананиевска, дипломирана пијанистка од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Свирењето клавир за неа претставува посебно уживање, а и не само за неа туку и за тие околу неа е навистина мелем за уши. Иако со целосно оштетен вид, Ема успеала да избори за своите желби, да стане пијанистка, да учествува на концерти и настапи и надвор од земјава. Освен тоа, таа активно се бори за подобри услови за слепите лица во Македонија. Без изгубена надеж, насмеана и храбра, со цврст став, Ема ни ја раскажа својата приказна за тешкотиите со кои се сочувала, но и за нејзината љубов кон клавирот.
Навистина е инспиративно и поттикнувачки што, и покрај целосно оштетениот вид од бебе, вие сепак сте успеале да го следите својот талент за пијано и се обидувате постојано да го подобрувате секојдневието што, претпоставувам, не ви било лесно. Како се соочувавте на почетокот со фактот дека целосно го имате изгубено видот и која е причината за слепилото?
Видот ми е оштетен од лекарска грешка, сум го изгубила додека сум била бебе од преголема доза кислород во инкубатор без заштита. И покрај тоа, уште од мала возраст сум свесна за проблемот што го имам зашто секогаш ми се зборувало за тоа, ништо не се криело од мене, објаснето ми е дека, ете, можеби сум поразлична од другите, дека не можам да гледам. Нормално, како дете не ми беше јасно што ми се случува, сум поставувала секакви прашања, дали некогаш ќе можам да гледам, зошто не можам да гледам, сум го прашувала дури и татко ми дали, кога би можел, би ми ги дал неговите очи да гледам. За моите родители тие прашања биле многу болни, бидејќи не знаеле што да ми одговорат. Сепак, тоа што сум свесна од почеток, ми помогна едноставно да се соочам со тоа и да терам напред, бидејќи не може да се врати времето за да се смени тоа што се случило. Секако, не е лесно, но моите родители ме воспитаа да бидам многу храбра. Никогаш не ме двоеја од сестра ми, како што била воспитувана таа сум била и јас, растена сум во средина во која сум прифатена најнормално.
Ќе ни ја раскажете ли накратко вашата борба низ годините со оштетениот вид, но и процесот низ образовниот систем, од основно училиште до денес? Дали сте се соочиле со некој вид дискриминација и маргинализација во текот на вашето растење?
На почетокот, кога била борбата за запишување во редовно училиште, имаше многу пречки. Мајка ми има повеќе трауми од тоа зашто некои мислеле дека не би требало да бидам интегрирана во редовно училиште. Но, нејзината желба и, сметајќи дека оди по вистинскиот пат, успеа да се избори. Генерално бев прифатена и од соучениците и од наставниците, секако секогаш има луѓе кои не ме прифаќале. На почетокот тоа ми беше тешко, но секој може да биде во таква ситуација, не може секој да прифати секого. Сепак, сфатив дека ако некој не сака да ме прифати таква каква што сум, тоа не е мој проблем. Во текот на образованието немав овозможено еднакви услови како и другите ученици, а и денес немам. Немав Брајова литература во основно и средно училиште, мајка ми ми ги читаше лекциите, снимав на диктафон, па потоа ги учев. Во однос на пристапноста и движењето и ден-денес не се осмелувам да излезам сама на улица да се движам. Културата ни е на ниско ниво, сообраќајот ни е хаос, улиците не се пристапни, звучните семафори што ги направија се грешни… Сè што постигнав е благодарение на напорот што е вложен од моето семејство, ништо конкретно не сум добила од некоја државна институција. Во средно училиште имавме обид да побараме аудиокниги од Министерството за образование за да ми се олесни начинот на учење, но не сакаа да ни дадат, затоа што наводно ќе сме ги злоупотребеле. На оваа тема сум зборувала многупати и мислам дека самите треба да се бориме за да се направи нешто. Се надевам дека сето тоа низ што сум поминав на тие од другите генерации, можеби за некој чекор ќе им биде олеснето затоа што многу е лошо и тешко да зависиш за учење од некој друг.
Кога би направиле споредба со деновите во средното музичко училиште и студентските денови, колку вие лично се променивте низ годините, дали изградивте поинаков, похрабар став кон вашата ситуација?
Дефинитивно сум многу изменета, во средно училиште уште бев дете и не знаев со што ќе се соочам понатаму во животот. Мислев дека сè е лесно, фино, наивно, дека е како дома. Но, како поминуваат годините, се соочувам со разни ситуации, добри и лоши, и мислам дека сум многу поцврста и похрабра од тоа што бев можеби и пред една година. Во однос на тоа колку оштетениот вид ме спречи за некои желби, како помала размислував многу околу тоа, на пример дека нема да можам да возам автомобил. Тогаш тоа го сфаќав многу трагично. Но, сега не гледам така на работите, сега го прифаќам тоа без проблем, впрочем и многу мои другарки кои имаат нормален вид не возат автомобил. Во принцип, секоја желба што ја имав мислам дека ја постигнав, иако со повеќе труд, а сепак на крајот се исплатело.
Кога почнавте да користите асистивна технологија, компјутер со посебна говорна програма за лица со оштетен вид, и колку тоа ви го олесни функционирањето?
Во прва година од средно училиште почнав да ја користам асистивната технологија. Одев во здружението „Отворени прозорци“, за да ми покажат како се користи софтверот на компјутер за лица со оштетен вид што го имав уште од претходно. Дотогаш мислев дека нема да можам никогаш да користам компјутер, дури и на сестра ми, и се лутев зашто таа може да користи, а јас не. Меѓутоа, асистивната технологија, со напредокот на технологијата воопшто, многу го олеснува секојдневието и функционирањето. Преку тоа сум многу посамостојна, не треба некој друг да ми прочита порака, да ми испрати електронска пошта или да ми каже кој ми пишал на социјалните мрежи. Освен тоа, ако ми треба некоја информација веднаш отворам и си наоѓам сама. Оваа технологија треба да биде пристапна за секое лице со оштетен вид.
Во една статија за вас се вели дека љубовта кон музиката ја негувате од мала, сте пројавиле талент што го препознале вашите родители и неуморно се бореле да ви овозможат непречено да го негувате и да бидете тоа што сте денес. Какви беа вашите почетоци со пијаното и учењето да свирите?
Кога се запишав во музичко училиште, искрено не знаев зошто ме запишуваат, бев дете, имав околу осум години. Кога дојде времето да се избере инструментот и ме прашуваа на кој инструмент сакам да свирам, им кажував дека не сакам да свирам, туку сакам да пеам. 🙂 Сепак, се одлучив за пијано зашто веќе имав синтисајзер дома и на него си играв кога бев помала. Искрено, првиот момент кога седнав пред клавир не го паметам, но се сеќавам дека се роди желба во мене да свирам постојано и да учам, да откривам нови работи. Долг период сакав да се запишам во општа гимназија, бидејќи сестра ми учеше во гимназија и по нејзини стапки сакав да одам. Меѓутоа, во шеста година од основното музичко училиште, што е последна година таму, имаше хуманитарен концерт од Црвениот крст. Учествував на него, убаво отсвирев, разговарав и со учесници од средното училиште и одлучив да продолжам во таа насока. Повторно имаше скептици да не се запишувам на инструментален оддел на клавир, дека тоа ќе ми биде многу тешко, дека е подобро да одам на теоретски дел за професорка. Но, решив да се послушам себе и еве, сега сум дипломирана пијанистка. Процесот на читање на партитурите беше најтешкиот дел што ме правеше побавна од другите студенти, бидејќи тука повторно се јавува проблемот што нема никаква Брајова литература. Имав многу голема поддршка од професорите, посебно професорката Маја Поповиќ, која беше со мене и во нижо и во средно музичко училиште и поради неа ја имам љубовта кон пијаното. Да не беше таа немаше да го постигнам тоа што го постигнав, даваше сè од себе за да бидам успешна во тоа што го работам. И на факултет имав голема поддршка од професорката Рита Поповиќ, која ми предаваше пијано.
Досега имате настапувано на голем број настани и концерти, меѓу кои и во Москва, Русија, уште додека сте биле во средното училиште „Илија Николовски-Луј“, а и наградувана сте неколкупати. Кој досега настап ви оставил најголем впечаток и кога сте биле најзадоволна од себе како музичар?
Најмногу ме исполнува кога излегувам да свирам на сцена, се чувствувам убаво на сцената. Тешко е да се издвои еден настап, иако тој во Москва можам да го издвојам како најголемо искуство досега. Таму, луѓето кои ме слушаа воопшто не ме познаваа, а сепак беа музичари и добив многу убави критики, што мене многу ми значеше, доаѓајќи од нив. Понекогаш луѓето кои те познаваат можат да не бидат објективни. Засега свирам класична музика, но сакам и помодерна музика, на пример за да одморам од вежбање, а Фредерик Шопен ми е омилен композитор. 🙂
Освен со музика, имате и спортски хобија, играте тенис, што е за пофалба, бидејќи не сте се откажале ни од тоа, покрај попреченоста. Активно сте вклучена во подобрување на условите и поддршка за слепите лица, што сметате дека е најважно да бидат правилно интегрирани во нашето општество?
Приказната со тенисот е интересна како почна. 🙂 Момчето на една моја другарка е тренер по тенис и кога зборувавме дека сакам да играм тенис, а не можам, тој ми предложи да пробаме и сфатив дека можам. Бев горда со тоа и така ми стана како еден вид хоби. Во слободно време волонтирам во невладиниот сектор во „Крик“, центар за младински активизам. Организираме работилници, програми, одиме на обуки и тоа е нешто што ме исполнува. Кај нас, навидум се зборува за некаква инклузија и интеграција на лицата со попреченост, но тоа сè уште е само на хартија. Прво е потребно секое училиште да биде пристапно, на пример имам познајничка која токму поради проблемот со пристапност не можеше да стигне до средното училиште и мораше да го завршува вонредно. Треба да има услови за различен вид попреченост и задолжително треба да има дефектолози кои ќе работат со тие деца, бидејќи е потребно повеќе внимание да се обрне на нив. За мене немаше дефектолог, а не беше можно наставникот да ми се посвети целосно, зашто сепак бев во одделение од 30 деца. На пример, со математика имав голем проблем, не можев да видам на табла што се објаснува, што се решава или да учам геометрија зашто не можам да цртам. Во такви моменти се чувствував лошо. Потоа потребно е да има лична асистенција што ќе биде овозможена од државните органи, бидејќи родителите не можат секогаш да бидат со детето со попреченост, а и не би требало секогаш да бидат. Тоа дете ќе порасне, ќе тргне во средно училиште и не сака да биде цело време со мајка му или татко му. Сега ќе почнеме да се бориме за да се донесе и закон за кучиња-водичи, кои исто така се многу големо олеснување. Се запознав со шведската писателка и флејтистка Сара Шамлу Екблад, која е слепа и бев фасцинирана од нејзиното куче и поради тоа што сакам кучиња, и колку големо олеснување претставува, а и колку е приврзано за неа.
За крај, едно малку необично прашање околу сонување. Познато е дека луѓето кои ослепеле во текот на животот сонуваат работи што дотогаш можеле да ги видат. Каков е случајот со вас, со оглед на тоа што сте го изгубиле видот уште додека сте биле бебе?
Обично се обидувам да го објаснам тоа, но на крајот повторно се сведува на прашањето „Епа, ајде објасни ни ти како гледаш“, а тоа не можам да го објаснам. Сонувањето е исто како во реалноста, создавам слики врз основа на звуци. На пример, како што разговараме ние тука, јас ве доживувам како личност од вашиот глас и од нашиот разговор. Исто е и во сонот, добивам слика за тоа што го сонувам преку звуци. Исто така, можам да добијам инспирација за да свирам некое дело или да компонирам од нешто што се случува околу мене, на пример од дождот. Компонирам за своја душа, а во иднина можеби еден ден би била и композитор. 🙂 Сакам луѓето да ме доживуваат како Ема-пијанистката, а не Ема-девојката со оштетен вид.