Чизкејк во њујоркшки стил (New York Style Cheesecake) е побогатата варијанта на традиционалниот чизкејк, со типично американски пристап во рецептурата – повеќе е повеќе. Основната верзија содржи само три состојки – јајца, крем сирење и шеќер, додека кај њујоршкиот чизкејк не само што се зголемени количините, туку се додава и брашно или скроб за да се постигне густа структура, но и кисела павлака.
Појавувањето на чизкејкот во Њујорк се поврзува со името Арнолд Рубен, германец по потекло, кој започнал да експериментира откако бул послужен со пита од сирење на некоја забава и стигнал до популарната форма на десерт, актуелна и до денешен ден.
Овој рецепт за чизкејк има само една модификација која отстапува од американските стандарди, а тоа е помалку шеќер.
Потребни состојки (тавче со ѕидови кои се отстрануваат со дијаметар 22см ):
ОСНОВА
- 160гр мелени бисквити
- 60гр растопен путер
- Прстофат сол
КРЕМАСТ ДЕЛ
- 800гр крем сирење
- 250гр шеќер
- 3 лажици брашно
- 4 лажички екстракт од ванила
- 2 лажички свеж сок од цеден лимон
- Прстофат сол
- 5 јајца
- 100мл кисела павлака
ЗАВРШЕН СЛОЈ
- Свежо овошје по избор
Пред да се почне со подготовка на тортата, се подготвува тавчето за печење во таканеречена водена бања која ќе овозможи чизкејкот да биде без пукнатини. Ова не е задолжителен чекор, но ќе придонесе тортата да се пече со иста температура по целата површина заради што нема да спадне во средината и да испука. Како и да се одлучите, секако ќе добиете подеднакво вкусен десерт.
Тавчето кое претходно е убаво обложено со алуминиумска фолија од надворешната страна се става во поширок сад или тава со високи страници наполенет со вода која врие и се става да се пече. Алуминиумската фолија ќе спречи навлегување на вода низ процепите кои тавчето ги има заради механизмот за отстранување на ѕидовите и смесата ќе остане некомпромитирана.
Подготовка:
- Рерната се загрева на 180°C и се подготвува основата. Мелените бисквити се мешаат со солта, а потоа и со растопениот путер додека не се добие песочна структура. Смесата се натапкува во претходно премачкано тавче со путер и се пече 8-10 минути или додека не зарумени. Се остава да се олади додека се подготвува кремастиот дел.
- Температурата на рерната се намалува на 160°C.
- Се матат крем сирењето, шеќерот и брашното со миксер на средна брзина додека не се добие мазна смеса (1-2 минути). Изгребете ги ѕидовите од садот во кој што матите за да се осигурате дека целата содржина е изедначена.
- Се додаваат ванилата, лимонот и солта и се мати на ниска брзина, а потоа се додаваат јајцата, едно по едно додека не се изедначат со смесата, со повремено гребење на ѕидовите од садот. Се додава и киселата павлака. Целата смеса треба да биде добро соединета, но не треба да се претера со матење.
- Изматената кремаста смеса се прелива врз потпечената кора и се става да се пече во рерната за која сме сигурни дека е оладена на 160°C. Се пече 1 час и 30 минути до 1 час и 45 минути. Чизкејкот не треба да биде воопшто течен. Потоа се вади од рерна заедно со тавчето со вода, се одлепува од страниците на тавчето со тенок нож и се остава да се олади уште 45 минути во бањата од топла вода.
- Пре да се послужи, чизкејкот се остава во фрижидер да се олади најмалку 8 часа или преку ноќ, покриен со пластична фолија.
Добар апетит!