Во психолошката литература честопати се пишува за постоење на различни видови интелигенција. Меѓу нив се споменува и моралната интелигенција, што, во споредба со другите видови, е поретко истражувана. Станува збор за комплексен концепт, што релативно тешко се мери, од причина што го сочинуваат повеќе доблести што не се манифестираат секогаш конзистентно во однесувањето на луѓето. Под морална интелигенција во литературата најчесто се подразбира „способност да се сфати разликата меѓу доброто и лошото, да се поседуваат силни етички убедувања и морални кочници и да се постапува во согласност со нив, со цел поединецот да се однесува на правилен начин, достоен за почит“, дефиниција што ја дава Мишел Борба, една од најцитираните авторки во оваа област. Нејзини основни компоненти се: емпатија, совест, самоконтрола, почит, љубезност, толерантност и правда. Сите овие доблести заедно го насочуваат моралното однесување на поединецот и можат да бидат научени, моделирани и стимулирани во развојот уште од рана возраст. Поточно, раната возраст е особено важна кога станува збор за моралниот развој и за усвојувањето на вредностите воопшто, а со тоа и за развојот на моралната интелигенција.
Основата на моралната интелигенција ја сочинуваат првите три доблести: емпатија, совест и самоконтрола. Откако овие три компоненти ќе се постават на цврста основа, следни кои се развиваат се почитта и љубезноста, а по нив доаѓаат толерантноста и правдата. Сите заедно го градат моралниот компас што го води детето кон одговорен и совесен начин на живот. Но, моралниот развој не запира тука. Тоа е континуиран процес во текот на кој децата и младите усвојуваат многу други вредности и доблести, како што се самодисциплина, човечност, храброст, алтруизам итн. Всушност, авторите кои се интересираат за оваа област идентификувале над четиристотини доблести. Оттука, се наметнува прашањето зошто се избрани токму овие седум да бидат основните компоненти на моралната интелигенција? Одговорот доаѓа од долгогодишната практика и од многубројните истражувања на оваа тема, што речиси едногласно потврдуваат дека токму тие доблести се предуслов за усвојување и развој на сите други вредности и доблести.
Како што е претходно посочено, меѓу првите се развива емпатијата – способност да се разбере што другиот мисли и чувствува; да се заземе неговата позиција; да се согледаат нештата од негов аспект. Таа е едно од најсилните морални чувства и им помага на децата и младите да станат посензитивни за потребите и чувствата на луѓето и на сите други живи суштества. Тоа подоцна ќе им помогне да ја усвојат универзалната вредност – право на живот на сè што е живо – и златното правило „не им го прави на другите тоа што не сакаш тебе да ти го прават“. Исто така, станувајќи свесни за туѓите чувства и потреби, децата го надминуваат егоцентризмот (ментална насоченост кон сопствените перцепции, желби, потреби, мислење и слично), а се зголемува и веројатноста да им помогнат на лицата кои се во неволја. На тој начин, го усвојуваат алтруизмот како вредност и се однесуваат во согласност со него. Доколку е развиена, способноста за емпатија им помага на луѓето навреме да ја препознаат туѓата болка или непријатноста и ги спречува да се однесуваат сурово и егоистично кон другите.
Совеста е силен внатрешен глас што ги насочува луѓето да го разграничат доброто од лошото и да се однесуваат во согласност со прифатените морални норми и вредности. Секогаш кога ќе отстапат од нив се јавува „гризење на совеста“. Доколку е развиена, оваа доблест овозможува да се постапува добро и правилно, дури и тогаш кога поединецот ќе се соочи со ситуација во која лесно би можел да прекрши или да компромитира одредена морална вредност или норма. Таа е меѓу основните столбови на моралната интелигенција, бидејќи врз неа се темели развојот на чесноста, одговорноста и личниот интегритет.
Самоконтролата е доблест што им овозможува на децата и на младите да ја контролираат импулсивноста и да размислат пред да дејствуваат. Таа ги спречува да постапат на начин што би имал негативни и несакани последици по нив и по другите околу нив. Контролирањето на сопствените реакции е мошне важно, бидејќи води кон намалување на бројот на потенцијални конфликти, омраза или неправда предизвикани од импулсивноста и ривалството. Самоконтролата го стимулира усвојувањето и развојот на самодисциплината, како и на великодушноста и љубезноста, бидејќи им помага на децата и на младите да го одложат моменталното задоволување на потребите и да направат нешто за другите луѓе. Тоа подоцна го овозможува долгорочното размислување и планирање, способноста за градење визии, што е карактеристика на зрелите поединци.
Почитта ги охрабрува луѓето да постапуваат кон другите со внимание и да ја согледаат вредноста на секој човек без оглед на полот, возраста, расата, конфесијата, националноста итн. Кога е развиена, оваа доблест ги насочува поединците повеќе да мислат на правата на другите луѓе и да ги почитуваат нивните чувства. Како резултат на сето тоа нараснува и нивното себепочитување.
Љубезноста овозможува да се покаже грижа за другиот, за неговите потреби и чувства. Со развивање на оваа доблест децата и младите стануваат помалку себични, а повеќе сочувствителни. Кога е развиена љубезноста, со другите се постапува грижливо и заинтересирано, а поединецот е подготвен да даде поддршка и помош на оние на кои им е потребно тоа.
Толерантноста им помага на луѓето да ги разберат и да ги почитуваат различните квалитети на другите, да бидат со отворен ум кон нови перспективи и идеи. Оттука, тие кон другите се однесуваат со разбирање и со прифаќање, а се спротивставуваат на насилството, омразата, фанатизмот и слично. Особено е важно тоа што доколку е развиена, оваа доблест им овозможува на луѓето да постапуваат човечно и да ги почитуваат другите првенствено поради тоа што тие се.Конечно, правдата ги насочува луѓето да постапуваат кон другите правично и чесно. Благодарение на оваа доблест, тие се подготвени да соработуваат и да споделуваат, да слушаат отворено и активно, без однапред да донесуваат судови и избрзани заклучоци. Таа ја зголемува нивната морална сензитивност и поради тоа тие се подготвени да застанат во одбрана на послабите и на оние кон кои се постапува неправедно. Оваа доблест е поврзана со подоцнежното усвојување на храброста, искреноста и на многу други вредности. Во денешните општества, што, според многу автори, се соочуваат со криза на моралот и на вредностите – криза што ги засега лицата од сите возрасти – развојот на наведените доблести, а со тоа и на моралната интелигенција, е еден од врвните приоритети.