Во изложбата „Повиена во истуткани соништа“, уметницата Ана Јовановска го истражува домот како простор што постои истовремено во материјалното, во сеќавањето и во чувството на припадност. Инспирирана од традицијата на јапонските свитоци, таа создава сопствен визуелен јазик во кој текстилот, рачно изработената хартија, шиењето, линорезот, симболите и хаикуто се преплетуваат во интимни композиции на границата меѓу доживеаното и сонуваното.
Живеејќи и работејќи во Токио, Јовановска ја набљудува сопствената култура од нова дистанца, преиспитувајќи ги традицијата, идентитетот и значењето на зборот „дома“. По повод изложбата, организирана од Јана Гарванлиева во „Пионери“, со уметницата разговаравме за нежноста на материјалот, поетичноста на јазикот и домот како универзална потреба за сигурност и љубов.
Во „Повиена во истуткани соништа“ ја истражувате разликата меѓу куќата како физички простор и домот како емотивна состојба. Каде за Вас започнува домот – во просторот, во сеќавањето или во чувството на припадност?
Сметам дека сите во себе ја носиме потребата за дом – и како простор и како чувство. Како и кај сите живи суштества, потребата за безбедно, свое и удобно место е дел од секоја култура, најчесто отелотворена во обликот на куќата.
Сум посведочила и искусила дека домот може да има различни значења, зависно од периодот од животот во кој се наоѓаме. Но, без оглед на формата или толкувањето, за мене домот започнува и завршува со чувството на сигурност и љубов.


Изложбата е слободна интерпретација на јапонските свитоци, а делата произлегуваат од слики на искусеното и сонуваното. Што Ве привлече кон оваа традиционална форма и како во неа ги поврзавте личното сеќавање, имагинацијата и сонот?
Ме привлекуваат работата со текстил и рачното шиење. Воедно, отсекогаш ме интересирале етимологијата на различните јазици и начинот на кој пишаниот јазик се појавува во уметноста преку калиграфијата. Јапонските свитоци беа совршена почетна точка што ги обедини овие мои два интереса.
Моите свитоци ја користат поетичноста на лелеавиот текстил, во комбинација со симболи и хаику, за да создадат една полуавтобиографска и полуфиктивна реалност што го доловува чувството на мечтаење.


Во Вашата практика јазикот не е само средство за комуникација, туку и структура што ги обликува мислата и општеството. Истовремено, рачно изработената хартија, текстилот, шиењето и линорезот бараат време, повторување и физичка посветеност. Како јазикот и материјалот заедно го насочуваат значењето на делото?
Материјалот преку кој се обликува една идеја е многу важен. За да се создаде силен и цврст впечаток, потребен е груб и изразен материјал, додека нежното доживување на делото бара лесен и суптилен материјал. Особено интересна може да биде комбинацијата на шокантна идеја изведена на нежен начин – и обратно.
Во мојот случај, јазикот ја зацврстува наративноста на делото, а истовремено му додава уште еден слој поетичност.

Хаикуто во изложбата се појавува како придружник на визуелните композиции. Дали текстот ги отвора делата кон нови толкувања или поставува поинтимна рамка низ која публиката може да ги доживее?
Би рекла дека текстот додава уште еден слој на толкување, зависно од тоа дали делото најпрвин го доживуваме визуелно или текстуално. Во секој случај, делата се вклопуваат во традицијата на свитокот, каде што текстот, во форма на танка, хаику или шодо, често е придружен со слика, а понекогаш и самиот ја презема улогата на слика.
Живеете и работите во Токио, во културен и визуелен контекст различен од оној во кој сте израснале. Како ова искуство го промени Вашиот поглед кон просторот, традицијата и личниот идентитет?
Забележав дека треба особено внимателно да ја чуваме и негуваме рачната уметничка традиција – од народните носии и филигранот, па сè до сликарството и музиката.
Многу често среќавам луѓе кои не знаат ништо за Македонија. Тоа, од една страна, ја отстранува основата за однапред создадени претстави за тоа која сум јас, што е ослободувачки. Од друга страна, без тој културен контекст, многу нешта можат да бидат протолкувани низ сосема поинаква призма.
Просторот како физичка категорија стана помал, но просторот како емотивно доживување се прошири – од „дома“ до „дома-дома“.
Што би сакале посетителот да понесе со себе по средбата со „Повиена во истуткани соништа“ – мисла, чувство, прашање или, можеби, ново разбирање на сопствената претстава за домот?
Посакувам да ја поттикнам имагинацијата на посетителите и да инспирирам разговори. Би сакала делата да ги наведат да ја негуваат Земјата со истата грижа со која го чуваат сопствениот дом. И можеби, по завршувањето на изложбата, да посакаат да ѝ се јават на некоја сакана личност.
Ви благодарам за прашањата и за интересот на „Портрет“, а голема благодарност упатувам и до Јана Гарванлиева, која ја организира оваа изложба во „Пионери“.




