Сè повеќе се зборува за жени на водечки и одговорни позиции во областа на технологијата, а со тоа и зголемување на интересот и условите за младите девојки кои ќе се одлучат за ваква професија. Жените се поддржуваат, едуцираат и отвораат нови можности со цел да се зголеми еднаквоста и да се охрабрат сите што сакаат да напредуваат во ИТ-индустријата, науката и технолошките кариери. Младите Моника Ризовска и Катерина Трајчевска се амбасадори на глобалното движење „Women in Tech“ во Македонија, што има двојна мисија – да ја намали половата разлика и да им помогне на жените во изучувањето на технологијата. Од друга страна се Марина Трајковска и Анита Кирковска, кои се сопственички на софтверската компанија „Ампстор“.Со своите активности во Македонија и глобално покажуваат дека успесите во технологијата не завршуваат само во нашите граници.
„Далеку сме од еднаква застапеност на мажи и жени во ИТ“
Освен менаџер за маркетинг и комуникации во канадската ИТ-компанија „Космик девелопмент“ (Cosmic Development), активно поддржувате жени и млади девојки кои се на прагот на кариерата во технологијата. Како ја забележавте потребата за ваквата поддршка на жените?
Од лично искуство сфатив дека луѓето избираат професии што начелно им се поблиски или имаат некој со којшто можат да се идентификуваат. Така и кога се спомена идејата за создавање на вакво здружение, како љубител на технологијата и веќе вработена во ИТ-компанија воопшто не ни размислував, кажав ДА. Се вклучив во оваа долгогодишна мисија, со цел да зголемиме можности и да ги доближиме сите заинтересирани до вистинската слика за работа во ИТ-индустријата. Денес, по пет години вклученост кон ова глобално движење, горда сум што имаме над 2.000 членови од кои и многубројни успешни приказни. Верувам дека оваа поддршка значи и ќе придонесе до пораст на девојки и жени во технологијата, но засега сме далеку од еднаква застапеност.
Амбасадор сте на „Women in Tech“ во Македонија. Како меѓународна непрофитна организација, на кој начин им помага и ги поддржува младите девојки?
Нашиот фокус е градење на инклузивна заедницa преку соработка, споделување на знаење и можности со цел – професионална надградба и доусовршување на сите наши членови. Сметам дека кога секоја девојка и жена ќе си даде можност да истражи ИТ-професии и можност да го реализира својот потенцијал во нив – успева да си потврди дека кариера што навидум изгледала тешка, недостижна или е со стереотип за „машка“ е всушност остварлива, со посветеност и континуитет. „Women in Tech“ соработува со едукативни центри, ИТ-компании и даваме можност секој да сподели свое искуство, да се надгради професионално преку тренинзи, работилници, коворкинг-средби, можности за говорење и посета на интернационални конференции.
Досега имате и над 20 изложби, негувајќи го своето хоби уметноста, а ги поврзавте и технологијата и уметноста преку апликацијата „InRoomPreview“. Колку сметате дека технологијата може да го олесни создавањето на уметноста денес?
Бескрајно уживам кога ги поврзувам работите што ги сакам и наоѓам практично решение на кој било предизвик и ги почитувам оние што го прават истото. „InRoomPreview“ е апликација што помага за визуализација на уметнички дела, слики, фотографии во просторот. Со едноставно скролање секој што има проблем со визуализација ќе може да добие вистинска претстава како ќе изгледа саканото уметничко дело во својот простор. Ова решава логистички предизвик, како и грешки при изборот на што најмногу ќе одговара, а и овозможува секој уметник и секоја галерија да имаат виртуелно портфолио за секој посетител.
Кое е најголемото технолошко откритие според вас? Колку сметате дека технологијата може да помогне за решавање на глобални прашања како сиромаштија, загаденост на воздух и вода, спречување насилство, подобро здравство за сиромашните земји?…
Ќе го цитирам Хајан Селмани, кој често знаеше да каже дека „прашање на време е кога сите ќе станеме програмери“, зашто веќе и нема предизвици што не можат да се олеснат со технологијата и секој ќе биде вклучен во нивно решавање. Оптимист сум дека со помош на регулативи, новите изуми и доусовршувањето на хуманоидните роботи, вештачката интелигенција, можноста за 3Д-принтање и на метали можат значително да придонесат во подобрување на здравството, намалувањето на загаденоста и подобрување на условите и во сиромашните земји.
„Потребно е зголемување на свеста кај девојките за инженерството како женска професија“
По професија сте софтверски инженер со пасија за технологија, волонтирање и споделување на вашето знаење, како и борба за родова еднаквост во оваа област. Како се одлучивте токму за ваква кариера?
Да бидам искрена, изборот беше сплет на околности, никогаш не сум размислувала сериозно за карира во софтверско инженерство. Иако полека се менуваат работите во индустријата, инженерството сепак се перципира како машка професија и токму поради тоа почнав да волонтирам во најразлични иницијативи за жени во технологија. Сметам дека секоја жена/девојка која работи во оваа област може да придонесе премногу само со приближување на своите лични искуства кон младите девојки кои сè уште размислуваат која насока да ја одберат. Токму тоа се обидувам да го направам и јас преку разните иницијативи и волонтерски активности.
Дали додека студиравте или ја основавте компанијата „Адева“ се соочивте со некои стереотипи или предрасуди за жена што ја развива кариерата во технологија?
Не сум се соочила со некои посериозни предрасуди, но имало стереотипни ситуации. За време на студиите хит беа „досетките“ за изгледот на девојките на Електро и како тешко можеш да ги разликуваш девојките од момците во групата. Кога почнав со работа, како единствена девојка од мене се очекуваше да ги мијам садовите на крајот на работното време. Тоа го третираа како „дел од одговорностите за кои сум платена“. Ништо од тоа не било злонамерно, но ја отсликува состојбата на родовата нееднаквост во индустријата.
Амбасадор сте на глобалното движење „Women in Tech“ во Македонија. Според вас, колку жените во Македонија се на одговорни позиции во овие професии и дали сè уште е голем јазот помеѓу мажите и жените во технологијата кај нас?
Би се осврнала конкретно на жените како софтверски инженери, бидејќи немам конкретни податоци надвор од таа област. Според интерните статистики, во „Адева“ во 2019 година, само 12 проценти од сите апликанти за инженерски позиции беа девојки. Ова значи дека, покрај креирање на инклузивни политики за вработување, мораме да се фокусираме и на зголемување на свеста на девојките за инженерството како женска професија. Тоа вклучува успешни приказни, лични искуства, вмрежување и слично – токму она што се обидуваме да го постигнеме со „Women in Tech“ во Македонија.
Кое е најголемото технолошко откритие според вас? Колку сметате дека технологијата може да помогне за решавање на глобални прашања, како сиромаштија, загаденост на воздух и вода, спречување насилство, подобро здравство за сиромашните земји?…
Нашиот тим во „Адева“ е целосно дистрибуиран – голем дел сме лоцирани во Европа, но имаме колеги во преку 20 земји. Со алатките што ни се на располагање, ми треба помалку од половина минута да „се сретнам“ онлајн со колега во Аргентина и да решаваме проблем заедно слично како да сме во иста канцеларија. Со работата на далечина, луѓето сè почесто одлучуваат да се иселат од пренаселените технолошки центри во помирни градови, па дури и села. Имајќи можност да работат од каде било, сè поретко мораат да возат до работа, а дури и во сиромашните земји можностите за работа на глобален пазар се сè подостапни. Цврсто верувам дека иднината ќе ни донесе нова перспектива во поглед на работата што ќе придонесе кон помало загадување, посреќни луѓе и повисок животен стандард.
„Постои огромен родов јаз и во ИТ-индустријата“
Марина Трајковска е косопственик и генерален менаџер на „Ампстор“ со повеќе од 6 години искуство во областа на технологијата и проектен менаџмент. Дипломира како економист на департманот на Е-бизнис на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Уште од самото дипломирање почнува да работи во софтверска компанија како инженер за контрола на квалитет на софтвер – QA Engineer. Таа е иницијатор на организацијата Google Developers Group во Скопје. Како активен член во европската ИТ-заедница, таа се залага за еднаквост и инклузивност во софтверската индустрија и е амбасадор во програмата на Google за жени – WomenTechmakers, за Македонија и Флорида. Таа е и коорганизатор на NASA Space Apps Challenge. Анита Кирковска е косопственик и маркетинг-менаџер на „Ампстор“, со повеќе од 5 години искуство во областа на креирање маркетинг-стратегии за раст на ИТ-стартапи во Европа и во САД. Како Fulbright стипендист, завршува мастер-студии за компјутерско инженерство на Универзитетот на Централна Флорида во САД. Анита е и активен волонтер и иницијатор на софтверски програми во Македонија, како NASA Space Apps Challenge, WeTalkIT, Google Developers Group, и Female BootCamp.
Одбравме да поразговараме со Марина Трајковска и Анита Кирковска зашто се светски признати имиња во ИТ-индустријата и одличен инспиративен пример. Тие ни ја претставја моменталната состојба во нивната професија, со актуелните проблеми, но и дел од нивните лични предизвици.
Анита Кирковска:
„Свесни сме дека постои огромен родов јаз кога станува збор за жените во технологијата. Според меѓународната организација за податоци, во 2018 г. само 20% од сите работни позиции во ИТ се водени од жени. Сепак, овој процент варира во различни држави и континенти. На пример, во Словачка само 9,29% од вкупните работни позиции во ИТ им се доделени на жени. Кога станува збор за жените во технологијата, мораме да кажеме дека жените не само што се помалку претставени туку се и многу помалку платени во споредба со мажите. Во доменот на програмирање жените заработуваат 87% од она што мажите го заработуваат. Иако бројките се далеку од најдобри, процентот на жени на лидерски позиции е зголемен од 21% на 24% во 2019 година. Ова се одлични вести, имајќи го предвид фактот дека повеќе жени на лидерски позиции ќе можат позитивно да влијаат врз вработувањето повеќе жени, но и да ги задржат на подолг рок.
Иако овие бројки се демотивирачки, веруваме дека со организации како Womentrchmakers (WTM), која добива огромна поддршка од Google, имаме можност да придонесеме за подобрување во овој домен. Како дел од оваа организација, организираме настани и работилници кои се специфични за жени во ИТ-индустријата. Моментално имаме три WTM амбасадорки во Македонија, но работиме на ширење на оваа организација и заедничка соработка со другите вакви заедници, како што е Women In Tech во Скопје. Се надеваме дека сè повеќе девојки ќе се заинтересираат за STEM областа и полека ќе ги коригираме овие бројки кај нас, но и на светско ниво.“
Марина Трајковска:
„Во нашата професија чести се примерите на работни места во кои доминираат мажи, но живеејќи во САД, имавме можност да видиме успешни примери на ИТ-компании кои се залагаат да привлечат поголем кадар на жени. Всушност, родовата разлика во САД е преголем предизвик и сè повеќе програми и промоции се насочени токму кон решавање на тој проблем. Според искуството од наши блиски соработници, но и од она што ние сме го искусиле на работното место, се соочуваме со предрасуда на афирмација на експертизата, односно дискриминација на мислењето на жената при донесување важни одлуки. Исто така, многу пати имаме слушнато дека нашата професија е машка работа и сме биле осудувани дека мажите се подобри програмери од жените.
Моментално работиме на развој на сопствен стартап наречен „Ампстор“, онлајн-платформа за креирање веб-страници без познавање од програмирање. Со овој продукт им овозможуваме на сите што немаат познавање од програмирање да можат брзо и лесно да направат веб-страница која изгледа како инстаграм-стори и веднаш да ја објават на интернет. Овој формат го користат глобално препознаени медиуми како BBC, CNN и Wired, и полека но сигурно станува формат кој корисниците го препознаваат и го користат.
Нешто што би го издвоиле како најголема разлика и придобивка се можностите и ресурсите што ги нуди САД. Дефинитивно оваа држава е полна со можности за ширење нови контакти, пристап до финансиски средства, како и учество на различни конференции. Исто така, само тоа што живееме во исто место од каде што доаѓаат најголемите иновации во светот сведочи за тоа како луѓето работат и творат тука. Тоа што гледавме успешни примери околу нас ни претставуваше уште една мотивација за да изградиме нешто наше и да вложуваме во нашите капацитети.“