Основачите на брендот Tale Detail (под-бренд на студиото „Преплет“), својата идеја за инклузивни парчиња облека ја оствариле преку колекцијата Design For All – унисекс маици на кои има принт од текст и патерн со тоа што текстот е преведен на Брајова азбука, а илустрацијата извезена за да можат лицата со оштетен вид да ја почувствуваат на допир.
Како настана идејата за целиот проект?
Идејата за овој проект беше резултат на повеќегодишно стремење кон дизајнирање со додатна општествено одговорна димензија. Во изминатите години имавме неколку хуманитарни акции, па така дојдовме до првични идеи за работа со ранливи групи на луѓе. Со цел да го изградиме концептот, направивме истражување и дојдовме до сознание дека лицата со оштетен вид се всушност и најоддалечени од дизајнот и така се роди идејата за проект кој ќе вклучува дизајн и изработка на инклузивни производи. Во моментот кога почувствувавме дека сме доволно спремни да превземеме таков чекор, аплициравме за грант.
На кој аспект сте посебно горди?
Процесот на дизајнирање на оваа колекција подлежеше на многу истражувања, проби, тестирања и комбинирање на техники. Колку повеќе дознававме за секојдневието на лицата со оштетен вид, тенденцијата за промена на дизајните растеше, се со цел да успееме на најдобар можен начин да го „пренесеме” визуелното преку тактилност. Главниот предизвик беше сето ова да биде инклузивно и да не е наменето исклучиво за слепи лица. Горди сме што успеавме да направиме уникатни и софистицирани унисекс дизајни кои што се во тек со моменталните модни трендови, а воедно им даваме шанса на лицата со оштетен вид да учествуваат во изборот на работите што ги носат.
Колку е значајна поддршката што ја добивте од Фондот за иновации и технолошки развој?
Аплицирање за грант е процес кој што сам по себе носи бенефиции бидејќи го прави апликантот поспремен и идејата ја претвора во реален проект. Поддршката од Фондот за иновации беше од големо значење бидејки мали бизниси како нашиот најчесто немаат можност да направат поголем чекор и да започнат нешто ново. Особена чест ни е што сме едни од првите фирми кои добија грант за проект од областа на дизајнот.
Како ја замислувате иднината на брендот што го создадовте?
Tale Detail е нашиот нов бренд, за чија иднина имаме многу позитивни мисли. Сепак, има уште многу растење за кое е потребно време, за со Tale Detail да стигнеме онаму каде што посакуваме. За во блиска иднина можам да кажам дека планот е да започнеме со онлајн продажба и надвор од нашата држава, а потоа и со пласман на производите на европски пазар.
Кој стои позади убавата фотосесија?
За фотосесијата да изгледа вака имавме доста позадинска работа и можам да кажам дека одговорни се повеќе ликови. Прекрасните фотографии беа дело на Александра Костадиновска. Концептот за каталогот како и надреалниот колаж се дело на Емилија Ланговска, а концептот за целата фотосесија беше дело на Преплет во комбинација со инспиративноста на Александра. Секако, клучната улога во финалниот производ ја имаат прекрасните и најфраери модели.
Што би им кажале на оние што се колебаат да создадат нешто ново и креативно?
Да не се колебаат, туку посветено да работат тоа да го остварат. Нема ништо поубаво од тоа да гледаш како идејата станува реалност и посветеноста вродува плод.