Зад овој креативен бренд и проект, „Бебе Постер“, стои Елена Граматикова чие хоби развеселува многу семејства. Таа изработува персонализирани илустрирани постери во димензија колку што било бебето кога се родило, зачувувајќи го споменот од неговата прва прегратка со родителите. Она што предизвикува широки насмевки и буди емоции кај новите родители е токму топлината која е доловена во постерите. Повеќе околу нејзината идеја и цел ќе ни раскаже Елена.
Како настана идејата и кога започна приказната за „Бебе Постер“?
Има еден момент кој вреди да му се навраќаме цел живот, моментот кога започнува авантурата како родител, моментот кога го запознавме нашето бебенце. Токму за тој момент го создадовме „Бебе Постер“, моментот на првата прегратка, моментот кога стануваме родители, момент кој верувам за секој родител претставува пресврт кој вреди да се врами.
Затоа и илустрацијата на постерот е во големина колку што било бебенцето кога се родило, за да биде потсетник за тоа колку било мало кога сме го запознале.
Каква техника на цртање е употребена за да се изработат цртежите?
„Бебе Постер“ е наменет за родителите, не за бебињата, затоа и цртежот е еднолиниско уметничко дело збогатено со додатоци и боја по желба на нарачателот.
Еднолиниските цртежи ги направивме специјално за „Бебе Постер“ и се авторско дело на Андреј Павлов.
Моментално имаме четири илустрации со бебиња, опција со две бебиња за близначиња или две дечиња, илустрација со раче и ноџе за новороденче и стапалки за први чекорчиња.
Секој постер се персонализира со податоци за бебенцето за кое е наменет и секоја илустрација е во соодветна големина.
Што ве мотивира? Кој дел од работењето на „Бебе Постер“ ви е омилен?
Ме мотивира секоја порака после испорачан постер, секоја реакција на родители откако ќе го отпакуваат постерот. Топлината, љубовта и среќата зрачат во секој нивен збор дури и пренесени преку некој кој им подарил „Бебе Постер“.
Убаво е да правиш нешто што споделува насмевки и среќа, тоа ме исполнува.
А помалку омилен?
Моменталната ситуација не е пријатна за никого и сите ги чуствуваме последиците, тоа е една од работите со кои се соочуваме и се трудиме да ги пребродиме. Тоа ни донесе мал застој и удар заради затворање на границите и економската нестабиност во општетвото. Но, се трудиме да најдеме решение за сите проблеми и на крај верувам дека ќе се стабилизираме во новото нормално, уште посилни и подобри од тоа што сме биле.
Која е визијата за „Бебе Постер“, како би се развивала идејата во иднина?
Онлајн продажба во и надвор од Македонија. Визијата е да го прошириме пазарот и да го претставиме Бебе Постер надвор од државата. Работиме на оваа цел и верувам еден ден ќе успееме.