По потекло од Франција, од областите Бургундија и Шампањ, првите податоци за белиот пино (Pino Blanc) датираат од четиринаесеттиот век, а се претпоставува дека е настанат по пат на генска мутација на сивиот пино (Pinot Gris), што, пак, е мутант на црниот пино (Pinot Noir). Повеќе за оваа сорта објаснува м-р Петар Петров, асистент на МИТ Универзитет – Скопје, Факултет за менаџмент на еколошки ресурси, катедра за безбедност на храна.
Бел бургундец
Распространет е речиси низ цел свет, а во Македонија се одгледува во сите виногорја, каде што се одликува со релативно висока продуктивност. Честопати, оваа сорта кај нас се среќава под синонимот бургундец бел, а добиените вина го носат изворното име пино бланк. Карактеристично за оваа сорта е што при висока синтеза на шеќери, киселините сепак остануваат на високо ниво. Се одликува со многу висок рандман на шира и претставува одлична суровина за производство на пенливи вина.
Арома на бадем и јаболко
Од сортата пино бланк се добиваат висококвалитетни суви бели вина, со лесни некарактеристични, речиси неутрални ароми. Младото вино е мошне балансирано, со висока киселост и најчесто полно тело. Најчести сортни ароми се аромата на бадем и јаболко. Применетата технолошка постапка врши големи промени во букето на вината, при што најчесто развиваат различно буке и вкусови. Вината пино бланк, зреени во дабови буриња, добиваат арома на ванила, препечен леб и димено месо, додека со примена на целосна малолактична ферментација (претворање на јаболковата киселина во млечна) вината добиваат арома на путер, слатка павлака или лешник. Затоа што пино бланкот најчесто се консумира како младо освежително вино, кај нас зреењето се извршува во иноксни садови и тоа се карактеризира со арома на јаболка, круша, диња, цитрусно овошје и ананас. На непцата дејствува мошне балансирано и меко, со долг овошен завршеток.
Во комбинација со медитерански јадења
Пино бланкот се одликува со златно-жолта боја, со изразен зелен отсјај. Поради тоа се флашира во шишиња од светлокафеаво или зеленкаво стакло, со вдлабнато дно. На трпезата се сервира на температура од 8 до 10 Целзиусови степени во чаши во облик на лале. Посебна хармонија пино бланкот постигнува доколку е послужено во комбинација со пилешко во бешамел сос, разни видови тестенини, печен бифтек, како и со ризото со морски плодови. Одлична комбинација е со сите медитерански јадења. Поради доминантните овошни ароми, многу добро се хармонизира со сите овошни салати и десерти. Виното пино бланк содржи околу 12,5 проценти алкохол.