Го изгубивме ли значењето на 8 Март низ годините, низ подароците и цвеќињата што ги даваме на нашите мајки, тетки, баби, професорки, наставнички? Дали борбата на Клара Цеткин и Роза Луксембург остана таму некаде во минатото? Дали се изборивме вистински за еднаквост во сите сфери?
Овие и многу други прашања сè уште виреат и се присутни во секојдневието да нè потсетат дека ова општество сè уште се соочува со нееднаквост по родова основа. Тоа го гледаме во многу ситуации, почнувајќи од работните можности, од нееднаквоста во платите, од примарната грижа за семејството и домот, од родово базираното насилство, од етикетирањето, дофрлањето и стравот од вечерна прошетка или враќањето дома низ темни улици.
Сексуалното вознемирување и дискриминирање по родова основа се префрли и на социјалните мрежи, па сега добивме уште една причина плус да се бориме за родова еднаквост. За среќа, има сè погласни и поактивни граѓани и граѓанки, па тоа уште држи надеж дека борбата за вистинска еднаквост продолжува и покрај стигмите и недореченостите што лебдат наоколу. А пак, славењето на Меѓународниот ден на жената нека биде во насока на досегашните победи и напредокот направен во политичкото, социјално-општественото, економското, образовното и другите полиња.
За значењето и симболиката на 8 Март, како и за годинешното мото #Breakthebias (Скрши ја пристрасноста), поразговаравме со три жени, Теодора Милеска, Алмира Фасљии Муарем и Катерина Иванова, на кои им поставивме три исти прашања.
Теодора Милеска, активистка
Образованието, солидарноста и емпатијата се клучот за родова еднаквост
На што најмногу ве асоцира 8 Март, Меѓународниот ден на жената?
За мене, 8 Март е симбол на континуирана борба, заложба и солидарност за родовата еднаквост. Иако секој ден е ден за борба против патријархатот, сепак сметам дека 8 Mарт е денот кога поголем дел од луѓето се чувствуваат удобно да искажат поддршка за движењето. Но, мислам дека ова е мошне идеализирана слика за што претставува 8 Mарт за мене. Не можам, а да не споделам дека 8 Mарт ме потсетува и на честитки, рози, попусти за производи од домаќинство, екстравагантни подароци за наставничките и, секако, погрешната интерпретација дека е ден на мајките. За жал, разбирањето за важноста на овој ден е изобличена од капитализмот и потребата за профит и потребата од маркетинг базиран на сè она против кое се бори и постои 8 Mарт.
Па, така, на крајот на денот, 8 Mарт ме асоцира на активизам, не само како протест на улиците туку и на постојана едукација на социјалните мрежи, за зашто овој ден не е ден на „понежниот пол“, зашто не е „ден на мајката“ и зашто навистина нема ништо моќно во тоа да има попусти на производи од етикетирани „женски“ области.
Кои родови разлики, стереотипи и предрасуди лично ви биле искажани, изречени, наметнати во борбата за родова еднаквост? Дали некогаш сте биле дискриминирани поради тоа што сте жена?
Искрено, на секојдневна основа се среќавам со различни родови стереотипи и предрасуди што најчесто се спакувани во многу навидум „безопасни“ реченици и фрази. Секој родов стереотип, секоја предрасуда има свој многу посуптилен начин на манифестација и токму мислам дека ваквите форми со текот на времето научив да ги препознавам. Велам навидум безопасни, но во својата срцевина ги имаат истите патријархални убедувања, за жал често не се препознаени како такви. Моменти во кои најмногу се имам почувствувано неудобно, па дури и понижено, е кога патријархалните уверувања навлегуваат во сферата на образованието и се присутни во предавалните. Сум имала случаи каде што сексуалното насилство и вознемирување било оправдувано од страна на професори и студенти и, секако, промовирање на наративот дека жртвата е виновна. Или, пак, во друг случај потценување на знаењето што го имаат студентките за теми што се типично „машки“. И најтешкото е кога веќе сте свесни за сите овие форми на добро спакуван сексизам, секој пат кога сакате да преземете акција и да ги посочите, станувате она што Сара Ахмед го нарекува „feminist killjoy“.
Годинешното мото на Меѓународниот ден на жената е #BreakTheBias. Како сметате дека колективно можат да се скршат пристрасноста и родовите нееднаквости за да живееме во свет ослободен од стеги и каде различноста е славена и ценета?
Според мене, клучот за колективната борба против родовата нееднаквост лежи во образованието, солидарноста и емпатијата. Образование што е ослободено од родови стереотипи, предрасуди и патријархални наративи ќе креира еден многу побезбеден простор за еднакви можности за сите. Дополнително, точните информации од релевантни извори се особено важни во време каде што сите живееме и во здравствена пандемија, но и во пандемија на лажни вести. Како втора точка би ја потенцирала солидарноста, која често гледам дека недостига во нашето општество. Можеби најпоразително е кога го гледам недостигот на солидарност кај жени во однос на феминистичките прашања. Борбата за родова еднаквост не е завршена само затоа што вие и вашиот живот се задоволни од досегашните заложби и промени. Таа продолжува и ќе трае сè додека секоја жена не е ослободена од патријархалните стеги. И за крај, емпатијата, како способност што нè потсетува секојпат зошто продолжуваме да го правиме ова. Мислам дека само со негување на овие практики и вредности ќе можеме полека, но сигурно да изградиме еден свет кој е ослободен од стегите и еднаков за сите.
Алмира Фасљии Муарем, Инцијатива на жени од Шуто Оризари
Разликите помеѓу мажот и жената сè уште се огромни
На што најмногу ве асоцира 8 Март, Меѓународниот ден на жената?
Кога бев мала, мислев дека 8 март е денот на мојата наставничка и на мајка ми и дека најдобар подарок за да се одбележи овој ден е цвеќето. Растејќи, разбрав дека 8 март е денот кога жената ја одбележува борбата за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Благодарение на образованието и невладините организации во кои бев вклучена, симболиката на овој празник ме асоцираше на актуализирање на барањата за подобрување на условите за работа на жените и квалитативното подобрување на нашиот социјално-политички статус во општеството.
Кои родови разлики, стереотипи и предрасуди лично ви биле искажани, изречени, наметнати во борбата за родова еднаквост? Дали некогаш сте биле дискриминирани поради тоа што сте жена?
Велат дека мажот е телото, а жената вратот. Според мене, жената е и телото и вратот и душата и сите органи во човечкото тело. Исто како црешата врз шлагот на роденденската торта. За жал, голем број лица го мислат спротивното, па така разликите помеѓу мажот и жената се огромни, почнувајќи од образованието, вработувањето, па сè до начинот на живеење. Сè уште се присутни предрасудите и стереотипите од типот на тоа дека жената мора да е домаќинка во домот, а мажот е тој што треба да работи или, пак, девојчињата да не учат, а момчињата повеќе да учат. И покрај тоа што сметам дека да се биде жена е чест, а жена Ромка – благослов, многупати бев дискриминирана и поради тоа што сум жена и поради тоа што сум Ромка. Со сите овие предизвици се соочував во борбата за подобро утре за секоја од нас.
Годинешното мото на Меѓународниот ден на жената е #BreakTheBias. Како сметате дека колективно можат да се скршат пристрасноста и родовите нееднаквости за да живееме во свет ослободен од стеги и каде е различноста славена и ценета?
Ние, како жени, никогаш не сме сакале да бидеме посупериорни од мажите или да уживаме права што не ги уживаат мажите. Едноставно, ние сакаме да бидеме еднакви со нив, да имаме еднаква плата со нашиот колега кој работи иста работа како нас, да имаме исти можности за образование и за начинот и одлучувањето за животните прашања. Ова може да се оствари само и единствено доколку и мажите ги почитуваат овие работи и доколку институциите не се постават дискриминаторски. Потребно е спроведување обуки во основното и во средното образование за родова еднаквост, а со тоа ќе им се пренесе на најмладите, што е и целта и еднаквоста во целокупното живеење.
Катерина Иванова, активистка за сексуални и репродуктивни здравје и права
Ајде да се сакаме пркосно!
На што најмногу ве асоцира 8 Март, Меѓународниот ден на жената?
Ме асоцира, иронично, токму на бришењето на феминистичката борба. На сите оние пати кога 8 Март е претставен како Ден на мајката/бабата/учителката. Токму од овој пример можеме да согледаме колку е овој ден важен, важен за да се искоренат овие кутии во кои сме ставани како жени. Уште еден потсетник дека вредиме само ако сме мајки, а и тогаш сè правиме „погрешно“. Но, од друга страна, ми создава чувство на припадност на една феминистичка заедница, кое мислам дека е од голема важност. Ова чувство ми беше клучно во моето оформување како феминистка и секогаш ќе ми биде. Го гледам како една шанса уште повеќе да се сплотиме и да учиме макар и на еден ден.
Кои родови разлики, стереотипи и предрасуди лично ви биле искажани, изречени, наметнати во борбата за родова еднаквост? Дали некогаш сте биле дискриминирани поради тоа што сте жена?
Од каде да почнам. Мислам дека нема жена која не го искусила ова, некои помалку, некои повеќе. Сепак, нашето општество е патријархално и следствено поставено да нè дискредитира, омаловажува и понижува на секој чекор. Така, некои искуства што би ги издвоила се честите потценувања со кои, покрај мене, се соочуваме сите млади жени. Притисокот дека јас морам да изберам кариера што нема да ми пречи во формирањето семејство, дека како жени не сме сексуални битија, туку само предмет на сексуалните желби на мажот, но само кога треба, затоа што и многу не е океј. Стереотипите дека феминистките се „луди“ и ред други епитети, кои само се користат за да се дискредитира целата борба и да бидеме сфатени како шега. Сите овие појави евентуално кулминираат и насилно. Ова е можеби најголемиот извор на мојот гнев кон патријархатот, постојаните потсетници дека сме потенцијални жртви во секој момент, а кога зборуваме за тоа не сме сфатени ни најмалку сериозно. Измачувачкиот страв од одење по улица до пристигнување дома, но и што по пристигнувањето? Статистички, жените се најнебезбедни во домот. Физичкото насилство е само резултат на вековна традиција од системско насилство и угнетување, вековна борба за моќ во која ние сме назначени губитници.
Годинешното мото на Меѓународниот ден на жената е #BreakTheBias. Како сметате дека колективно можат да се скршат пристрасноста и родовите нееднаквости за да живееме во свет ослободен од стеги и каде различноста е славена и ценета?
Оваа борба е тешка затоа што се води на многу фронтови. Тоа може да е напати многу збунувачки и застрашувачки, па дури и да нè натера да се откажеме. Мислам дека согледувањето на поврзаноста на сите овие фронтови и користење на тоа како извор на солидарност е клучот. За мене, оваа солидарност потекнува токму од мојот гнев, гнев кон систем што ги угнетува моите блиски, моите предки, жените кои никогаш нема да ги запознам, а патријархатот ме учел да ги мразам и да се натпреварувам и да се споредувам со нив. Сепак, чувствувам огромна приврзаност со нив, затоа што сме „во иста каша“, а мојата љубов и емпатија е израз на мојот гнев и пркос. Така што, ајде да бидеме гневни кон ваквиот систем, да се сакаме пркосно.