Шестиот марш за женски права, ќе се одржи на 8 март (вторник), под слоганот: „Сиромаштијата има женско лице“. Со почеток во 12.00 часот пред зградата на Владата, од Платформата за родова еднаквост објавија дека на овој марш заеднички ќе се упати порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од нивните животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот.
„Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок! Општество во кое жените се сиромашни и лишени од своите права е општество кое е сиромашно!
На овој марш за женски права сакаме да ги потсетиме клучните институции дека:
- Отсуството на политики, стратешки документи и механизми кои го поддржуваат унапредувањето на родовата еднаквост и правата на жените значи дека институциите дозволуваат системска дискриминацијаи насилство!
- Женската сиромаштија демне во сите аспекти од општествениот живот, а е особено изразена поради пандемијата со Ковид-19 што доведе до голем број на отпуштања во прекарните индустрии, како што е текстилната, каде најголем дел од вработените се жени, но Ковид мерки и механизми за економско зајакнување на жените отсуствуваат!
- Жените и понатаму не се ниту близу подеднакво вклучени во креирањето на политики и мерки, како и носење одлуки, кои ќе ги земат предвид потребите на сите граѓан(к)и. Онаму каде нема квоти, како што се извршната и локалната власт, одлуките ги носат доминантно мажи – само 4 жени, наспроти 17 мажи во Владата на Р.С.М; 2 градоначалнички, наспроти 79 градоначалници во локалната власт!
Промени мора да има! Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас, со почеток во 12.00 часот, пред Влада на Р.С.М каде по нашето обраќање, ќе продолжиме по предвидената рута и маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Борец, со обраќање до јавноста и институциите“, се вели во објавата.
Маршот ќе започне во 12 часот пред Владата, а ќе заврши во Паркот „Жена Борец“ со обраќање до јавноста и институциите.
* Маршот е организиран од Платформата за родова еднаквост и ќе ги почитува протоколите за безбедност. Потребно е да се носат маски и да се држи дистанца, а адекватен број на редари ќе се погрижат тоа да биде така од почеток до крај на маршот.