Вкусен, мек колач со сочни боровници, арома на лимон, сервиран во комбинација со голема топка на сладолед од ванила е вистинска експлозија на свежи летни вкусови. Идеален за деновите што ни претстојат!
Состојки:
220 гр. + 2 лажици брашно
150 гр. кафеав шеќер
2 лажички прашок за пециво 1/2 лажичка сол
110 гр. путер, омекнат
1 јајце
120 гр. јогурт
280 гр. боровници
ситно рендана кора од половина лимон
Подготовка:
Путерот, јајцето и јогуртот е потребно да се остават барем половина час на собна температура, со цел во текот на подготовката да имаат иста температура, со што се постигнува идеално вмешување на сите состојки и ровкаста структура на колачот. Во сад се мати путерот заедно со шеќерот неколку минути, се додава јајцето и се продолжува со матење уште 2 минути. Брашното, пецивото и солта се промешуваат, половина од смесата се додава во смесата од путер/шеќер и кратко се миксира, се додава јогуртот и на крај другата половина од брашното, се мати до соединување. На крај се додава ренданата кора од лимон и се вмешуваат боровниците (неколку оставаме настрана за да го посипеме врвот на колачот пред печењето) во кои што претходно сме ги додале двете лажици брашно. Смесата ја префрламе во калап за печење, на врвот ги нанесуваме преостанатите боровници и врз нив посипуваме една лажица шеќер. Печеме во загреана рерна на 175 С, 50 – 60 минути.
Сервираме на собна температура со сладолед од ванила.