Со почетен собир од 10 до 12 часот во Жена парк, па потоа со рута покрај Владата и до Школка во Градски парк, каде ќе се одржи и прослава, на 26 јуни ќе се одржи втората Парада на гордоста (Skopje Pride), овој пат под мотото „Вон ѕидовите“.
Организирана од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, настанот ќе ги реафирмира надежите за посолидарно, похумано, поправедно општество. Односно, славење на слободата, различноста, прифаќањето и љубовта.
Кочо Андоновски, член на организацискиот одбор, на прес-конференција рече дека одлучиле годинава да се одржи втората парада откако спласна пандемијата и мерките се олабавени.
„Им ја посветуваме на сите кои ги поддржуваат правата на ЛГБТИ заедницата, но и на сите кои живеат во изолација и не можат јавно да излезат од неа“, рече Андоновски.
Според извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, уште пред десеттина дена одржале средба со министерот за внатрешни работи и добиле потврда за посветеноста која ќе ја има МВР, со цел да се обезбеди највисоко ниво на сигурност на сите учесници на парадата.
„Пред две години нашата парада која беше прва во нашата земја беше оценета како најдобра парада во регионот токму поради безбедносниот аспект. Покрај големиот број полициски службеници кои беа присутни на самата парада нивната видливост беше многу мала, што на учесниците на парадата им овозможи да се чувствуваат слободни, но сепак сигурни“, рече Пировска.
Годинава прајдот ќе го отвори претставникот на Евровизија, Васил Гарванлиев, по што ќе следат говори од активисти, а ќе има и музичка програма.
Тони Ангеловски, портпаролот на МВР, истакна дека полицијата ќе ги преземе сите неопходни мерки за настанот да помине безбедно. Посочи дека какво било нарушување на јавниот ред и мир ќе биде најстрого санкционирано и затоа упати апел граѓаните да ги почитуваат законите.