Изминатиов викенд Нина Симовска ја имаше петтата самостојна изложба, која се одржа во Котур Кафе и Филм. Оваа серија на дигитални портрети под името „Внатрешните Воини“ (Inner Warriors) започнала како идеја за време на карантинот во 2020 и е слика на внатрешните, длабоки емоции и борби на уметникот за време на социјалната изолација. Барајќи одговори таа создава едно свое „племе“ од ликови и карактери т.н. внатрешни воини кои се презентација на сите нејзини размислувања, емоции како страв, тага, осуда и сл.
„Идејата за отсликување на моите ‘Внатрешни Воини’ ја имам подолго време, но бидејќи се врзува директно со моите емоции некако требаше да се создаде вистинско време за да излезе од мене. 2020 беше одличен мотив да конечно се конкретизираат сите тие чувства и да добијат свој лик. Целиот опус од 30 дела е сработен за една година континуирано цртање. Навистина сум презадоволна од тоа како помина целиот настан. Колку многу луѓе го посетија и колку е пораснато нивото на конструктивна критика во нашите кругови. Желни сме за уметност и култура, тоа се покажа на дело. Просторот ми беше привлечен заради тоа што е поделен на две нивоа, а терасата доволно голема за во услови на пандемија да собере поголем проток на гости. Секоја чест за екипата на Котур!“, ни раскажа Нина.
За неа било задоволство да слуша како гостите различно ги доживувале портретите и ги поврзувале со нивните емоции.
„’Внатрешните Воини’ за мене се слика на моето ментално здравје, на моите најголеми стравови и успеси. Тие се моја екстензија и носат своја тежина секоја посебно. Оваа изложба е интимен дневник кој е отворен да биде прочитан. Најголем предизвик ми беше реализацијата на Шаманот кој освен со тежината на техничката изработка, за мене претставува сублимација на сите ликови во едно“, вели Симовска.