Живееме во време со брзо темпо, брза храна, брза мода, стимулирани од сите страни со консумеризам. Инспирирани од негативните ефекти на „потрошувачкото општество“ врз дизајнот, Atelje Proekting направи избор на 5 дизајни на столици кои го издржале тестот на времето. Овие столици со својата естетика и добар дизајн се популарни и денес, изработени се од квалитетни материјали, имаат беспрекорен дизајн и продадени се во милиони примероци.
СТОЛИЦА DSW EAMES
DSW е столица дизајнирана од американски индустриски дизајнери – брачниот пар Charles and Ray Eames. Прв пат е пуштена во продажба во 1950 година. Денес, 70 години подоцна сè уште е популарна и претставува претпознатливо парче мебел со статус на „икона“. Дрвените ногари прицврстени со пластичната школка во повеќе бои, како и безвременскиот дизајн се главните карактеристики кои ја прават оваа столица многу популарна. Големиот број на копии и имитации е доказ за добриот дизајн кој секој посакува да го има. Денес фирмата Vitra е лиценцирана за прозводство на овој модел на столица. Таа има и неколку варијации, може да биде со раконаслони и метални ногари наместо дрвени, како и различни бои на школката и дрвото на ногарите. DSW столицата на Eames со добриот дизајн наоѓа широка примена во домот, но и во други ентериери. Најчесто се користи како трпезариска столица, а ја среќаваме и во чекални и канцелариски простори.
СТОЛИЦА ТОНЕТ МОДЕЛ 18
Столиците на Тонет претставуваат класици, безвременски парчиња мебел кои се предаваат со генерации. Столицата Тонет модел 18 прв пат изработена во 1876 година, е позната и како бистро столица. Изработена е од извиткано дрво и претставува бестселер во колекцијата. Дизајнирана е од Michael Thonet, германско- австриски столар, кој бил пионер во виткање на дрво. Уште тогаш најмногу се продавала за употреба во ресторани и барови, посебно во Јужна Америка. Столицата е изработена од дрво со седало од плетена трска. Бојата на дрвото варира од светла до темно кафена. Оваа столица покрај примената во ресторани соодветна е и за трпезарии. Со нејзиниот винтиџ и романтичен изглед се вклопува во ваков тип ентериери.
СТОЛИЦА S PANTON
Оваа столица дизајнирана во 1960 година од данскиот дизајнерVerner Panton. Таа е првата столица во светот целосно изработена од пластика во едно парче. Има добиено многу интернационални награди за дизајн и се смета за „класик“ во дизајнот на мебел. Како вистинска „ѕвезда“ оваа столица е објавена на насловната на Vogue во 1995 година, на која е фотографирана со Kate Moss. Денес Panton S столицата ја произведува фирмата Vitra. Со својата антропоморфна форма и изработка од полипропилен нуди флексибилност што е важно за удобноста. Материјалот овозможува да се користи во ентериери и екстериери. Употребена во трпезарија создава драматичност и елеганција. Кога се користат пар столици или една како акцент во просторот, внесуваат уникатност и не остануваат незабележани.
Слика: Пинтерест
СТОЛИЦА CH24 WISHBONE
толицата Wishbone, позната и како “Y” е најпознатиот дизајн на данскиот дизајнер Hans Wegner. Ова парче мебел е препознатлив симбол на данскиот дизајн. Уште од 1950 година ја произведува фирмата Carl Hansen & Søn. Скоро сите музеи на современа уметност ја имаат оваа столица во своите колекции. Тоа што е карактеристично за неа е дека наслонот и раконаслонот се изработени од едно парче дрво, ногарите се исто така од дрво, а седалото е од јута. Дрвото и јутата имаат широка палета на бои за избор – дрвото варира од бука, даб и орев во завршница со лак или масло. Елегантниот дизајн и скулптуралноста кои ги има оваа столица се есенцијата на данскиот дизајн. Оваа столица најголема примена наоѓа како трпезариска столица и со својот софистициран изглед наоѓа место во луксузни ентериери.
СТОЛИЦА REX
За крај како пример на безвременски дизајн од нашиот регион ја издвојуваме столицата Rex дизајнирана во 1956 година од Niko Kralj – словенски архитект и индустриски дизајнер. Станува збор за столица на расклопување, изработена од дрво. Претставува најпознат продукт на југословенскиот индустриски дизајн кој е често копиран ширум стветот. Оваа столица денес се наоѓа во колекцијата на Музејот на модерна уметност во Нујорк, што сведочи за нејзината иновативност и дизајнерска вредност. Rex столицата денес ја прозведува брендот Rex Kralj и до денес се произведени 2 милиони парчиња. Нејзиниот успех се должи на комфорот, стилот и практичноста кои ги нуди. Седалото и наслонот се изработени од дрво во кое се направени отвори, што приодонесува за удобност, лесен изглед и мала тежина на столицата. Оваа столица е добар избор за уредување на дворови и тераси, но одлично се вклопува и во ентериерот на секој дом.
Слика: Пинтерест