Новата колекција на Јована Филиповиќ во соработка со Ајбуке Баркчин претставува олицетворение на едно пријателство, кое доведе до соработка, каде и двете креативки решија да размислат за разорните ефекти на пандемијата и да претстават колекција што ја потенцира важноста на сонувањето и младешката фантазија.
Женственоста, функционалноста, елегантноста и препознатливиот монохроматски израз на Јована Филиповиќ, овој пат е надополнет со енергијата и уметничкиот израз на Ајбуке Баркчин, која се јавува како ко-дизјанер/соработник на колекцијата.
Своето искуство Баркчин го гради најпрвин во Турција, студирајќи меѓународни односи и графички дизјан, а потоа го надоградува знаењето во Америка, Франција,
Хонг Конг и на крај во Италија на факултетот за мода – Полимода, каде што и се спојуваат патиштата со Јована и веќе истата година почнуваат да соработуваат на неколку проекти.
Токму тоа пријателство е и почетната инспиративна точка на Капсулната Колекција за Есен/Зима 2021, и обидот да се трансформираат нивните две тотално различни креативни енергии во еден хомоген приказ.
Втората инспирација е спој од книгата на Lewis Caroll – Алиса во земјата на чудата и Јапонското Аниме – Paprika, базирано на новелата на Yasutaka Tsutsui.
Црвените рози кои се јавуваат како принт на кошулите црпат инспирација од средбата на Алиса со кралските градинари кои ги бојат белите рози во црвени, и истовремено се референца на еден вид ескапизам и создавање на своја нова реалност, спротивставувајќи и се на природата.
Плисираната јарко плава свилена сукња, носи референца од познатата плава боја на Walt Disney, која буди сеќавање на младост, наивност и бајковитост.
Принтовите на црвената кошула се реинтерпретација на неколку верзии од
најпознатите приказни на Дизни, прераскажани и претворени во ”реални” приказни, со цел да илустрира како може да изгледа ”растргнат” животот кога се напушта чинот на сонување.
Сите изгледи се надополнети со модни додатоци, ланчиња – чокери и алки кои имитираат трње и рози. Како и синџири кои претставуваат симболична референца за прицврстување и втемелување во новата реалност.
Фотографија: Далибор Смилески