Муцевски го забележавме сосема случајно на Instagram (@kirlimucevskiphotography) и одлучивме да го прашаме за фотографиите со мали играчки и прилагодени сценографии на јунаци од МАРВЕЛ, Лего коцки, минијатурни автомобили… Кирил е повеќекратно наградуван фотограф, има освоено бројни награди на GuruShots и рангиран е во ТОП 10 фотографи на 35AWARDS 2020.
Зошто фотографија и како изгледаа вашите почетоци, што почнавте прво да фотографирате?
Бидејќи фотографијата е универзален речник што секој може да го разбере. Секоја фотографија заменува барем 1000 зборови и раскажува барем една приказна. Моите први почетоци датираат уште од осмолетка (6-то, 7-мо одделение), каде на дополнителните секции по техничко образование се запознав со целокупниот процес на аналогната фотографија, од фотографирање до изработка на фотографии, развивање на црно-бел 35 mm негатив во темна комора, ретуширање на филмот до финалниот продукт, развиената фотографија. Подоцна во 2008 год. го купив мојот прв дигитален фотоапарат и почнав да фотографирам портрети, пејсажи, природа, спортски активности, итн. Изминативе неколку години целосно сум посветен на фотографирање минијатурни модели на автомобили, јунаци од МАРВЕЛ, Супер Марио, Лего коцки и други слични играчки.
Вашите фотографии со минијатурни играчки се особено интересни и необични. Како дојдовте до идејата и дали е особен предизвик да се прават вакви фотографии?
Идејата дојде сосема спонтано, прво ме привлекоа и почнав да фотографирам минијатурни модели на автомобили (во размер 1:18, 1:24, 1:43, 1:64) од Bburago, HotWheels, Maisto, Kinsmart и Welly, а подоцна и познатите јунаци од MARVEL и LEGO коцките влегоа во списокот на моите омилени. Еден од најважните предизвици е визуелното презентирање и вклопување на фотографираните јунаците во перспективата и околината како би се доловила приказната на многу пореалистичен начин. Во последно време вистинско задоволство и предизвик се фотографиите каде е прикажано некое движење или акција, со користење на практични ефекти, принудно дување прашина, распрскани зрнца ситен песок или капки вода.
Што е најтешко при фотографирање на минијатури?
Како што веќе споменав, честопати најтешко и секако најважно е вклопувањето во позадината и перспективата со цел да се добие колку е можно пореалистичен приказ на фотографираните автомобилчиња или јунаци. Да бидат презентирани како една целина, како вистински дел од околината, веродостојно да ја пренесат визуелната порака и приказна на речник што секој може да го разбере.
Дали сте љубител на некои од ликовите кои ги фотографирате?
Секако, покрај различните минијатурни модели на автомобили, еден од моите најомилени и најфотографирани ликови е суперхеројот Hulk.
Какви критики добивате за вашите фотографии и дали сте имале изложба конкретно со овие фотографии?
Најчесто добивам позитивни критики и реакции на фотографиите кои ги објавуам на социјалните мрежи од моите фанови и следбеници. На фотографските натпревари каде темата е некој вид на креативна фотографија, исто така може да се забележат позитивни коментари од други фотографи учесници кои биле инпресионирани од моите идеи. На GuruShots натпреварите неколку пати имам освоено прва награда токму со ваков тип на фотографии. Досега сум немал прилика да организирам изложба, но секако се надевам дека во скоро време ќе се случи и тоа.
Од што добивате инспирација за фотографиите, за предметите кои ги користите, за сценографијата?
Кога некој ќе ја забележи фотографијата и ќе ја разбере приказната и упатената порака, кога на неговото лице ќе се забележи дискретна насмевка, без разлика дали станува збор за дете или возрасна личност, е тоа чуство на задоволство е најдобрата инспирација која понатаму ми дава мотив за новите идеи.