Независниот театар Wonderland Theatre утре во 20h ќе ја има својата прва театарска онлајн премиера односно прва претстава во виртуелен простор. Претставта носи наслов „Илузии“. Работена е според мотиви од истоимената драма на најпознатиот современ руски писател Иван Вирипаев. Претставата е во режија на Нела Витошевиќ. Улогите ги играат актерите: Драгана Лошкова, Ивана Павлаковиќ, Никола Настовски и Исмет Шабановиќ. Монтажата ја направи Васил Христов. Музиката е на Огнен Анастасовски. Претставата ќе се емитува од 20 00 часот на каналот на Wonderland, на интернет платформата Youtube и потоа ќе остане на истата за публиката да може и понатаму да ја гледа. Претставата може да се следи и на Инстаграм страницата на театарот „Вондерленд“ и на Фејсбук.
„Оваа претстава е направена во време на пандемија и нејзиното создавање е поврзано со периодот на карантинот. Секој ден откако ќе започнеше полицискиот час, екипата се собираше да пробува на интернет платформите за комуникација. Тргнавме од идејата односно започнавме дебати околу тоа што би се случувало доколку пандемијата потрае подолго време?! Каков би бил светот?! Како би функционирале ние во новонастанатите околности?! Што би се случувао со уметноста, а што со театарот?! Користејќи се со театарски пристап/алатки, но во виртуелниот свет, направивме претставата која ги отвара темите на љубов, неверство, оттуѓеноста на луѓето како и за празнотијата и минливоста на животот. Оваа приказна ни ја раскажуваат четворица актери кои постојано влегуваат и излегуваат од улогите. Сите играат конкретна улога, но истовремено се и наратори на приказната. Од друга страна претставата отвара и еден друг документаристички аспект кој зборува за проблемита со кои сега се соочува, а и допрва ќе се соочува пост-пандемскиот театар. Интересно во однос на процесот е и тоа што екипата се нема сретнато во живо. Целата комуникација и создавање на претставата се одвиваа онлајн. Сè што е снимено е снимено со приватни телефони на екипата. Претставата е правена месец и 20 дена. Таа е наш придонес во оваа ново настаната состојба. Претставата има титлови на македонски или англиски јазик.“, се вели во соопштението од театарот.