Прегледот на резултатите од една неодамна објавена студија во медицинското списание „Лансет“, кој се пренесува на повеќе портали, соопштува загрижувачки последици од влијанието на Ковид-19 врз менталното здравје и благосостојбата на луѓето ширум светот. Имено, авторите на оваа студија процениле дека случаите на депресија се зголемиле за 53 милиони на глобално ниво како последица на пандемијата, што е за 28% повисоко од нивото пред пандемијата. Случаите на анксиозност, пак, се зголемиле за 76 милиони, што претставува пораст од 26%. Притоа, жените биле погодени повеќе од мажите, а помладите биле повеќе погодени од повозрасните лица. Имајќи предвид дека периодите на детство и адолесценција се најдинамичните од аспект на развојните промени што се случуваат во сите развојни домени, како мошне значајно се наметнува прашањето за состојбата со менталното здравје на децата и адолесцентите во периодот на пандемија на Ковид-19. Според најновите податоци објавени од „Ментално здравје Америка“, во 2021 година 13,84% од адолесцентите во САД, на возраст помеѓу 12 и 17 години, соопштиле дека претходната година (поточно во 2020) искусиле најмалку една поголема депресивна епизода. Споредено со 2020 година, во 2021 бројот на адолесценти кои се соочуваат со депресивни епизоди се зголемил за 206.000 случаи. Во истиот извештај се наведува дека 9,7% од адолесцентите (што соодветствува на повеќе од 2,3 милиони адолесценти) се соочуваат со сериозно тешка депресија. Споредено со 2020 година, овој број се покачил за 126.000 случаи. Депресивноста кај адолесцентите и младите честопати се јавува заедно со анксиозноста, злоупотребата на супстанции и нарушувањата на однесувањето.
Во декември 2021 година УНИЦЕФ објави публикација насловена „Превенирање на изгубена декада“, во која е наведено дека за помалку од две години, дополнителни сто милиони деца западнале во сиромаштија заедно со нивните семејства, што е зголемување за 10% споредено со 2019 година. Истата организација, во октомври 2021 година, објави извештај под наслов „Состојбата на децата во светот 2021“, во кој, меѓу другото, стои дека според глобалното истражување на УНИЦЕФ и „Галуп“ (дел од проектот „Детство кое се менува“), во 21 земја, приближно 1 од 5 млади луѓе на возраст од 15 до 24 години изјавиле дека често се чувствуваат депресивно или имаат мал интерес да прават работи. Понатаму, податоците на Институтот за мерење и евалуација на здравјето за 2019 година, на кои се повикуваат и УНИЦЕФ и СЗО, покажуваат дека глобално, 1 од 7 деца и адолесценти (или околу 13%) на возраст од 10 до 19 години се соочуваат со некакво нарушување на менталното здравје. Притоа, СЗО во написот објавен на 17 ноември 2021 година, нагласува дека голем дел од овие случаи остануваат непрепознаени и без соодветна стручна поддршка. Во споменатиот извештај на УНИЦЕФ, овој процент преведен во бројки упатува на околу 166 милиони адолесценти, односно 89 милиони момчиња и 77 милиони девојки.
Податоците за состојбата со самоубиствата се уште позагрижувачки. Според УНИЦЕФ и СЗО, тоа е четврта водечка причина за смрт кај адолесцентите на возраст од 15 до 19 години. Поконкретно, секоја година, речиси 46.000 деца и адолесценти на возраст меѓу 10 и 19 години завршуваат со сопствениот живот или околу 1 на секои 11 минути. На возраст помеѓу 15 и 19 години, разликите помеѓу момчињата и девојките покажуваат дека самоубиството е четврта водечка причина за смрт кај адолесцентите од машки пол, додека кај адолесцентките тоа е трета водечка причина за смрт.
Од погореизнесените податоци, јасно е дека ниту една возрасна група не останала незасегната од пандемијата на Ковид-19, која се покажува како извор на сериозен стрес за голем број луѓе. Во периодите на детство и адолесценција колку повеќе фактори на ризик дејствуваат одеднаш, толку е поголемо и поштетно нивното влијание врз менталното здравје. Периодот на адолесценција е исполнет со низа фактори што можат да придонесат за појава на стрес. Меѓу нив се врсничкиот притисок, формирањето на идентитетот, промените што се случуваат на невропсихолошки план, исполнувањето на очекуваните развојни задачи во овој возрасен период, квалитетот на релациите со семејството и врсниците, изложеноста/искусувањето на меѓуврсничко насилство, влијанието на медиумите и социјалните мрежи, тешките социоекономски услови и слично. Некои адолесценти, за жал, се изложени на поголем ризик поради условите во кои живеат, стигмата, дискриминацијата или исклучувањето со кои се соочуваат по различни основи, недостатокот на пристап до квалитетно образование и здравствени услуги итн.
Сè поголем број податоци упатуваат на тоа дека светот се соочува со сè посериозна состојба во поглед на менталните нарушувања кај младите, но и кај повозрасните. Во таа смисла, важно е сите засегнати да бидат навремено препознаени и опфатени со стручна поддршка и помош. Ова не е секогаш лесно, затоа што индикаторите за присуството на вирусот во организмот се многу попрецизно видливи и мерливи, отколку нарушувањата на менталното здравје, не само затоа што тоа е мултифакторијално условена состојба туку и, уште поважно – затоа што е состојба што поединецот најпрвин треба да ја препознае кај себе, а потоа и да сака да се обрати за помош кај стручни лица. Понекогаш симптомите на ментално нарушување се задоцнето и/или погрешно препознаени како физички и физиолошки, како привремени и не толку важни (колоквијално кажано „Ништо не ми е, ќе ми помине“), како нешта што „најдобро е да се премолчат“ или, пак, како прикриени и припишани на развојни промени типични за одредена возраст, што го отежнува нивното диференцирање и дијагностицирање. Сепак, имајќи предвид дека сите теоретски, емпириски и практични сознанија укажуваат дека колку порано се препознае и побара стручна поддршка за одреден предизвик исправен пред менталното здравје на поединецот, толку исходот е пооптимистичен и подобар, рефлекторите на стручната јавност, а пред сè оние на семејството и на образовните институции, треба да бидат силно вперени кон децата и адолесцентите за да се интервенира колку што е можно порано доколку е потребно. И тоа колку што е можно подетално и посистематично.