Шпанските власти подготвуваат предлог-закон кој доколку се изгласа ќе им овозможи на жените кои имат силна менструална болка да земат од три до пет дена отсуство од работа месечно. Ако законот се донесе, Шпанија ќе биде првата земја со вакво право во Европа. Законот е дел од поголема репродуктивна реформа вклучувајќи го и законот за абортус. Повеќе детали се очекуваат да бидат објавени во вторник следната недела.
Според Шпанското друштво за гинекологија, околу третина од жените во менструален циклус се соочуваат со силни болки, познати како дисменореа. Симптомите вклучуваат болки во стомакот, дијареја, главоболки и температура.
Три дневното боледување ќе може да се одобри со докторска потврда со потенцијално продолжување до пет дена за особено силна и сериозна болка, вртоглавица, зашеметеност и повраќање.
Предлог законот истовремено треба да го намали и ДДВ-то на хигиенски производи за жените, како и да обезбеди бесплатни менструални продукти во училиштата и едукативните центри. Дополнително со измените се предлага и право на бесплатен абортус во јавното здравство, како и укинување на обврската за жените на 16 и 17 години да бараат дозвола од родителите за прекинување на бременоста.
Во светски рамки ова отсуство е дозволено во мал број земји, меѓу кои Јапонија, Тајван, Индонезија, Јужна Кореја и Замбија.