Битката против менструалната сиромаштија која почна пред неколку години со цел поголема достапност до менструални производи и соодветни хигиенски услови за сите девојчиња низ земјата, не запира во време на пандемија. Од здружението „Новинари за човекови права“ започнаа петиција против даночната дискриминација за менструални производи. Секоја жена има право на пристап до производи за одржување на менструално здравје, затоа од НЧП повикаа да се потпише петицијата за намалување на ДДВ за менструални производи од 18 на 5 отсто.
Од „Новинари за човекови права“ велат дека изминатиов период работеле на проект преку кој биле анкетирани 110 девојчиња од кои 3% изјавиле дека користат хартија или други средства кои не се основни менструални производи.
„Потенцираме и дека повеќе од 70% од девојчињата велат дека средствата за менструална хигиена се скапи и не можат да си ги дозволат. Менструацијата не е луксуз!!! И пристапот до производи не треба да биде дискриминирачки!!! Петицијата може да ја потпишете и онлајн ТУКА, а тимот на НЧП во наредниот период ќе организира јавни настани за потпишување на петицијата“, ни изјави Наташа Доковска Спировска, програмски директор и проект координатор на проектот „Менструацијата не е луксуз“.
Велика Британија од јануари оваа година е прва земја во која се делат бесплатни пакети за девојките. Ричард Малион од Британската амбасада во Скопје ја потврди нивната заложба за подигнување на свеста кај младите на оваа тема, како и потребата средствата да станат достапни до секоја девојка. Во однос на нивната соработка со НЧП тој рече:
„Со проблемот со недостиг на средства за хигиена се соочуваат милиони девојчиња и жени низ светот, а тоа придонесува да има отсуства од училиште. Ние работиме на ова прашање во изминатава година со ‘Новинари за човекови права‘. Направивме адаптирани тоалети во училишта во Тетово и во Ресен, а имаше и онлајн предавања“.
На 28 мај беше одбележан Денот на менструалната хигиена ширум светот, со цел да се подигне свеста за потребата од еднаква и лесна достапност на производи за менструална хигиена и соодветни хигиенски услови во училштата како и да се обезбеди соодветна едукација.