Арбнора е новинарка но фотографирањето и било еден скриен сон, за кој никогаш не кажала никому. „Освен што не зборував за тоа, се плашев и да сонувам, бидејќи е многу скап спорт, а кај нас редакциите не се толку расположени да им дадат шанса на млади фотографи/новинари. Но ете не знаеме какви изненадувања нè очекуваат во животот, тој скапиот спорт стана моја професија. Денеска гледам постепено да се надоградувам за да продолжам понатаму, и да им бидам мотивација на сите млади кои сакаат да работат, имаат око, но никој не им дава шанса“, вели Арбнора. Во 2018 година за првпат почнала да работи како фоторепортер за дневниот весник „Слободен Печат“ и за овие две години вели дека стекнала многу искуства и го освоила срцето на многу луѓе. „Најпосебни терени каде сум работела, а кои би сакала да ги споменам и кои беа ново искуство за мене, се земјотресот во Драч и мигрантската криза во Едирне-Турција. Од овие два поспецифични терена јас научив многу, имав можност да се тестирам себеси и да го потврдам мојот став дека фотографијата е секогаш пред емоцијата“, додава Мемети. Досега имала три колективни изложби, една во Тирана и две во Скопје.
За фотографирање се заинтересирав… кога прв пат како новинар отидов на терен со фоторепортер.
Прва фотографија ми беше… откако почнав да работам официјално како фоторепортер во дневен весник, омилена и прва фотографија ми е еден Ром, дечко кој виси на една статуа во центарот на Скопје.
Фотографијата има моќ да… им даде глас на немоќните и око на невидливото.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа… ми стана омилена Аnja Нiedringhaus воен-фоторепортер, која почина во 2014 во Авганистан. Имајќи во предвид дека сум најмала од моите колеги ја почитувам работата на моите постари колеги, и од нив учам како треба и како не треба да бидеш.
Знам дека е погоден момент за добра фотографија… кога ги имам потребните елементи, значи имам композиција и значи дека можам слободно да шкрапнам, ако го носам апаратот со мене.
Неостварена желба ми е… да одам во Иран.
Непријатност со која сум се соочила додека фотографирам… кога фотографирав во Едирне за време на мигрантската криза, еден млад дечко околу 11 години кој го изгубил семејството во толпата, плачеше цело време, а јас требаше да го следам и фотографирам.
Досега фотографија за која сум добила најголемо признание… е фотографијата со двете патки, за време на полициски час.
Места/градови/ликови/настани кои ме поттикнуваат да фотографирам се… граѓанско- општествени настани како протести, конфликти и слично. Спонтано се развивам во професијата, и сликам сè што ми е убаво и што може да биде убаво за сечие око.
Проект/фотограф со кој би сакала да работам… обуки на странски агенции за воено фото-новинарство. За фотографи има многу, но Heidi Levine би сакала да ми биде ментор.
Фотографија која мене најмногу ми оставила впечаток е… фотографијата од први април 2019 година со Ромите на Камени мост.
Фотографии зад кои се кријат лични приказни секогаш се доживувани поинаку… бидејќи, тие фотографии секој може да ги гледа од свој агол, да им даде значење и да измислува приказна, додека за нас како автори тој замрзнат момент е повеќе од една фотографија.