Одгледувањето растенија во домот освен што носи задоволство и на многумина им преоѓа во хоби, па и во опсесија, воедно го надополнува декорот, го освежува и го прави просторот за домување поубав. Ви нудиме неколку поинакви предлози за саксиски цвеќиња, растенија и дрвја што ќе ви го направат домот катче за уживање.
Зелен параван
Растенијата поставени на полици или на постаменти во различни висини можат да создадат своевиден параван кој може да служи како разделник што визуелно ќе ги подели собите без да го затвори просторот.
Висечка градина
Висечките растенија закачени на таванот можат да бидат навистина декоративни поради нивното лежерно разгранување во форма на ползавец. Прицврстени или обвиткани околу парчињата мебел ќе бидат навистина уникатен растителен декор.
Џиновски саксии
Понекогаш повеќе е подобро. Мноштвото растенија во различни големини, сместени во различни, впечатливи саксии, можат да придонесат за бохо дух при уредувањето на домот.
Свежина во спалната соба
Не плашете се да ставите билки во спалната соба. Изберете ги оние што испуштаат кислород навечер и што придонесуваат за подобар сон, како алое вера, арека палма, гарденија, сансеверија (индијанско перо), јасмин, лаванда и слични.
Мини градина со зачини
Свежите зачински билки ќе наидат на широка примена во кујната. Засадете ги во тегли, конзерви, керамички садови – онака како што најмногу ќе ви се вклопат во останатиот кујнски декор и уживајте во секогаш свежите ароми.
Бодликаво катче
Кактусите и сукулентите се хит во последно време, веројатно поради многуте различни видови, како и поради лесното одржување. Издвојте катче од домот што ќе биде наменето токму за овие растенија.