Летното сонце и високите температури значат поголемиот дел од денот да се помине надвор под отворено небо, на плажа, на планина, во шетање. Сепак, како што е познато, сонцето и високите температури се штетни за кожата, а оштетувањата од сонце можат да донесат несакани последици, како изгореници, повеќе брчки и линии, сува кожа, па дури и рак на кожата. Најжешкото годишно време бара посебна нега на кожата, и покрај уживањето во ладни пијалаци, капењето и чувството на слобода. Умереното изложување на сонце е корисно и помага за настанување на витаминот Д, што е од големо значење за функционирање на мускулите, јакнење на коските и подобрување на циркулацијата. Меѓутоа, при изложување на сонце важна е правилната заштита од ултравиолетовите зраци.
За почеток е важно да се знае како сончевите зраци влијаат на кожата.
Ултравиолетовите зраци се особено штетни, а многумина не знаат што точно значат УВА-, УВБ- или УВЦ-зраците. Интензитетот на ултравиолетовите А-зраци е ист за време на дневната светлина во текот на целата година и тие можат да се пробијат низ облаци и низ стакло. Продираат подлабоко во кожата, за разлика од ултравиолетовите Б-зраци, сè до дермисот и се главниот причинител за брчките и предвременото стареење на кожата. Кратките УВБ-зраци се посилни од УВА-зраците и се главните причинители на изгореници и црвенила на кожата. Не навлегуваат подлабоко од површинскиот слој на кожата, епидермисот. Придонесуваат за потемнување на кожата, но и за појава на брчки, а играат и клучна улога кога станува збор за појавата на рак на кожата. Најголемата застапеност на овие зраци е помеѓу 10 и 16 часот во текот на денот, од април до октомври. Ултравиолетовите Ц-зраци се најкратките и најсилните УВ-зраци што не се пробиваат подалеку од озонската обвивка. УВЦ-зраците не навлегуваат во атмосферата и не се причинители на рак на кожата.
Кремовите за заштита од сонце се првата препорака против изгореници и штетното влијание.
Освен кремови, достапни се и лосиони, гелови, спреови… Но, што и да се користи, најважно е да биде со колку што е можно поголем СПФ-фактор (најчесто над 15) и производот да биде водоотпорен. Всушност, заштитниот фактор покажува колку долго време ќе ѝ треба на кожата да поцрвени по нанесувањето на кремот, споредено со времето потребно кожата да поцрвени без нанесен заштитен фактор. На пример, ако се користи крем со СПФ 15, тоа значи дека на кожата ќе ѝ треба 15 пати подолго време да изгори отколку без нанесување на заштитен фактор. Исто така, кремовите со антиоксиданси се поефикасни во заштитата.
Се препорачува и да се избегнува поголем престој на сонце помеѓу 10 и 15 часот или од 11 до 16 часот, зависно од локацијата.
Најтоплиот дел од денот е и најштетен за кожата, па затоа е препорачливо сите активности да се прават во попладневните часови. Капа или шапка морате да имате ова лето за да се заштити главата, а облеката е убаво да биде од природни материјали, тенок памук или лен и во посветли бои.
Усните мораат да бидат заштитени со посебен балсам, исто како и другиот дел од телото.
Најчесто се заборава да се нанесе балсам со повисок СПФ-фактор или, пак, откако ќе се избрише, не се нанесува повторно. За целосно заштитени усни потребен е балсам со фактор поголем од 15 да се нанесува на секои два часа. На плажа не е потребен кармин или сјај за усни, бидејќи може дополнително да ја исуши кожата.
Квалитетни очила за сонце со УВ 400 заштита се најсоодветни за во лето.
Бојата треба да биде колку што е можно потемна, за да се заштитат очите од дисторзија на бои. Заштитата на очите е особено важна во лето, бидејќи подолга изложеност на УВ-зраците може да доведе до проблеми со очите, катаракта или дегенеративна макула.
Во однос на козметика во лето, особено пудрата и основата за шминка, потребно е исто така да бидат со СПФ-фактор.
И шминката може да биде заштита од сонце, но треба да се внимава во лето со ставање на премногу пудра или сенка за очи, што може да предизвика потење и затворање на порите. Сепак, за лето се препорачува полесна шминка, таканаречен nude look и, секако, пред да се нанесе пудра или основа, да се нанесе соодветен крем.
Пред и по капење во базени, туширањето е особено важно.
Хлорот може да предизвика алергиска реакција на кожата, а базените се и чести извори на бактерии, па затоа е потребна поголема претпазливост. Во однос на храната и пијалаците, се препорачува големо количество вода, свеж зеленчук и овошје, како и јогурт, за да се примат потребните антиоксиданси и хранливи материи за кожата да изгледа здраво и свежо.
Препорачливо е контрола на бенките на кожата да се изврши пред почетокот на летната сезона и по завршувањето на сезоната.
На тој начин се откриваат промените, ако евентуално настанале од сончевите зраци. Бенките се сметаат за безопасна и нормална појава, но секоја промена во бенката или околу неа треба да се сфати сериозно, бидејќи тоа може да биде прв знак на меланом.