Почнувајќи од XV век, па сè до денес, ризлингот е една од водечките сорти во производството на белите вина. Потекнува од долините на реката Рајна, а денес се одгледува речиси низ цел свет. За карактеристиките на оваа сорта, совршена за топлите летни денови, ни објаснува м-р Петар Петров, асистент на Универзитетот МИТ – Скопје, при Факултетот за менаџмент на еколошки ресурси, катедра за безбедност на храна.
Се добива со ботритизирана берба
Во Македонија, како винска сорта, застапена е во сите виногорја, а најпродуктивна е во виногорјата од западна Македонија. Вината со сортата ризлинг спаѓаат во групата на висококвалитетни бели суви вина, со исклучок на германските брендови ,,Kabinett“, ,,Spätlese“ и „Auslese“, што спаѓаат во групата на полусуви вина и содржат помалку од осум проценти алкохол. Содржината на шеќерите и алкохолот во најголем степен е условена од агроклиматските услови, така што во поладните реони има и помала синтеза на шеќери. Во вакви услови висококвалитетните бели вина се добиваат со таканаречена ботритизирана берба, односно берба што се врши кога гроздовите ќе бидат нападнати од нетоксичната мувла ботритис цинереа (Botrytis cinerea).
„Железно“ вино
Ризлингот е вино со широка палета на вкусови и ароми. Доминантни се цветните ароми на ружа и темјаника, свежи овошни ароми на зелено јаболко, круша, зелен лимон, а честопати со двегодишно зреење во шишиња се добива арома на ливадски мед. Карактеристична е метално-минералната арома, поради што енолозите го нарекуваат и „железно“ вино. Поради ваквиот лесен спектар на ароми, ризлингот нема потреба да се чува во дабови буриња, што е и една од најголемите грешки на произведувачите на ризлинг. Ризлингот чуван во дабови буриња најчесто добива арома на бензин (терпентин, дизел, керозин) што му дава малку непријатен вкус.
Добиените вината од сортата ризлинг се одликуваат со златно-жолта боја, честопати проткаена со зеленкави нијанси, па поради тоа се флашираат во зелени и светлокафеави шишиња. Шишето е високо и косо без никаква вдлабнатина на дното. Овие шишиња се наречени ,,Hoch“ шише.
Одлично за овошни салати и колачи
На трпезата се служи во специјална десертна чаша, со високо стеснета топка и завиен дизајн што ги потенцира овошните ароми. Најчесто се консумира како младо вино на температура од 10 до 12 Целзиусови степени, но поради неговата освежителна киселост може да се консумира и на пониски температури. Идеална комбинација во летниот период е со овошните сезонски салати и колачи, но исто така може да биде послужено и со лесна морска храна, риба и пилешко со додатоци од зеленчук. Ризлингот произведен во Македонија, просечно содржи околу 12 проценти алкохол, 22 проценти шеќери и осум проценти киселини.