Уметникот Никола Упевче од Охрид со своите мозаици и конзерваторска работа создава импресивни уметнички дела, а делото што десетина години му било преокупација „Мозаичната мапа на градот Охрид и Лихнид“ сега ќе го краси влезот на Стариот град. Мозаиците на Упевче може да се видат на неговата самостојна изложба „Мозаик колаж“ во Куќата на Робевци во Охрид која трае до 7 август.
Како започнавте со создавање уметнички дела, кое беше првото?
Потекнувам од семејство во кое се живее уметноста. Нашата детска соба беше и ателје на мојот татко Славко Упевче. Бев опкружен со хартии, бои и материјали и не е случајно дека уште од најмала возраст можев да цртам, сликам и да совладам повеќе ликовни техники. Во текот на школувањето во 7 одделение со мојот професор Спиро Шулајковски организиравме самостојна изложба на двесеттина акварели, темпера, гваш и цртежи кои беа изложени во холот од основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид. Имав можност да му помагам на мојот вујко во неговата печатарска работилница во Струга и да научам повеќе за техниката сито печат. Уште од најмала возраст бев опкружен со лица од културата и уметноста кои секако имаа влијание во мојот развој. Му помагав на мојот татко во изработката на повеќе паноа и реклами како и учествував во организирањето на повеќе настани и изложби.
Како се развивавте низ годините, дали мозаиците отсекогаш ве привлекувале најмногу?
Првиот мозаик кој го изработив беше „Желка на тркала“ 1998/99 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на часовите по сликарски техники кај професорот Момчило Петровски – Моцо. После него следеа „Риби според Ешер“, „Исус со езерски камчиња“ и многу други. Конзерваторско реставраторските принципи почнав да ги совладувам кај професорот Благоја Кузмановски и подетално да влегувам во светот на мозаиците.
Кои ваши дела се изложени низ галерии во Франција и Италија и во кои галерии?
Во 2007 година имав тримесечен стаж во Арл, на југот од Франција во Музејот на Антиката на Арл и Прованса. Работев во Ателјето за конзервација на антички мозаици кај прочуениот Патрик Бланк на конзервација и реставрација на повеќе мозаици и локалитети во оваа област. Тука се запознав со специфична техника на поставување на мозаиците на подвижни носачи од синетеички материјали. Изработив два мозаици, еден е симболот на градот Арл „Од гневот на лавот“ и копија на еден медаљон „Медуза“ од колекцијата на Музејот. Во текот на годините учествував во изработката на неколку мозаици поставени во малото гратче Нацано во непосредна близина на Рим со мојот пријател и колега Алесандро Лугари. Како конзерватор имав прилика да соработувам со повеќе поединци и институти од Италија, Словенија, Хрватска и Србија на повеќе локалитети.
Кој дел од изработката на мозаици ви е омилен, а кој особен предизвик?
Има еден израз кој секојдневно го користиме „Се склопи мозаикот!“ или како што еден сограѓанин забележа „…ова мозаик е слично на мозок…“. Значајно во оваа ликовна техника е дека мозаикот треба да го имаме во главата и внимателно да го градиме. Особено возбудливо е да се има визија за конечниот резултат и креативност во употребата на одредени количини разновидни текстури и материјали. Ова е посебен предизвик и важен фактор во осмислувањето и градењето на една композиција.
Мозаикот мапа на градот Охрид ќе биде поставен на влезот во Стариот град. Како се одвиваше процесот на создавање на овој мозаик и колку време траеше?
„Мозаичната мапа на градот Охрид и Лихнид“ е една моја преокупација повеќе од десет години. Внимателно го градев и составував, а воедно и го истражував од повеќе аспекти. Овој комплексен град со богата културна слоевитост оставил видливи траги на повеќе локации. Мапирањето на локалитетите и местата кои заслужуваат посебно внимание се одбележани со употреба на златни или специфични камчиња (тесери и смалти). Сметам дека посочената локација плоштадот од Долна порта или влезот во Болничките цркви на која е поставена печатена верзија од мозаикот во реални пропорции 1:1 нуди единствена и уникатна можност за негова презентација. Ова место облеано е во светлина како од сонцето така и од одразите на светлината во водата. Мозаикот на ова место ќе трепери со своите нијанси и ќе ве воведе како што доликува во еден мистичен град полн со историја или „Музеј на отворено“.
Кој дел од Охрид ви е омилен и од каде црпите инспирација за вашите дела?
Посебно инспиративен дел ми претставуваше учеството во конзерваторско реставраторските потфати на Плаошник од 2000 до 2011 година во кои активно учествував и успеав да документирам и обработам околу 1.500 метри квадратни мозаични површини и многубројни фрагменти од мозаици пронајдени со археолошките истражувања. Овој локалитет е уникатен заради својата просторна поставеност со прекрасни визури кон езерото и има колекција на разновидни мозаици од сите фази на равојот на оваа ликовна техника.
Во моментов имате самостојна изложба „Мозаик колаж“. Да ни кажете нешто повеќе за изложбата и како сте задоволен од отворањето?
Изложбата „Мозаик Колаж“ претставува избор од една колекција од мозаици на кои сум работел изминатите 22 години. Ве поканувам да ја посетите и да погледнете дел од моите креации како и неколку примери на конзервација, реставрација и презентација на стари и оригинални мозаици. Посебно сум почестен од бројната публика која присуствуваше на свеченото отворање на настанот со почитување на мерките за заштита со оглед на здравствената ситуација.
Визуелно со два видео проектори беа прикажани разни фази од изработката на „Мозаичната мапа на градот Охрид и Лихнид“ како и видеа и фотографии од бројни мозаици и интервенции на локалитети од земјата странство на кои сум учествувал. Настанот беше обоен и со звуците на Вишко и Маци од Радио бар во Скопје како и проекциите на Кумев и Ѕуљо.
Дел од изложбата е организиран како работилница за мозаици во мал формат во која помала група на учесници може да проба да изработи свое дело кое ќе го понесе како спомен од изложбата и секако од неговата посета на Охрид.