Вечерва во рамките на последната фестивалска вечер од второто издание на „Крај Вардарот Џез“ во 20 часот, во кино Фросина, МКЦ ќе настапат квартетот „Такси Конзилиум“, а веднаш по нив, Дино Имери, еден од најдобрите надоаѓачки композитори и пијанисти на современа класична музика кај нас, кој ќе настапи соло на пијано.
„Такси Конзилиум“ е квартет на еден од македонските водечки џез гитаристи, Филип Букршлиев. Албумот „The Essential Sunday Gloom“ во издание на ПМГ Џез е прогласен за џез албум на месецот на Бенд Кемп, каде што патем речено извонредно проаѓа. Во „Такси Конзилиум“, освен него, членуваат уште неколку извонредни млади музичари: Андреа Мирческа на контрабас, Драган Теодосиев на тапани и Благојче Томевски на кларинет. Нивниот звук е цврст и силно модерен, небаре излезен од некој „катинг еџ“ њујоршки џез клуб.
Дино Имери веќе издаде и промовираше успешно авторско ЦД со наслов „Refleciotns“ за ПМГ Џез. Неговиот развој како композитор на современа класична музика е поврзан со оваа дискографска куќа, за која во моментов подготвува ново издание. Утревечер, Имери, ќе настапи соло на пијано.
„Крај Вардарот Џез“ е годишен фестивал на дискографската куќа ПМГ Џез. Овој фестивал е логична последица на работата на оваа издавачка куќа, која успеа за само 3 години да издаде 30 висококвалитени изданија да внесе раздвиженост на џез сцената и да потикне нов бран артисти.
Минатата година беше реализирано првото издание на фестивалот “Крај Вардарот Џез“, кое беше еден од најзабележителните и најквалитетни музички настани во земјата за 2020та. И покрај специфичните пандемиски услови, фестивалот остави силен впечаток кај публиката и критиката, но и аманет за продолжување на добрата работа.
Концертот во МКЦ ќе се одржи според актуелните владини мерки во услови на пандемија.