Елена Чемерска има препознатлив творечки израз и како изградена уметница потпишана е под низа успешни дела и проекти. Нејзината последна награда „Денес“ е уште еден доказ дека нашата земја има многу млади луѓе кои напорно работат и творат и се препознаени и почитувани од светот.
Оваа година сте добитничка на наградата „Денес“ за млади визуелни уметници. Што ви донесе оваа награда во вашето секојдневие?
Ви благодарам за прашањето. Наградата подразбира двомесечен професионален престој во Њујорк, кој во мојот случај, поради пандемијата и рестрикциите за патување, моравме да го одложиме за 2022 година. Овој резиденцијален престој е наменет за развој на уметничката практика на резидентите кои го посетуваат (во мрежата на награди учествуваат 12 земји) преку нивно меѓусебно вмрежување и вмрежување со актери од културната сцена во Њујорк со кои соработува или ги поканува домаќинската организација Residency Unlimited (RU).
Имам некакви основни планови за мојот тамошен престој, но ми се чини дека тие некако ќе флуктуираат сè додека поточно не го одредиме терминот. Секојдневието во буквална смисла не ми е видливо изменето. Деновите ми се исполнети со работа на тековни проекти што се особено габаритни и со кои се борам. Искуството што произлегува од нив секако ќе биде некаков влог и во тамошната работа. Признанието ми причинува задоволство, а пред сè сметам дека претставува некоја референција што од практичен аспект може да биде од помош во некои следни професионални чекори.
Светската пандемија наметна да живееме во строго ограничена лична и колективна слобода. Колку тоа ве погоди вас и влијаеше на вашиот креативен процес?
Ме насочи кон тоа повеќе да размислувам за просторот, за телата во просторот, границите и ограничувањата со кои се судираме, за нивната порозност, за нашата сопствена порозност, што значи тоа и што ни овозможува. Мислам дека некои перспективи се отворија пошироко за испитување.
Неодамна, модната дизајнерка Јована Филиповиќ ја лансираше својата модна колекција наречена „Ресорт 2022“, која е директно инспирирана од Споменикот на слободата на Чемерски и Раѓеновиќ, но и од вашата книга „Споменик на слободата-Разговорик“. Како дојде до оваа соработка и како течеа подготовките?
Јована ми е стара пријателка, се познаваме одамна и меѓусебно се почитуваме. Кога ми се јави некаде околу почетокот на 2021 година да ми каже што разбудила во неа најпрвин книгата „Споменик на слободата-Разговорик“, а потоа и посетата на Споменикот на слободата во Кочани, бев навистина трогната. Нејзината идеја за колекцијата што ја лансираше ова лето многу ме возбуди и ме израдува!
Најпрвин бев трогната од нејзиниот процес, кој во некоја мера беше поттикнат од самиот споменик и од книгата што се занимава со неговата анализа. Таа беше видливо возбудена, а нејзиниот ентузијазам заразен. Ова ми беше навистина важно, бидејќи и во мојот иницијален труд постои, меѓу другото, голем емотивен влог. Понатаму, веднаш разбрав дека ова што Јована ја презема таа иницијатива многу значи за споменикот и за целиот проект врзан со неговата ревитализација. Одеднаш го отвора кон една цела нова и свежа публика, создава нова приказна што ќе предизвика некои свои ефекти, на кои можеби досега не сум ни сметала. А тоа е прекрасно, бидејќи во обидот на ова дело да му се врати животот важна улога игра секоја лична заложба на секој што со него остварил некаква релација и кому тоа му значи нешто.
За време на работата, Јована се постави како вистински ортак. Ми го отвори нејзиниот преубав процес и се консултиравме со внимание и доверба како во најубавите соработки што сум ги имала досега. Среќна приказна. Ме допре и скромноста со која настапи таа, во која препознав една самозададена обврска она што ќе се изработи да има во себе вистински квалитет.
Автентичноста е сплет на ранливост, интегритет и достоинство… Колку ви е тешко да останете автентична во секојдневие што изобилува со хаос, импровизации и компромиси?
Не сум сигурна што мислам за зборот автентичност… Мислам дека полесно се идентификувам и можам да замислам дека ми значи нешто да останам доследна или кога ја менувам положбата (тоа може да биде сосема легитимно) – да знам зошто се случува тоа и да можам да го разберам тоа, интернализирам и испроцесирам. Мислам дека клучот на ова прашање лежи некаде во свесноста за личната позиција во ситуацијата во која дејствуваме и за тоа кон што се стремиме од таа позиција.
Ако емоциите се главни двигатели на креативниот процес, тогаш што е најголем непријател?
Прашањето повикува полемика, а и мислам дека нема единствен одговор. Во различни контексти различни ситуации резултираат со потребата од нечија страна да се потисне или да се истисне креативниот потенцијал во уметноста, културата или во општеството. Редоследот е исто така предмет на прашање. Мислам дека токму во нивната заплеткана врска лежи потенцијалот на уметноста да се оствари или во својата најблагородна форма или да стане „опасна“. Во секој случај, мислам дека културните политики и оние што ги создаваат тука имаат важна улога. Ние и понатаму живееме во транзициски години во кои секојдневното живеење на мнозинството е ужасно оптоварено со суштински проблеми врзани со основна егзистенција. Во ваква ситуација, културата завршува да се доживува како луксуз, а од друга страна и како алатка. Ова е врзано со креативниот процес, бидејќи без разлика на интимната димензија на создавањето на уметничко дело, тој процес не е невин, тој се случува во некоја средина со која секогаш ќе биде во некаква релација.
Се чини дека на глобално ниво луѓето никогаш повеќе не биле разединети по секакви основи и отуѓени. Што претставува за вас блискост?
Слух и чувствителност кон некои положби поинакви од сопствените што можат да прераснат во сочувство и идентификување. Можноста да се биде ранлив и тоа да не е протолкувано како слабост, напротив. Заложбата со некого или нешто да се создаде простор во кој ќе се размислува заедно или во однос со некој што зазема одредена поинаква положба, можеби и радикално поинаква, и од неа да се научи нешто.