‘Mind your Mind’ новата колекција на Теодора Митровска е рефлексија на нејзиното лично искуство за време на карантинот предизвикан од пандемијата. После скоро две години откажани ревии, шоуруми, откажани родендени и диско вечери, се чинеше дека ништо веќе не е важно, па така вообичаената инспирација за Митровска од социо-политичките прашања веќе не се чинеше релевантна. Единственото што преостана е да се сврти кон себе, да се рефлектира себеси и да се фокусира на нешто многу едноставно, релевантно во моментот и поврзувачко.
Колекцијата е двострана, од една страна го покажува комфорот на домот, а од друга чувството на заробеност и изолација. Исто така го покажува и концептот на грижење за себе, кој стана популарен за време на карантинот, од критички аспект, давајќи до знаење дека додека некои од нас ја искористија привилегијата да се свртат кон себе и кон сопствен развој, светот се распаѓаше.
‘Mind your Mind’ беше презентирана на 19 февруари за време на Лондонската модна недела во форма на целодневен дисплеј кој кулминираше со перформанс во живо и скрининг на видео едиторијалот за колекцијата. Она што беше важно е публиката да може да ја допре, да ја види, проба и да ја доживее и да се рефлектира на колекцијата. Следејќи го самиот концепт на колекцијата, целта на презентацијата и видеото беше да се искомуницира двојноста помеѓу топлината и несигурноста помешани со индиферентноста и безнадежноста за време на изолацијата. Се чини дека перформансот совршено добро се вклопи во концептот и се сведе на нечиј живот во дневна соба, без специјални ефекти и гламур – едноставна здодевност. Во носталгијата за физичка интеракција, беше важно да се дозволи на публиката да има интеракција со облеката, која беше поставена на штендери за да се проба, да се зборува со моделите кои се мешаа меѓу публиката откако заврши презентацијата за публиката да може да влезе во имагинарната дневна соба и на крај да стане дел од презентацијата со потпишување во нотес кој циркулираше наоколку со едно прашање „How do you mind your mind?“.