Слаткарката и чоколатиерката Ивана Костадиновска која живее и работи во Прага (@lostinbaking) пред неколку месеци ја претставивме во разговор за „Портрет“ (линк), а сега ни испрати кремав десерт што изгледа неодоливо.
Тартот или колачот Сен – Тропе е неодолив француски десерт кој што се состои од воздушно бриош тесто исполнето со богат слаткарски крем од жолчки. Првпат бил испечен во Сен – Тропе од страна на полскиот слаткар Александер Мицка. Со својата популарност е познат и омилен не само во Франција, но и во Прага, каде што е познат под името Пражски колач (Pražský koláč), и е често е уживан во комбинација со кафе, во многуте слаткарници во Прага.
Тесто
– 250 гр. брашно
– 35 гр. шеќер
– 27 гр. свеж квасец
– 3 јајца
– 4 гр. сол
– 200 гр. путер, омекнат
– 1 жолчка (за премачкување)
– сецкани бланширани бадеми или перли шеќер
Крем
– 70 гр. слатка павлака
– рендана кора од 1/2 портокал
– 1/2 ванила стапче или ванила шеќер
– 400 гр. млеко
– 5 жолчки
– 80 гр. шеќер
– 40 гр. скроб (нишесте)
– 40 гр. путер
За посипување – шеќер во прав
Подготовка на тестото – Во сад го соединуваме брашното, шеќерот и издробениот квасец. Ги додаваме јајцата, солта и миксираме во миксер – робот на кој имаме ставено метла за месење, околу 15-тина минути на средна брзина. Го додаваме путерoт исечкан на коцки и продолжуваме со матење уште 10 минути, или сè додека не добиеме еластично тесто. Тестото го оставаме на топло место 2 часа да се дуплира. Потоа лесно го премесуваме и го ставаме во фрижидер на уште 2 часа.
Подготовка на кремот – Во сад на оган го ставаме млекото заедно со отстранетите семки од ванила и стапчето ванила, загреваме до точка на вриење, го отстрануваме ванила стапчето. Настрана ги соединуваме жолчките, скробот и шеќерот, мешајќи со жица за матење, го додаваме млекото со ванила и цело време енергично мешаме, смесата ја враќаме на оган и вариме до згуснување. Тргаме на страна, го додаваме путерот, мешаме и оставаме да се потполно да се олади во фрижидер. Слатката павлака ја матиме до цврст снег, го додаваме кремот од жолчки заедно со изренданата кора од портокал, матиме до соединување. Готовиот крем го префрламе во слаткарски шприц.
Тестото го вадиме од фрижидер, на набрашнета површина го делиме на 12 еднакви делови од кои формираме топчиња. Ги редиме на плех, на кој сме ставиле хартија за печење и оставаме да го дуплираат својот обем 1 час и 30 минути. Секое топче го премачкуваме со разматена жолчка и го посипуваме со исецкани бадеми или перли шеќер. Печеме во загреана рерна на 180 степени Целзиусови околу 15-тина минути.
Испечените колачи ги пресекуваме хоризонтално и ги полниме со приготвениот крем. На крај ги посипуваме со шеќер во прав.