Ивана Костадиновска е слаткарка и чоколатиер која веќе шест години работи и живее во Прага. Слатките што ги подготвува и ги објавува на нејзиниот Инстаграм профил (@lostinbaking) навистина се мелем за очи па решивме да ја прашаме за нејзината слаткарска пасија.
„Студирав на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, насока прехранбена технологија. Во Чешка се здобив со сертификат за слаткарка, воедно имав можност да работам како шеф во еден ресторан, што ми помогна професионално да ги продлабочам моите знаења во областа на слаткарството. Последниве две и пол години работев како технолог – чоколатиер во фабрика за производство на луксузни чоколади, пралини и Bean to Bar чоколади (тоа се чоколади кои ги произведуваме преку обработка на какаови зрна од Колумбија. Во текот на процесот на изработка на чоколадата се додава шеќер, какаово масло, сушено млеко, итн.). Минатово лето на натпреварот Great Taste во Лондон, Англија, нашата Bean to Bar 66 % темна чоколада на која што работев минатата година беше наградена со две ѕвезди. Моментално интензивно работам на подобрување на моите способности во областа на Француското слаткарство. Во слободно време се занимавам со фитнес, читање на книги и прошетки во природа со кучето Арон :)“, вели Ивана.
Раскажете ни за вашите почетоци, како почнавте со приготвување и печење десерти? Од каде потекнува желбата?
Моите почетоци во областа на печењето, започнаа на мои 11-12 години, во тој период се обидував најчесто да испечам некаква торта или колач, кој најчесто завршуваше неславно 🙂 Желбата би рекла дека им ја должам на моите баби. Kако мала имав навика често да ги набљудувам во текот на готвењето или печењето на десерти. Паметам дека се восхитував на нивната техника особено при приготвувањето на пити, зелници и месени работи.
Дали се сеќавате што беше вашиот прв десерт што го подготвивте?
Првиот десерт кој што се обидов да се приготвам беше чоколадна торта и паметам дека имав проблем со печењето на самата кора, во средината ми остана недопечена а краевите ми испукаа. Потоа неуспешно се обидував да ја спасам со тоа што ги полнев пукнатините со чоколаден фил, но бидејќи самата кора не беше доволно изладена и целиот фил се растече на сите страни. Но се сеќавам на чоколадниот вкус, беше вкусна торта, но со големи технички грешки. Секогаш се смеам кога ми текнува на моите први „креации“ 😀
Што е тоа што најмногу ве привлекува кај чоколадите и слатките, кој вкус ви е омилен, со што најчесто експериментирате?
Кај чоколадите и слатките ме фасцинира целиот процес на нивната изработка, почнувајки од изборот на суровините за нивната изработка, нивниот квалитет, прецизноста и фокусот кој што е потребен за да може да се изработи нешто што кај луѓето предизвикува воодушевување и задоволство при конзумирањето.
Омилен вкус кој ми остана непроменет од детството е вкусот на карамел, но во последно време доживеа мала трансформација и сега е солен карамел (опседната сум со него)! Мислам дека експериментирањето е една од моите најголеми одлики во работата, но воедно е и начин како од идеја да прерасне до нов продукт или десерт. Редовно експрериметирам со вкусовите во чоколадите, со додавање на вода од ружи, сушени печурки, розев бибер се до изработка на торта која содржи слој од баклава во внатрешноста. Ме фасцинираат иновации и употреба на несекојдневни комбинации и вкусови во светот на слаткарството и светот на чоколадата.
Инстаграм профилот ви е особено привлечен, на што внимавате при постирање и фотографирање на слатките?
Ви благодарам за пофалбата, во фотографирањето сум тотален почетник. Главниот виновник за тоа што почнав да се занимавам со профи фотографирање на моите десерти е мојот сопруг, кој ми подари фотоапарат за мојот роденден, па на тој начин започна ова патување.При фотографирањето ставам акцент на минимализмот и чистотата на фотографијата, со цел да ја доловам комплексноста на десертите.
Преферирам фотографирање на бела или други индиферентни позадини за да дојде до израз предметот на фотографија.
Од каде ви е инспирацијата за слатките и кои слаткари ги следите најчесто?
Инспирација црпам најчесто од познати француски шеф слаткари, за кои сметам дека по начинот на техника и посветеност се разликуваат од останатите во светот. Франција е воедно и земја во која се измислени поголемиот дел на десертите кои што ги конзумираме денес и место во кое што на десертот му се посветува поеднакво внимание како и главното јадење. Помеѓу слаткарите кои ги следам, ќе ги споменам оние од кои црпам најмногу инспирација: @pierrehermeofficial, @karim.bourgi, @xaviercarchenilla, @aureliencohen, @iletaitungateau
Колку е тешко да се подготват вакви десерти, колкаво искуство е потребно?
Мислам дека тоа што го правам сега, доста се разликува од тоа што го правев пред една година, кога мојот главен фокус беа тортите. Но бидејќи се занимавав интензивно со нив во последните четири години, чувствував потреба дека е време да ги проширам моите знаења и да пробам нешто ново. Искрено за мене изработката на малите десерти од типот на тарт, мини торти, ентрементс и др. е далеку покомплексен од изработката на една голема торта. Потребно е поголема прецизност, вештина и концентрација за резултатот да биде задоволителен, бидејќи овие мини порции на десерт не оставаат голем простор за грешки (секоја мала грешка е забележителна). Искуството според мене не игра толку голема улога, скоро секој би можел да започне со овој тип на десерти, најбитна е љубовта кон слаткарството и забавата во текот на процесот на усовршувањето. Сметам дека имам уште многу за учење и усовршување, но тоа е она што обожувам и тоа што ми го задржа вниманието низ овие години, а тоа е желбата за поместување на сопствените граници.