Нина Симовска има завршено археологија на катедрата на Историја на уметност. Нејзиното концептуално студио „Just Because“ е оформено во 2008 година и оттогаш непрекинато се занимава со различни форми на уметност. Досега има остварено пет самостојни изложби и учествувано на повеќе групни изложби во Македонија и надвор од неа. Има изработено многу мурали низ целата земја, а последниот проект кој сè уште е активен со име „Имаш ли слободен ѕид?“ планирано е да опфати повеќе мурали низ градот Скопје, сместени во неугледни и заборавени простори. Паралелно изработува дигитални портрет илустрации кои стануваат нејзин препознатлив печат.
Моите уметнички дела се олицетворение… на мојот карактер. На моменти полни со боја и вивидност, на моменти темни, тешки и длабоки. Сакам да експериментирам и со стилови и со техники. Неуморно трагам по својот печат.
За еден уметник да твори е најважно… да има што да каже. Долго време не верував во т.н. креативен блок, нормално додека не ми се случи и траеше повеќе од една година. Сметав дека дисциплината е поважна за уметничкото творештво сè додека не замолкнав и немав што повеќе да кажам. Не сакав ниту да сликам, ниту да цртам.
Инспирација и мотиви за цртање наоѓам во… светот околу себе. Најчесто ја набљудувам природата, начинот на кој што ги вклопува боите, играта на сенките и светлината. Верувам дека е чиста уметност сама по себе.
Цртањето мурали за мене значи… уживање во еден огромен простор кој треба да се освои. Предизвик ми е секој пат. Отсекогаш сум сакала дела во големи димензии, поинаку ги доживувам, некако погласно. Често добивам прашања дали се плашам од големиот празен простор, со сигурност одговарам дека едвај чекам да го исполнам.
Мурал што досега ми бил најголем предизвик… Хм, сите доаѓаат со свои предизвици. Некогаш ме мачи бојата, некогаш размерот. Имам една теорија дека муралот е многу грд непосредно пред да стане многу убав. Би го издвоила последниот „Floral dream“ на кој работев со одреден временски рок, а времето реши да биде врнежливо баш кога го сликав портретот.
Со уметност се занимавам од… кога знам за себе. Татко ми е исто така сликар па пораснав во дневна соба која сè уште е атеље. Инаку студиото „Just Because“ го имам повеќе од 10 години.
Илустрациите произлегоа од… Последната серија на илустрации произлезе од карантинските денови на оваа чудна 2020 година. Започна со континуирани цртежи во мојот sketchbook, а доби своја форма откако решив да почнам да цртам во Procreate. Интересна комбинација на дигитална форма со првична портрет инспирација. Сè уште ја истражувам.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добила.. дека имам свој сопствен уметнички израз и своја линија во цртежот. Не бев свесна за тоа. Мислам дека е најдобриот комплимент што сум го добила.
А негативна… дека сум неуморен перфекционист со превисоки стандарди. Пробувам да олабавам. Многу тешко ми оди.
За време на карантинот научив… дека слободата за мене е најпосакуваното нешто на овој свет.
Најчесто се вели дека делата говорат за внатрешните чувства на уметникот… Обично говорат за некој немир, кој излегува од вас сосема ненамерно. Имате потреба да го исфрлите на површина за да се изборите со него.
Уметноста може да биде најдобар лек против предрасуди и стереотипи ако…ѝ дозволите да ве допре. Таа е јазик, комуницирате и се поврзувате со оние дела кои предизвикуваат некаква емоција кај вас.