На 6 мај (среда), со почеток во 20:00 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје свечено ќе биде отворена изложбата „Старите мајстори и македонската модерна“, значаен истражувачки проект посветен на комплексниот однос меѓу европското уметничко наследство и развојот на модерната уметност во Македонија.
Автор на проектот е проф. Кирил Пенушлиски, а изложбата претставува длабинско истражување на влијанието што творештвото на старите европски мајстори го имало врз македонските модерни уметници – не само како извор на техничко знаење, туку и како поттик за критичко преиспитување, интерпретација и создавање нови визуелни јазици.
Преку внимателно селектирани дела, изложбата го осветлува процесот низ кој македонските уметници, во специфични историски и културни околности, воспоставуваат посреден, но суштински дијалог со европската ликовна традиција. Преку копирање, изучување, адаптација и творечка трансформација на класичните модели, тие создаваат автентични изрази што стануваат темел на македонската модерна.
Посетителите ќе имаат можност да ги проследат овие процеси низ дела на некои од најзначајните македонски уметници, меѓу кои Личеноски, Лазески, Корубин, Чемерски, Пенушлиски и други, чии творби сведочат за динамичниот однос меѓу традицијата и модерноста.
Изложбата отвора и пошироки прашања за улогата на културното наследство како жив, активен и релевантен фактор во современото уметничко творештво, позиционирајќи ја македонската модерна уметност во поширок европски контекст.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 20 мај.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.


