Последниов месец повторно се актуелизираше прашањето за дополнување на предлог Законот за опојни дроги и психотропни супстанции кој покрај регулирање на правата на лиценцираните правни лица-производители, истиот има потреба од сериозно надополнување по однос на лична употреба на канабисот. На оваа тема ние поразговаравме со Огнен Узуновски претседател на ЗНАМ(Зелена национална агенда на Македонија) околу нивните ставови и барања.
Неколку граѓански здруженија, невладини организации и граѓани ја започнаа „Операција ослободување“ за декриминализација на растението Cannabis Sativa L. Вашата борба трае неколку години, кажете ни кога започна и како се развиваше низ годините?
„Операција Ослободување“ е иницијатива а воедно и движење кое го инициравме Зелена Алтернатива и ЗНАМ. На оваа иницијатива веднаш се приклучија и Хелсиншки комитет за човекови права, ХОПС, Коалиција Маргини, Клуб на млади лекари, Мак канабис, ХЕРА, МОФ (младински образовен форум), ЛГБТИ, Бивиум, СТАР-СТАР, ЦСЛУ- Прилеп, младински клуб Штип, Зона Кавадарци, Хелп Гостивар, Опција Охрид,Театарска работилница Прилеп, Канабис институт Пелагонија, ПМГ, Mustseedonia (здружение за развој и промоција на одржлив туризам), 103ка, Џез.фм 100.8, Тера органик, Green.org/ Кочани. Покрај овие здруженија ни се приклучија многу угостители и индивидуалци кои ја препознаа идејата за подобра иднина….
За мене активизмот за канабисот започна во 2014та кога со Филип Достовски (Зелена Алтернатива) отидовме во Љуљана-Словенија на семинар кој всушност беше поддржан и спонзориран од страна на словенечкиот претседател. Тој семинар се сеќавам го отвори доктор од Словенија кој беше тогаш член на Европскиот парламент и започна вака: Кога го поставуваме прашањето, дали оваа билка канабис треба да биде достапна за секого би се навратил во времето на некогашна Југославија, кога се поставуваше прашањето дали треба да има достапност на метадон (лекарство за одвикнување од тешки дроги) со неколку дебати тоа беше решено. Денес не би требало ни да разговараме или да се прашуваме дали канабисот треба да се легализира. Од следната година мојот активизам се темелеше најмногу на социјалните мрежи, но затоа Филип Достовски со Зелена Алтернатива продолжи многу активно да работи на оваа проблематика. Тој во изминативе 5-6 години направи премногу на оваа тема, организираше седум семинари на кои гостуваа научници, доктори, активисти и други. Би ги издвоил: Рик Симпсон /Rick Simpson RSO, Лумир Хануш/ Lumir Ondrej Hanush , Роберт Меламед/ Robert Melamede…Кога би ги прогуглале овие еминентни личности мислам дека повеќе од јасен ќе ви стане активизмот на Достовски, инаку исто Филип има големо влијание во создавање на законот за одгледување медицински канабис во Македонија.
Кои се барањата на „Операција ослободување“?
Барањата на Операција Ослободување се следните:
– Итна декриминализација на поседување и лична употреба.
– Итна декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба.
-Да се овозможи основање и работење на социјални клубови.
-Да се зголеми бројот на здравствени состојби за кои може да се користат препарати од канабис согласно медицината базирана на докази, да се дозволи лекари освен од јавното и од приватното здравство да препишат препрати од канабис, и да се дозволи можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и користи во форма во која најмногу му одговара за неговата состојба ( орално, преку инхалација или преку супозитории)
-Во Агенцијата за канабис да има независно тело-комисија составено од преставници на граѓанскиот сектор.
-Да се предвиди во Законот за контрола на опојни дроги формирање на Фонд од давачките кои правните лица кои произведуваат и тргуваат со канабис ќе ги плаќаат согласно овој закон. Да се прецизира процент од средствата од овој фонд кој ќе биде наменет за програми за маргинализирани групи и лекување на разни болести.
Во 2016 имаше законски измени и канабисот почна и кај нас да се употребува за медицински цели. Сметате ли дека со овие измени се подигна свеста за употребата на ова растение?
Така е, во 2016та Македонија направи закон за одгледување на медицински канабис но мислам дека тој закон остана недоречен од повеќе причини. Првата е недоволното познавање на светските норми, стандарди и слично, втората и за мене поважна, а тоа е што во тој закон се вметнати само оние компании кои решиле да се занимаваат со канабис бизнис. Мислам дека морално е да се опфатат и активистите, конзументите и како најважни пациентите .Затоа и се создаде иницијативата-движењето „Операција Ослободување“ .
Имаме земји во кои е легализирана употребата на канабис, но и такви што сè уште водат прохибиционистички политики. Кои предности ги имаат земјите со либерални законски регулативи?
Земјите кои ова го имаат решено се во голема предност од останатите. Постојат многу различни примери како се решени регулативите, секогаш кога дискутираме на тема канабис се посочуваат различни примери кои би требало да се применат во Македонија. Ние како „Операција Ослободување“ замислуваме наш уникатен закон кои би бил различен од сите останати, закон кои најмногу би одговарал на нашата земја и народот,закон кои би бил пример за тоа како правилно треба да биде регулацијата. Придобивките на Македонија ќе бидат: социјални, економски и земјата ќе се смени енергетски.
Сметате ли дека ако дојде до декриминализиција на канабисот ќе има потреба од формирање дополнителни институции кои би помогнале законската регулатива да функционира ефикасно?
Според мене мислам дека не би требала дополнителна институција освен Агенција за канабис која веќе е предвидена во веќе предложениот закон.
Познати се бенефитите на ова растение за лекување на неколку состојби и болести. Би сакале да знаеме нешто повеќе на оваа тема.
Познато е дека уште пред стотици години како и денес канабисот служел и служи за лекување на многу болести како: астма, глауком, епилепсија, многу видови канцер и други.Сакаме достапност до ова растение и конечно да го ослободиме од ова долгогодишно ропство, пред сè за човековите права и слободи во 21ви век…