Гранола е еден лесен, хранлив, здрав, калоричен и едноставен производ кој може да го спакувате и да го понесете со себе. Совршено ѝ одговара на динамиката на модерниот човек кој е во постојана трка со себеси и своите обврски.
За прв пат се појавува кон крајот на 19. век во САД под името гранула (granula) кое подоцна било променето од правни причини со цел избегнување на судски спорови, па така денес се задржува називот кој на сите ни е познат. Почетоците на посериозната комерцијална продажба се случуваат во 70-тите години на 20. век, а својата најголема популарност гранолата ја добива во последно време кога здравиот начин на исхрана станува сѐ поприсутен во дневната рутина.
Основниот рецепт за гранола содржи само неколку состојки: овесни снегулки, засладувач, некое масло и можеби јатки и суво овошје. Кога ќе ја совладате основната формула многу послободно ќе можете да се впуштите во пронаоѓање на нови комбинации прилагодени на вашиот вкус.
Има неколку клучни трикови со кои ќе ја постигнете совршената гранола:
- Користете течен засладувач (мед, јаворов сируп и сл.), тој најдобро и најрамномерно ќе ги обложи житарките и другите состојки;
- Ставете еднаква количина на масло колку што сте ставиле и засладувач (волуменска мерка во мл);
- Доколку сакате да добиете структура со крупни слепени парчиња, пред печење убаво притиснете ја целата смеса во тавчето, а на половина од печењето растурете ја со лажица.
- Држете се до времето на печење и внимавајте да не ја препечете. Кога ќе ја извадите, гранолата сѐ уште ќе биде течна, дајте и време да се олади убаво пред да ја складирате.
- Не го печете сувото овошје. Додадете го на крај, веднаш после вадењето од рерна додека гранолата е сѐ уште врела.
Потребни состојки за 1 голема тегла гранола (основен рецепт):
- 250гр овесни снегулки
- 100мл мед или помалку (минимум 50мл)
- 100мл кокосово масло или помалку (минимум 50мл)
- 120гр бадеми и лешници
- 120гр суви кајсии
- 1 лажичка цимет
- Прстофат сол
Подготовка:
- Рерната загрејте ја на 150°C и обложете тавче со хартија за печење.
- Во длабок сад измешајте ги со лажица сите состојки освен сувото овошје – прво течните состојки со зачините, потоа додадете ги сувите. Јатките можете претходно да ги исецкате на помали парчиња.
- Распоредете ја смесата низ целото тавче и убаво натапкајте. Печете 25 до 30 минути, а на половина од времето растурете ја содржината со лажица.
- Извадете ја од рерна, додајте го сувото овошје, промешајте и оставете да се олади целосно.
- Складирајте во убаво затворена тегла со капак и чувајте ја на собна температура и до 30 дена.
Доколку ви треба брза енергетска и вкусна ужинка која ќе ви биде на дофат во движење, прескокнете го чекорот со размешување на состојките на средина од печењето. Оставете да се оформи една голема плочка која потоа ќе ја исечете на парчиња во големини по желба. Штом ќе ја пронајдете омилената комбинација на состојки никогаш веќе нема да помислите на „купечки“ гранола барови.
Готовата гранола одлично се комбинира со јогурт или некое растително млеко и свежо овошје, а може да послужи како додаток на смути, чиа пудинг, па дури и сладолед.
Добар апетит <3