Изработката на современиот накит и минијатурните предмети за Магдалена е возбудлива и исполнувачка практика која произлегува од голема љубопитност, учење, пракса и работа.
„Суштината на мојата работа е надоврзување на тоа што сум. Длабоко ја ценам уникатноста и квалитетот кај дизајнот. Создавањето овозможува бесконечни можности за испреплетување на различни материјали и текстури. За мене, клучна улога имаат деталите, бидејќи се водечки дел за одличната изработка. Во мојата работа особено се обидувам да посветам внимание на секој детал, бидејќи го согледувам накитот како 3Д предмет од секоја насока. Во процесот на изработка не би сакала да размислувам колку делото би ми одземало време. Технички настојувам да бидам многу прецизна затоа не секогаш можам да ја предвидам временската рамка. Материјалите исто така наметнуваат различно временско темпо. Различен материјал, различна временска рамка за изработка. Користам различни материјали, благородни метали, камен, мермер и гранит, дрво, стакло, глинa… Љубовта за изучување на сите природни материјали е голема и мислам дека таа љубопитност ќе ме држи активна уште долго“, вели Филипова.
Досега има учествувано на повеќе настани и изложби од кои повеќето надвор од Македонија, а интернационалниот проект со Седрик Вилани, светски прославен француски математичар и научник, донел посебна колекција накит.
„Имам изработено накит на работилница како дел од проектот на Министерството за култура за промоција на креативните индустрии во 2011 година. Темата беше „Скопје, модерен град“, а мојаинспирација Скопје Џез Фестивал. Накитот беше изложен во националната галерија Мала Станица. Потоа, три години по ред (2015, 2016, 2017) бев стипендист на Интернационалнатa летна академија за уметности во Салзбург, Австрија. Секоја година академијата организира завршни групни изложби на сите отсеци, на кои присуствуваат љубители, колекционери и скаути од полето на современата уметност. Моите дела секоја година беа дел од групните студентски изложби за современ накит во градската галерија на Салзбург Galerie 5020. Моето техничко едуцирање го продолжив во Монте, Швајцарија каде што имав можност да ги доусовршам техниките за изработка на накит со злато, дијаманти, титаниум, дрво и други материјали. Во Швајцарија учев кај дизајнерот на современ накит Седрик Шевале кој има галерија која функционира во три посебни дела: галерија за современи венчални прстени, современ накит и upcycled дела од стари скејт-даски. Дел од мојот накит таа година (2018) беше изложуван таму.
Една од омилените изработки ми е брошот – пајак што е дел од колекцијата ‘Spider Villani’ и е инспирирана од Седрик Вилани, светски прославен француски математичар и научник – добитник на Филдсовиот медал, најпрестижна награда во математиката, еквивалентна на Нобеловата награда и кандидат за градоначалник на Париз за изборите во 2020 година. Приказната започна пред девет години кога специјално за Вилани беа изработени три броша – пајаци кои се дел од неговата многубројна колекција на брошеви и можат да се сретнат на фотографии во реномирани магазини. Пајакот е неговиот заштитен знак. Пред една година познатиот телевизиски канал Арте издаде осумчасовна колекција од предавања за математика презентирана од Вилани во која еден од моите пајаци се појавува како дел од најавната шпица на серијалот а дизајнот и формата се графичко лого за сите негови презентации. Соработката со Вилани е прв мој интернационален договор на кој сум особено горда. Мојата колекција ‘Spider Villani’ беше изложена во галеријата Акантус во Скопје“, вели дизајнерката.Најголем предизвик и е проектот ANOTHER UNIVERSE manufaktur.
„Секоја замисла и идеа која останува во мојата меморија повеќе од еден месец е доволен предизвик за работа. Крајното дело само по себе одучува дали ќе функционира соло или ќе прејде во колекција. Не сакам да се претставувам како индивидуа, туку преку проектот ANOTHER UNIVERSE manufaktur затоа што во него партиципираат повеќе професионалци во одредени области, како и моето семејство и пријателите. Всушност најголем предизвик е целиот проект“, завршува Филипова.