Петнаесеттата по ред добитничка на наградата „ДЕНЕС“ за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка до 35 години е уметницата Елена Чемерска.
Од организацијата „Факултет за работи што не се учат“ во соработка со Центарот за современи уметности-Скопје известуваат дека наградата подразбира двомесечен престој во Њујорк, САД во студијата на Residency Unlimited (RU) Inc. и покривање на сите трошоци за престојот на уметницата како и техничка, кураторска и административна поддршка на кариерата и запознавање на мрежа на уметници и куратори, сето тоа со финансиска поддршка на фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк.
Чемерска беше една од четирите финалистки, меѓу кои и Ана Јовановска, Ана Лазаревска и Симона Манчева. Според интернационалната жири комисија, специјално креирана за оваа награда, во која членуваат Катја Крупеникова, кураторка и критичарка, доцент на ХКУ Универзитетот за уметности, Утрехт и дел од кураторскиот тим на Фондацијата В-А-Ц, Москва; Пол Ластер, писател, уредник, куратор, уметнички предавач, уредник во ArtAsiaPacific и Whitehot Magazine of Contemporary Art; Биљана Тануровска Ќулавковски, продуцентка, кураторка и истражувачка, претседателка на организацијата „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата; Алберт Хета, уметник, дизајнер, уметнички менаџер и уметнички директор на „Стацион“ – Центарот за современа уметност, Приштина, Косово и Верица Ковачевска, уметница и претходна добитничка на наградата „ДЕНЕС“, одлучија Чемерска да ја добие наградата бидејќи нејзината пракса која продолжува и во новото дело дека треба да се поддржи и дека дополнително може да се развива во поинаков контекст од овој.
Во рамки на онлајн изложбата, Чемерска се претстави со делото „Со овие одломки ги потпрев урнатините свои“ кое е просторна инсталација, вклучувајќи масло на платно, звук, светлина, боја, метал.
Краток опис на делото: Преговарајќи со Јанусовата глава на модерноста и модернизмот, „Со овие одломки ги потпрев урнатините свои“ се стреми да отвори дијалог со домашното и регионалното уметничко модернистичко наследство и да ги допре критичните точки во односот помеѓу човекот и начинот на кој што тој ја гради сликата за историјата и за иднината, во сегашниот миг и специфичниот културен контекст во кој се наоѓаме.
Делото е поставено во релација со некогашниот објект на Месната заедница Тафталиџе – и самиот модернистичка урнатина, архитектонски симбол на едно време од особена важност за градот, лоциран во резиденцијална населба во Скопје, Северна Македонија.
Соработници: Архитект: Владо Данаилов; Актерка: Ивана Павлаковиќ; Камера: Александар Мижимаков; Звук: Еми Ермилова.
Елена Чемерска (1991) е визуелнa уметница и истражувачка од Скопје, Таа се интересира за врската помеѓу сеќавањето и начинот на кој што човекот ја создава основата на која ја темели иднината, и тоа како се обидуваме да ја разбереме и фиксираме историјата во нејзината слика.
Му приоѓа на човечкото искуство низ призмата на она што Паоло Вирно го дефинира како врската помеѓу меморијата – трага длабоко втисната во нашето искусување на сегашноста, и иднината – хоризонт на можност. Нејзината работа се материјализира првенствено низ сликарство, цртеж, видеo.
Таа е магистер по уметност на Master Institute of Visual Cultures, AKV St. Joost School of Art and Design, Сертогенбош, Холандија. Изложби и проекти во земјата и меѓународно: “Ничии прагови конкретно”, МКЦ, Скопје,Северна Македонија; “Monumental Fluxus”, Expoplu, Најмеген, Холандија; “Monument to Freedom- Conversations”, Private Print Studio, Скопје, Северна Македонија; “Transition”, Eye Museum, Амстердам, Холандија итн. Моментално живее и работи измеѓу Скопје и Берлин.
Значајната и независна награда „ДЕНЕС“ е организирана во соработка со Residency Unlimited од Њујорк, поддржана е од The Trust for Mutual Understanding од Њујорк и се доделува на секои две години во Северна Македонија. Победникот ќе има можност да присуствува на двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited во втората половина на 2021 година.