Кристина Пулејкова е интердисциплинарна уметница, која живее на релација Скопје-Лондон, чиј уметнички израз е надополнет со наука и технологија. Таа има магистерска диплома по сликарство и анимација, стекната на Универзитетот за применета уметност во Виена и магистерска диплома по уметност и наука од „Сентрал Сејнт Мартинс“ во Лондон. Нејзините дела ги красат ѕидовите на многу престижни изложбени места како: Научен музеј Лондон, МАН Музеј Сардинија, Галерија „Вајтчапел“, МАК Виена, Гласпавиљоен Ајндховен и многу други.
Вие сте мултимедијална уметница, која твори со интердисциплинарна практика што е заснована врз науката и технологијата. Колку технологијата е навлезена во креативниот израз, колкава е конекцијата помеѓу машината и човекот?
Во моите дела ја користам технологијата како наративна алатка за поврзување на различни дисциплини, најчесто поврзани со теми од екологијата, како и од природните науки. Ако се погледне во историјата на уметноста, уметниците секогаш користеле нови технологии во својата уметност. На пример, Вермер користел камера опскура за да ги скицира своите хиперреалистични портрети, нешто што денешните уметници го прават со помош на проектори. За мене, технологиите како виртуелна реалност, аугментирана реалност и вештачка интелигенција се алатки, дел од мојот израз што ми овозможуваат да раскажувам приказни што инаку не би можела да ги раскажам, приближувајќи ја мојата уметност до научната фантастика (ако не забележавте, јас сум голема бубалица). Иако мојата уметност е особено засегната со нови технологии, во срцевината е приказната или пораката што сакам да ја пренесам со делото. За мене, ако приказната не е силна, тогаш технологијата е само блескава дистракција.
Често, вашите дела потенцираат актуелни проблеми од доменот на политиката, екологијата, општеството. Каде наоѓате инспирација за вашиот повеќеслоен, уметнички израз?
Моите дела можат да се сместат некаде помеѓу фактот и фикцијата, па инспирацијата ја црпам од нови научни откритија, мисловни експерименти и научна фантастика. Редовно слушам поткасти како „No Such Thing As A Fish“ и „Radiolab“, кои се занимаваат со научни теми и факти, а читам и научна фантастика – последната книга што ја читав е „Проблемот со трите тела“ (The Three Body Problem) од кинескиот писател Цисин Љу, која се занимава со концептот на длабоко време, т.е. акција што се одвива низ неколку човечки животи.
Која е главната карактерна особина што ја пренесувате од генерација на генерација во вашето семејство и за која сте сигурна дека има безвременска вредност?
Работи ја својата работа со љубов, научи ги правилата за да ги скршиш.
Како би ја раскажале својата животна приказна за пет секунди, односно како ќе звучи таа во својата најкратка форма?
Љубопитно девојче со очила порасна во Скопје, ги научи правилата во Средното уметничко училиште, за да ги скрши на факултет во Виена, се пронајде себеси во Лондон.
Часовник – Swatch Blinded By Neon
Омилен момент од животот кога сфативте дека времето е релативно?
Кога работев на дело за субјективност на времето и како дел од истражувањето интервјуирав астрофизичари и ја истражував светлината како мерка за дистанца. Тогаш прочитав дека кога гледаме во ѕвездите, ние всушност гледаме во минатото, затоа што на светлината од една ѕвезда ѝ треба илјадници години пат од ѕвезденото јадро до ретината на нашето око. Кога гледаме во сонцето, гледаме осум минути во минатото. Таа мисла остана со мене, дека кога гледаме во ноќното небо, гледаме во настани и небесни тела што можеби веќе не постојат.
Според вас, која е разликата кога времето се брои во секунди, а кога во моменти?
Неодамна станав мајка и можам да кажам дека времето како единица мерка ја изгуби целата смисла за мене, секоја секунда е момент со мојот син Ведран.