Арбнора Мемети е една од најпознатите фоторепортерки во земјава со освоени многу награди, но и најголемата гласноговорничка и активистка за авторски права на фотографите и фоторепортерите токму поради сопственото негативно искуство со „кражба“ на фотографии. Арбнора гласно зборува и за сите општествени проблеми, се осврнува на важни теми и е инспирација за сите што сакаат да направат позитивна промена.
Сте студирале и сте имале желба да бидете новинарка, но станавте фоторепортерка и покривате разни терени и настани во нашата земја. Како се развивте низ годините како фоторепортерка, како ги паметите почетоците и што научивте со текот на времето за оваа професија, но и за себе како фоторепортерка?
Да не студирав новинарство, претпоставувам дека никогаш немаше да се запознам со фоторепортерството. Некако, во мојот живот, се поврзаа некои коцки за кои сум исклучително благодарна. За мене, фоторепортерството е категорија во новинарството. Не го пишуваме, туку визуелно ги прикажуваме вестите. Се сеќавам на моите почетоци како многу ентузијастички. Беа последните денови од новата година, а јас добив задача да направам галерија од новогодишната атмосфера што владее во градот. Oдев во центарот на градот и си кажував себеси каква добрина имам направено во животот за да ја заслужам оваа работа. Од професионален аспект, секој ден учам нешто ново. Во човечка смисла, оваа професија ме научи на трпение.
Кои се најголемите предизвици на фоторепортерите кај нас со оглед на тоа што се работи постојано на терен и во непредвидливи услови? Со какви предизвици сте се соочиле вие?
Еден од најголемите предизвици со кои моментално се соочуваат фоторепортерите е невработеноста. За разлика од минатото, кога бројот на фоторепортери беше голем, во последните години, секоја година фоторепортер ја напушта професијата. Дојдовме до оваа ситуација од различни причини. Почнувајќи од фактот дека медиумите немаат култура да ангажираат фоторепортери. Наместо да ангажираат фоторепортер, тие избираат да крадат фотографии, да бидат претплатници на агенција или да користат готови фотографии што им ги нудат институциите. Така, дури и оние медиуми што имаат фоторепортери не ги исполнуваат сите услови како што прилега на еден работник. Секој терен е предизвик. Кога одиме некаде, знаеме приближно каде одиме, но не и со што ќе се соочиме. Така, медиумските работници често ги сметаат за неподготвени. Лани бевме во Тетово. Таму гореше една од најголемите фабрики за стиропор. Сите стоевме пред црн оган што го зафати целиот град со отровна материја. Ги гледам медиумските работници и се прашувам дали сме подготвени да покриваме вакви терени. Се разбира дека не.
Врнежи од канцерогени материи во Тетово
Кои сцени особено ги паметите во текот на вашата кариера и кои фотографии вас лично најмногу ве трогнале или ве погодиле?
Кога имам можност да зборувам за моите фотографии, секогаш велам дека овие фотографии за мене не се само замрзнат миг. Ги гледам и ги слушам. Секој фатен момент живее со мене. А особено некои фотографии направени во деликатни моменти. Миг што веднаш ми падна на памет е портретот на пожарникарот од Словенија, Жан Кофол. Верувам дека оваа фотографија ја издвојувам од сите други поради трагедијата што го следеше Жан откако се врати во Словенија. Затоа што цело време бев на терен заедно со пожарникарите, точно се сеќавам на моментот кога го фотографирав Жан, тој забележа дека го фотографирам и се чинеше дека е срамежлива личност. Му ја дадов фотографијата, ја сподели на социјалните мрежи. По неколку дена се будам наутро и гледам пораки од неговите колеги од Словенија. Првата порака што ја отворив беше „Го паметиш момчето кој го фотографираше, загина во несреќа“. Ми пиша тетка му, да ме замоли за да им дозволам да ја искористат фотографијата за комеморативната церемонија. По некое време ми пиша и мајка му. Таа ми се заблагодари што ѝ ја подарив фотографијата и ми рече дека оваа фотографија е единствената што ја има што го опишува Жан таков каков што беше.
Оваа фотографија за мене е приказна сама по себе. Ме поврза со некои луѓе кои никогаш претходно не сум ги сретнала. Со некои родители кои вечно ќе ја чувствуваат болката за својот единствен син.
Жан Кофол
Минатата година ја добивте и наградата „Никола Младенов“ за најдобра репортерска фотографија за фотографијата „’Врнежи‘ од канцерогени материи во Тетово“. Што сметате дека е најважно да се знае и да ѝ се долови на публиката за фоторепортерските фотографии? Според вас, што е најважно за добра фоторепортерска фотографија?
Да, по вторпат ја добив наградата „Никола Младенов“ и огромна чест ми е што ја носам со името на новинар кој оставил белег во новинарството. Не можат да бидат привлечни или значајни за некого сите моменти што ги фотографираме. Секој млад човек кој почнува да фотографира мора да изгради свој стил на фотографирање. Па, со текот на времето ќе се идентификува со тој стил и како таков ќе ѝ биде познат на јавноста. Во фотографијата важно е да се биде оригинален, да се отворат хоризонтите пред нас, да не се ограничуваме. Напротив, ако се обидеме да облечеме друг идентитет, можеби ќе стигнеме некаде, но тоа ќе биде привремено. Јас сакам да истражувам. Не се фокусирам на едно место, секогаш барам алтернативи наоколу за да покажам што се случило. Така, во моментот кога 50 камери беа фокусирани на запалената зграда на фабриката, мене многу ме интересираа реакциите на граѓаните, бидејќи тие беа најмногу погодени од оваа еколошка катастрофа. Така, во моментот кога се оттргнав од толпата во потрага по она што го замислував, ја создадов фотографијата што ја освои последната награда. Важно е да веруваме во она на што работиме, да растеме постепено, да работиме напорно, еден ден тоа сигурно ќе биде наградено.
Дали сте биле надвор од земјава да сликате на терен, да покривате настани и кризни ситуации и каде?
Неодамна бев во Полска и во Украина, за да известувам за воената криза во Украина. Пред тоа бев во Турција и Грција поради мигрантската и бегалската криза. Секогаш инсистирав да одам надвор од земјата кога ќе се случуваше нешто важно. Во некои случаи, кога медиумската куќа не ме поддржуваше финансиски, одев со свои финансиски средства. Ова го правев за да се развијам професионално.
Како што знаеме, во Македонија немаме култура на покривање настани што се подалеку од 50 километри од канцеларијата. Не знам зошто медиумите не ги испраќаат своите тимови во соседните земји кога ќе се случи нешто важно. Не знам дали тоа го прават од финансиски причини или затоа што се навикнати да очекуваат готови вести. Единствениот пат кога македонските медиумски работници излегуваат надвор од границите за да известуваат е на службени патувања со институција. Сепак, верувам дека овој начин на размислување е погрешен.
Со текот на годините станавте и важна гласноговорничка за авторските права на фотографите, се борите да се престане со „крадење“ фотографии и неназначување на фотографот, особено во дигиталниот простор. До каде е регулацијата во нашата земја, што прават институциите по ова прашање и какво е вашето лично искуство?
Имаме законски прописи што се многу јасни. Не е дозволено користење фотографија без овластување на авторот, во спротивен случај авторските права се повредени и фотографијата се смета за украдена. Да имавме закон за неовластено користење фотографијата, многу работи ќе беа поинакви. Социјалните мрежи и брзањето за објавување е она што често ги наведува онлајн-медиумите да ја нарушуваат и да не ја почитуваат работата на медиумските работници, фоторепортерите и снимателите. Што се случува? Медиумските работници на онлајн-медиумите цел ден седат во канцеларија, земаат производ на некој што известува среде шок-бомби и солзавец, го присвојуваат и го прикажуваат како свој.
Ова се случува сега, кога многу медиумски работници се стационирани на северот на Митровица, за да ги следат немирите таму. Подигнувањето на свеста кај медиумските работници е повеќе од неопходно. Се борам со оваа појава и нема да дозволам никој да го потцени мојот труд, дури и ако цената на ова би ми била превисока. Сите случаи што ги имам евидентирано за неовластено користење на мои фотографии ги имам решено вонсудски. Вреди да се напомене дека „кражбата“ на фотографии не е нешто ново во нашите медиуми. Toa e нешто што го толерирале моите постари колеги, преку другарска линија со газдите на медиумите и познатиот балкански принцип „да се биде добар со сите“. Овие линии и принципи не треба да важат за нас, новите генерации. Многу е важно како ние ќе се поставиме денес. Ако денес не го заштитиме нашиот интегритет, достоинството како работници, утре ќе бидеме прегазени од сите.
Шарените мотиви на Гургурица
Учествувавте и на годинешниот „Пич прич“ со приказна на тема „Бев сама“, која навистина беше потресна исповед за траумата што сте ја доживеале како осумгодишно девојче. Колку сметате дека се важни сигурните простори за жените во нашата земја и нивните лични приказни?
Првпат учествувам на место каде што треба да застанам пред луѓе и да раскажам нешто. Кога првпат ја добив поканата имав измешани чувства. Во еден момент сакав да им кажам дека нема да учествувам затоа што не можев да одлучам за што да зборувам.
Чувствував голема одговорност за тоа што ќе го зборувам. Сакав да биде нешто реално и да споделам нешто од себе со публиката. Тоа и го направив. Таа ноќ бев гласот на илјадници слични нераскажани приказни. Кога велам нераскажани, мислам на сите оние девојки на кои им се случило истото. Замислувам, има слични со уште потрагични завршетоци. Молчеа, не зборуваа. Затоа што веројатно немале простор. Секоја жена и девојка носи приказна со себе. Кога ги слушаме, сфаќаме колку навистина е горчлив светот и дека таквите луѓе се меѓу нас. Ваквите простори ќе ја подигнат нашата свест.
Колку е навистина потребна меѓусебна поддршка за да се избориме со неправдите и со сопствените несигурности наметнати од нереалните и традиционалните општествени очекувања?
Мислам дека како општество треба да се справуваме со реални проблеми. Да излеземе од рамката на водечките кампањи на социјалните мрежи и на таа некоја лажна феминистичка борба за правата на жените и девојките. Ова го кажувам затоа што за време на мојата работа како фоторепортер имав можност да патувам на неколку места што се на не повеќе од 40 километри од Скопје и кои се тотално изолирани. Болно е да се види како млади девојки не одат на училиште, како млади девојки на моја возраст се мажат без нивна волја или се жени „чуварки“, кои со години чекаат нивните сопрузи да се вратат од печалба. Овие жени без никакви елементарни права живеат во наша близина, но ние не ги гледаме. Борбата за правата на жените и девојките, буџети и проекти наменети за таа цел, се централизирани само во круговите каде што се одвиваат феминистичките движења. Обично во градот и на социјалните мрежи. Има многу девојки и жени на кои им е потребна поддршка. За оние жени и девојки кои ги запознав се чувствував одговорна, за тоа што сметам дека како општество и како држава не сме им помогнале да се интегрираат во општеството.
Освен борбата што ја водите за авторските права, често споделувате мислења и за разни теми и неправди, проблеми што се случуваат во нашата земја. Дали некогаш сте биле дискриминирана на каква било основа во текот на вашата работа? Колку родовата еднаквост е застапена меѓу фоторепортерите во Македонија?
Во однос на полот, ако се вратиме назад, во Македонија секогаш имало многу малку фоторепортерки. Затоа што е дефицитарна професија, бројот постепено се намалува. Ако пред три години бевме шест фоторепортерки, сега сме само три. Во нашата професија, во однос на нашите машки колеги, постои позитивна дискриминација. Ми се чини дека мажите се најдискриминирани во нашата професија. На мене, како фоторепортерка, ми е полесно да влезам некаде на терен отколку на моите колеги мажи. Ним често им ја отежнуваат работата само затоа што се мажи, додека со нас имаат многу поинаков пристап.